МАКЕДОНИЈА

Поквалитетен планински туризам во Маврово

Организирање подобри и поквалитетни планински тури со локални, едуцирани и обучени водичи кои најдобро ги познаваат патеките и природните богатства на Националниот парк Маврово, е целта на Договорот што вчера го потпишаа директорот на Националниот парк Маврово Онер Јакуповски и претседателот на Здружението на водичи во планина „Апленд Доживување“ Фејсел Идризи.

четврток, 21 јануари 2016

Организирање подобри и поквалитетни планински тури со локални, едуцирани и обучени водичи кои најдобро ги познаваат патеките и природните богатства на Националниот парк Маврово, е целта на Договорот што вчера го потпишаа директорот на Националниот парк Маврово Онер Јакуповски и претседателот на Здружението на водичи во планина „Апленд Доживување“ Фејсел Идризи.

Договорот воедно предвидува можности за отворање нови патеки и креирање нови туристички содржини што би превлекло поголем број туристи. Со него, покрај ексклузивното право за користење на детската патека Бунец на која ќе се организираат и спроведуваат детски планински тури, „Апленд Доживување“ доби право и за користење на планинарските патеки, а се обврза и да ги одржува и да се грижи за сигнализацијата заедно со вработените во Националниот парк Маврово.

- Со овој Договор, влегуваме во партнерски однос со кој на планинските туристи во Маврово ќе им понудиме подобро одржувани и подобро означени патеки, но и подобри услуги од обучени и локални водичи од здружението. Се надеваме дека со оваа соработка ќе се зголеми квалитетот на планинските тури во Маврово, но исто така ќе се зголеми и бројот на планински туристи, изјави Јакуповски.

Договорот, додаде, претставува нов почеток - спроведување на законските обврски предвидени за едно вакво заштитено подрачје од една страна, и од друга, поттикнување на приватниот сектор преку системски уредена обврска да се реши начинот на водење туристи во Маврово.

- Овој Договор е од големо значење и со него, се надевам, ќе овозможиме подобра соработка и подобри услови за идните туристи, рече претседателот на здружението на водичи во планина „Апленд Доживување“ Идризи.

Според него, Договорот значи интензивирање на соработката меѓу водичите и одговорните за Националниот парк што ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите за планинските туристи.

Туристичкиот информативен центар на Национален парк Маврово ќе адаптира работен простор за состанување и континуирана работа на групата за менаџмент на дестинација од Маврово. Сите работни алатки и мапи на проток на туристи ќе бидат поставени и видливи за сите што имаат предлог-идеи за развој и подобрување на туристичката услуга во Маврово. Инфо центарот на Национален парк Маврово ќе биде точка каде туристите и бизнисите ќе може да се информираат за плановите за сезоната, календарот на настани во сезона, плановите за развој на активниот туризам и што од ова е веќе достапно во Националниот парк.

Годинава, скијачката сезона во Маврово беше отворена на 14 јануари и вторпат бизнисите подготвија календар на настани кој може да се види на социјалните мрежи, флаерите во магазините и банерите.

Соработката меѓу Националниот парк Маврово и Апленд почна со отворањето едукативната детска патека во Маврово.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 1127 пати.