Интервјуа

Интервју со г-ѓа Асмира Кочан, извршна директорка во „Трансмет“

Во големите компании на секој поединец му е тешко да се бори за своето место, но ако сакате да имате интегритет врз поединецот, тогаш ќе мора да се работи на квалитетите што не зависат од полот, бидејќи човечкото дејствување зависи од заемната поставеност. Менаџерските способности не успеваат секогаш ако се применуваат само надменост и супериорност, ако ги нема човековите вредности и едноставноста во менаџирањето со луѓето, односно ако сѐ е вештачко и со краток рок.

среда, 20 јануари 2016

МАРИЛИ: Како дојде до тоа како дипломиран филозоф да почнете кариера во секторот градежништво?
КОЧАН:
Ни на сон не помислував дека својата кариера ќе ја градам во секторот градежништво. Филозофијата е мојата вокациска надградба и благодарејќи на мојот ментор, генералниот директор на „Трансмет“ г. Сеад Кочан, мојот сопруг, ги учев најдобрите практични вежби за успешно менаџирање. Како врвен спортист што не би можел да успее без професионален и успешен тренер, така и јас ја градев мојата приказна во секторот што за многумина е „машки“. Во моментот кога решив да станам дел од ова огромно Друштво за градежништво, имав визија за тоа што треба да направам. Како што велат, среќата ги фаворизира храбрите, па така за краток период застанав на позицијата директорка на Секторот за општи и правни работи во „Трансмет“, компанија што во тоа време остваруваше голем број различни активности и експанзија на градежниот сектор. На почетокот сѐ ми изгледаше далечно и непознато, но, како што напоменав на почетокот на разговорот, јас можев многу да научам, да бидам поддржана, а во даден момент и да преземам иницијатива за многубројни задачи. Имав и задача да ги совладам сите предизвици и препреки, да се здобијам со алатки што требаше да бидат мое оружје, а сега и штит на генералниот директор во водењето на семејниот бизнис. Предност ми е што сум филозоф по вокација и една од подобрите алатки во овој бизнис-сектор ми се комуникациските вештини. Образовната надградба, како и познавањето на делот односи со јавноста и на бизнис-стратегијата спаѓаат во „орудијата“ со кои ја водев битката, внатрешно и надворешно. Моето специјализирање во областа на градежништвото се покажа како добра основа за да можам да ја преземам улогата на стратегиски менаџер во фирмата. Оваа позиција ми овозможува секогаш да му бидам потпора на генералниот директор г. Сеад Кочан, при што постојано се водам од ставот дека успешноста на тимот е во заемната поддршка и поткрепа. Денес цврсто стојам зад секоја одлука и проект, верувам во максимата дека зад успешен маж стои цврста, решителна, борбена и успешна жена. Тврдам дека големината и успешноста на еден маж многу зависат од семејната поддршка и од умешноста на жената да застане зад него, да се борат заедно со предизвиците, без оглед дали тоа е на деловен или на приватен план.

МАРИЛИ: Според Вас, кои вештини треба да ги поседува секоја жена што сака да работи во градежниот сектор?
КОЧАН:
За секој што работи во овој сектор, без разлика дали е жена или маж, важно е да поседува пасија кон работата, одлучност, како и целосна посветеност, пред сѐ, на личен развој и развој на својот тим. Денес градежниот сектор е во подем и се развива со огромна брзина, постојано се менуваат процесите и се надградуваат, се појавуваат нови технолошки откритија, а сето тоа бара постојано фокусирање кон стекнување нови знаења и вештини.
Конкретно би навела неколку вештини што треба да ги поседува секој менаџер, а тоа се: посветеност, стручно усовршување, иновативност и постојан напредок. Стручното подобрување е многу потребно во овој сектор бидејќи тоа што важело како добар процес или технологија пред неколку години, најверојатно, денес е во категоријата на нештата што ни го забавуваат работниот процес и нѐ прави помалку конкурентни.

МАРИЛИ: Велат касмет е да работиш во своја компанија, односно компанија што веќе дваесеттина години е градена од семејството Кочан. Дали воопшто станува збор за касмет или е во прашање успешна организациска поставеност, каде што нешто најважно е изборот на квалитетот?
КОЧАН:
Во денешно време секоја компанија мора да ги оствари своите цели за да опстане во бизнисот, особено кога станува збор за сопствена компанија. Од пресудно значење е да се биде и да се остане конкурентен. Сметам дека не е важно дали работите во сопствена компанија или во компанија на работодавец, на менаџерот му се даваат задача и цели, а негова е одлуката да го состави својот тим. Повторувам, во денешно време се битни резултатите и односот кон работата. На пазарот на трудот постои огромен број висококвалификувани луѓе. Има многу добри професионалци и амбициозни талентирани лица, така што конкуренцијата на пазарот на трудот е многу голема. Според тоа, очигледно е дека е важно да се биде на вистинско место во вистинско време, но тоа е бескорисно без стручноста и вештините што се бараат. „Трансмет“, дефинитивно, е компанија во која прво предвид се зема квалитетот на луѓето, односно тука се ценат работата, посветеноста и лојалноста. Во тој поглед „Трансмет“ како компанија и јас како извршна директорка првенствено бараме најдобри работници што можат да ги остварат нашите цели.
Можеби е фер да се каже дека секој не е подготвен да прифати големи обврски.

МАРИЛИ: Оваа година го добивате признанието за жена менаџер на годината. Кажете ни колку напор и жртва се потребни за да се добие оваа престижна награда?
КОЧАН:Во текот на професионалната кариера како извршна директорка во компанијата секогаш повеќе сум им придавала важност на успесите и на признанијата на „Трансмет“. Нема поголемо признание од тоа кога компанијата ќе биде прогласена за супербренд, најдобра компанија или компанија со општествена одговорност, бидејќи ние функционираме како „фудбалски тим“, односно за нас е многу поважно тимот да победи на терен од тоа кој ќе го даде потребниот гол. Да се добие признанието „Менаџер на годината“, секако, е од голема важност и претставува потврда за мојот вложен труд, но сигурно би ја немало наградата, ако зад мене не стои професионален тим за кој со години се борам да го изградам и да го зачувам. Отсекогаш воспоставувам соодветно ограничување на професионалните односи заради техничките аргументи во комуникацијата и заради одржување на конзистентноста на моралниот интегритет и самодоверба. Во големите компании на секој поединец му е тешко да се бори за своето место, но ако сакате да имате интегритет врз поединецот, тогаш ќе мора да се работи на квалитетите што не зависат од полот, бидејќи човечкото дејствување зависи од заемната поставеност. Менаџерските способности не успеваат секогаш ако се применуваат само надменост и супериорност, ако ги нема човековите вредности и едноставноста во менаџирањето со луѓето, односно ако сѐ е вештачко и со краток рок. „Трансмет“ ми даде можност да ја реализирам својата јасна визија и стратегија за успешен тим и во тоа ги вложувам сета своја енергија и ентузијазам. Ова е моја прва работа и бев свесна за тоа што ми е дадено, имено огромна можност за себедокажување и шанса да се изборам за место во овој „машки“ сектор. Не се штедев во однос на критериумите за успех, имено часови, денови и месеци се вложени во проекти и во дела, така што и успехот е реален. Од година во година друштвото, полека но сигурно, се градеше и ја заземаше позицијата на компанија што е препознатлива според својот квалитет, исполнителност и навремено услужување на своите клиенти. Нашето мото „Ние го обновуваме минатото, ние ја обновуваме иднината“ стана реална потреба за сите нас. Во изминативе 20 години постоење „Трансмет“ има добиено повеќе награди и признанија, како што се Плакета за општествено одговорна компанија за 2014 година во категоријата Заштита на животната средина, Бронзен поддржувач на Црвениот крст на РМ, Супербренд за 2013/2014 година, Супербренд за 2015/2016 година итн. Минатата година беше добитник на Меѓународната награда за градежништво за 2014 година.

МАРИЛИ: Како изгледа еден Ваш работен ден?
КОЧАН:Јас сум ранобудник, а никогаш не легнувам пред полноќ. Во текот на денот никогаш не се одморам, бидејќи имам голема количина енергија. На работа доаѓам во исто време со вработените во администрацијата. По утринското кафе веднаш секторски ги организираме работните задачи и ги договараме насоките за тоа што треба да се реализира во текот на денот. Јас сум трудољубива личност и моето менаџирање не подразбира само доделување работни задачи и нивно контролирање, туку активно учествувам во голем дел од нив, тука сум секогаш да помогнам во која било работна задача и тимски да ја изработиме најдобро што е можно. Задоволна сум тогаш кога ќе го видам задоволството на вработените. Некој ќе се праша како се постигнува сето тоа, но сѐ е лесно и едноставно кога се работи со љубов и исполнителност.

МАРИЛИ: За Вас колегите ќе речат... Жена што секогаш има позитивна енергија, со борбен и ведар „детски“ дух, голем оптимист, насмеана и секогаш тука за да помогне и „машки“ да се соочи со проблемот и да се решат сите предизвици.
КОЧАН:Верувам дека мојата ведрина и насмеано лице се резултат на генетиката. Со цело срце ги сакам животот и луѓето, а и покрај годините успеав да го спасам и да го зачувам детето во себе, тоа што не заборави да си игра. Оптимизмот треба да се разбере како подготвеност да се борите кога работите не се такви какви што би сакале да се. Не станува збор за тоа дека не треба да гледате лоши работи, не велам дека ќе немате тешки денови и моменти, треба само да верувате дека можете да ги менувате нештата, да се борите со нив и да истраете тогаш кога е најтешко.
Секогаш на ум треба да ги имате овие две изреки: „Во добро е лесно да се биде добар, на мака се познаваат храбрите“ и „Во добро не воздигнувај се, а во лошо не понижувај се“.
Не треба да заборавиме дека среќата е субјективно искуство. Во секоја тешка ситуација имате само две опции: или да се самосожалувате или да се борите и да продолжите понатаму. Јас секогаш ја избирам втората опција, бидејќи верувам дека не постои безизлезна состојба, има само луѓе што во некои ситуации се чувствуваат безнадежно.

МАРИЛИ: Дали имате некоја неисполнета желби во бизнисот и во приватниот живот?
КОЧАН:Ако едно утро се разбудам без да имам некои неисполнети желби на кое било ниво, тогаш ќе помислам дека веќе не сум жива. Желбите се потребниот поттик и инспирација. Патувањата се мој неисцрпен предмет на желба и, да, се радувам кога тие се претвораат во реалност, се разбира, толку колку што тоа ми го дозволуваат времето и работните обврски. Особено им се радувам на посетите на моето семејство во Сараево, тоа е мојот извор на енергија, таму се полнам со позитивна енергија, таму си ја стоплувам душата. Реално сум голем оптимист и верувам во чуда. Затоа ваквите желби ми се поттик за себеводење. Ако човекот нема желба за нешто, тогаш и не тежнее кон нивно реализирање и борба за спроведување.

Во однос на бизнис-планот, желба ми е акумулираното знаење на младите да добие можност каква што имав и јас пред многу години. Жените, особено во секторот градежништво, треба да покажат и да докажат дека ова не е само машки свет, бидејќи верувам дека тоа е од суштинско значење за градежната иднина. Јас не сум човек што многу планира, всушност, се согласувам со Вуди Ален кој вели: „Ако сакате да го засмееше Бога, само кажете му ги вашите планови!“ Но, се разбира, јас имам храброст да ги следам своето срце и интуицијата што е добар показател и успешна алатка, а кога ви се совпаѓаат плановите и желбите, мора да најдете сили да ги следите и да ги имплементирате.

МАРИЛИ: Колку е тешко да се биде успешен менаџер, но и да се одговори на семејните обврски? Имате ли хоби, пасија со која го исполнувате слободното време?
КОЧАН: За жените менаџери, исто така, многу е важно до кој степен имаат поддршка од семејството. Ако семејството не може да ѝ даде поддршка на жената за таа да биде успешна во својата кариера и во исто време да биде добра сопруга и мајка, тогаш за неа е многу потешко. Поради тоа, голем број амбициозни жени одлучуваат да останат сами, бидејќи не можат да ја најдат вистинската рамнотежа. Јас немав таков проблем. Секогаш сум ја имала и сѐ уште ги имам потребната поддршка и разбирање. Постојано тврдам дека колку и да се големи професионалните обврски, не треба да трпат семејните обврски. Не пропуштам важни настани, родендени, семејни веселби, дружења, затоа што за мене семејството и пријателите се нешто свето и тие секогаш имаат приоритет.
Јас сум горда мајка на две прекрасни дами. Особено ме радуваат заедничките моменти со сопругот и двете ќерки. Ние знаеме, онака непланирано, да одиме в кино, на театарски претстави или на концерти. Често се случува да одиме и на куглање или на тенис. Секој ден во вечерните часови приготвувам ручек за следниот ден. Имам свој мал ритуал на пиење кафе со пријателите што го применувам секојдневно, при што постои добра заемна размена на позитивна енергија и добра мисловна гимнастика. Никогаш не го исклучувам мобилниот телефон, затоа што сакам постојано во текот на денот да бидам достапна за комуникација со вработените, пријателите или со семејството. Со неколку збора, рецептот за задоволна жена е едноставен - вистинска мера за сите нешта и рамнотежа меѓу работата и приватниот живот.

 

Содржината е прочитана 5113 пати.