Интервјуа

Интервју со господин Зоран Џорлев, генерален менаџер на националниот ансамбл „Танец“

Македонскиот фолклор претставува неисцрпна и постојана инспирација за голем број творци на уметнички дела. Фолклорот произлегува од народот, од неговото секојдневие и поради тоа секогаш е свежа и богата основа за нови творечки изрази. Тоа, пак, укажува на неговиот карактер како трајна вредност.

понеделник, 01 февруари 2016

Марили: Господине Џорлев, монографијата „Танец - душата на Македонија“ ја издадовте по повод одбележувањето на јубилејот - 65 години постоење и работа на ансамблот. Дали „Танец“ успева и денес да го негува длабокиот творечки дух и да создава нови дела, нови кореографии што повторно ја восхитуваат публиката?
Џорлев:
Во јубилејната година беа изведени повеќе концерти, беа реализирани ревии на носии, а имаше и други видови презентации на македонската традиција. Ја издадовме и монографијата „65 години ’Танец’ - душата на Македонија“. Длабокиот творечки дух, секако, постојано е присутен и во текот на овие години беа создадени нови кореографии, вокално-инструментални обработки, при што беа обновени и голем дел од постарите кореографски и вокално-инструментални изведби. Сето тоа на задоволство на почитувачите на „Танец“ и на неговата дејност, всушност, на почитувачите на македонската традиционална песна и игра.

 Марили: Ќе ја истакнам изјавата на господин Тејлор, претседател на жирито на фестивалот одржан во Ланголен во 1950 година, во однос на наградата на „Танец“ како најдобра игроорна група, кој рече: „Македонската група даде јасно сурова игра, откината од најдлабоките народни пазуви, во која не се виде никаков допир на индивидуална уметничка рака. Таа игра е доказ дека таму живее народ со висока култура“. Според Вас, колку денес се работи на тоа да се промовираме како народ на кој му е призната висока културна вредност уште пред повеќе од половина век?
Џорлев:
Не толку колку што би требало и колку што заслужува народната уметност. На тој процес треба да му се посветат повеќе фактори за да се постигне едно повисоко ниво на едукација и запознавање со убавината и со значењето на традиционалната уметност. „Танец“ е еден од факторите што непрекинато работат на остварувањето на таа цел, промовирање на македонската култура, на македонската традиција, одржувајќи концерти на кои се изведуваат музика, песна и кореографии што ги прикажуваат битието и историјата на македонскиот народ. Сепак, со задоволство можам да кажам дека во последниве години голем интерес за македонската народна уметност покажуваат младите што сакаат да го изучуваат македонскиот фолклор, така што се запишуваат на соодветниот отсек во средното и во високото образование.

Марили: Пред да дојдете на раководна позиција во „Танец“, Вие бевте ориентирани кон зголемувањето на популарноста на отсекот за фолклор во средното музичко училиште „Илија Николовски - Луј“ со кое, исто така, управувавте. Колку и како треба да се работи на популаризацијата на нашиот фолклор, на народната песна, орото меѓу младите воопшто?
Џорлев:
Една од првите задачи што си ги поставив како директор на ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ беше да го обновам фолклорниот отсек што се наоѓаше во фаза на распаѓање. Не само што не го укинавме овој отсек туку беше посебно промовиран како отсек за традициски играч-пејач. Интересот за упис на овој отсек особено се зголеми со претставувањето на неговата работа пред пошироката јавност, како на самостојните концерти во организација на училишниот центар, така и во забавните емисии „Зајди, зајди“ и „Зора зори“, а јас бев нивни водител и реализатор. Еден дел од овие емисии ѝ беше посветен на едукацијата на младите, а професорите и учениците од отсекот за традициски играч-пејач ја претставуваа македонската традиција, исполнувајќи традиционални ора, песни и прикажувајќи ги македонските обичаи. А учениците што завршуваа на наведениот отсек во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ добија можност да го продолжат своето образование на новоотворениот отсек за етнокореологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Марили: За високата уметничка вредност и за тоа што претставуваат изведбите на нашите фолклорни песни говори една мисла на Рацин: „Сето она што не можело слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната“. Постои ли денес интерес да се анализираат нашиот фолклор, орото, песната, обичаите како инспирација за создавање нови уметнички дела?
Џорлев:
Македонскиот фолклор претставува неисцрпна и постојана инспирација за голем број творци на уметнички дела. Фолклорот произлегува од народот, од неговото секојдневие и поради тоа секогаш е свежа и богата основа за нови творечки изрази. Тоа, пак, укажува на неговиот карактер како трајна вредност.

Марили: Што опфаќа функцијата прв човек на „Танец“? Како се прави изборот на таленти што би биле професионално ангажирани во националниот ансамбл?
Џорлев: Да се биде прв човек на установа што постои 65 години, во чие работење свој придонес дале голем број уметници, познавачи и почитувачи на македонската традиција, секако, е чест, но и голема одговорност. Во обврските на носителот на оваа функција спаѓаат голем број разновидни активности, а резултатот од нив треба да бидат успешно спроведената програма и успешно реализираните настапи. Ансамблот „Танец“ е национална установа и, како единствена од ваков вид во Република Македонија, ги вработува членовите на ансамблите -оркестар, игроорен кор и пејачки кор) по пат на аудиција. Значи, изборот на таленти што би биле професионално ангажирани секогаш оди преку аудиција на која младите уметници се трудат да ги покажат своите знаења и способности.

Марили: Што значи да се биде професионален игроорец, изведувач на музички дела во „Танец“? Каков е нивниот работен ден кога немаат настапи и колку беше ангажиран ансамблот во јубилејната година?
Џорлев:
Како човек што со децении е на сцената во улога на изведувач, сметам дека денот кога професионалниот уметник нема настап треба да биде исполнет со индивидуална подготовка заради одржувањето кондиција што е неопходна за квалитетна изведба. Таков е и денот на професионалниот игроорец, на изведувачот на музички дела во „Танец“. Во јубилејната година од постоењето и работењето на ансамблот „Танец“ беа реализирани повеќе од 70 настани, беа одржани концерти, ревии, промоции и други активности. За да се реализира толкав број настани, покрај другото, беше неопходна максимална физичка подготвеност на целиот ансамбл.


Марили: Кои новини ги воведовте со доаѓањето на оваа позиција во ансамблот? Колку признанија и награди сега се изложени во спомен-собата?
Џорлев: Како позначајни активности би ги спомнал средувањето на архивата што опфаќа податоци од концерти и од други настапи во земјата и во странство, нивно дигитализирање, збогатување на таа архива со видеоснимки од концертите и од настапите на „Танец“, накратко кажано, средување и збогатување на уметничката архива што зборува за дејноста на оваа установа. Според моето мислење, ова е еден од најзначајните аспекти од работењето на „Танец“ на кој треба да се обрне внимание, пред сè, заради едукација на новите генерации. За континуиран квалитет во работењето, секако, неопходна е млада сила, млади уметници што ќе созреваат учејќи од повозрасните и од поискусните колеги, поради што се реализирани 35 нови вработувања. Како новина би ја спомнал и спомен-собата во која се изложени голем број награди и признанија што ги добил „Танец“ во изминатите 65 години, одлуката со која е формиран како државен ансамбл во далечната 1949 година, рекламните материјали од настапите, како и други материјали како потсетник на неговите успеси.

Марили: Настапите на „Танец“ во дијаспората се посебно значајни за подигнувањето на духот на нашите луѓе на кои им ги враќате спомените за родниот крај со Вашите изведби? Какви се плановите во оваа насока за годинава?
Џорлев:
Секој контакт со Македонците од дијаспората значи нивно навраќање на корените. Љубовта што ја чувствуваат кон својата традиција се гледа и во активностите на разни здруженија и друштва во кои ги негуваат македонската песна и игра. „Танец“ секогаш е подготвен за настапи пред нашите луѓе во дијаспората, а во зависност од финансиските можности ќе се реализираат и плановите во таа насока.
 

Содржината е прочитана 1376 пати.