Интервјуа

Интервју со г. Зоран Мартиновски, шеф на Канцеларијата во Македонија и во Црна Гора на ИФЦ и претседавач на Македонскиот економски самит, член на бордот на „Македонија 2025“

Јас не би ги дефинирал индустриите за иднината на Македонија по номенклатура, туку би рекол - сè она што се прави во Македонија, производи, индустрии и услуги да биде со додадена вредност, но со суштински додадена вредност. Направете бренд, на пример, македонски домат, па макар и да се продава еден по еден. Кога ќе исечете домат во Мрзењци, во Гевгелија, обично, велите: Леле, каков домат! Е тоа е ефектот што треба да го постигнете. Да бидете поразлични, затоа што кога сте различни, можете да ставите каква цена и да посакате. Не сте споредливи со ништо друго. Би рекол дека колективно треба да работиме на изградба на нова Македонија, на елитна Македонија, Македонија во која постои победнички дух.

вторник, 12 јануари 2016

МАРИЛИ: Господине Мартиновски, Вие сте личност со успешна приказна на деловен план, но и на приватен. Кажете ни нешто повеќе за Вас, каде го минавте детството, каде се школувавте и каде го надградувавте високото образование?
MАРТИНОВСКИ:
Роден сум во Скопје, пораснав во овој град, тука се школував, Скопје е мојот град, тука одев во основно училиште и во гимназија. Се запишав на Економскиот факултет, завршив во редовен рок, а во текот на студиите постојано сакав да градам кариера во меѓународниот бизнис и уште во тоа време, и покрај тоа што финансиите ми беа, така да кажам, втора љубов, сепак, предност им дадов на студиите поврзани со надворешен промет, тогаш така се викаа, или меѓународна трговија. Во меѓувреме, преку студентските организации, го направив првиот исчекор во корпоративниот свет, почнав да работам во маркетингот во „Ефес Пилсен“, најголемата пиварница во Турција, а подоцна работев и во Холандија во агрибизнис-секторот во индустријата за храна. Тогаш овде се запишав на постдипломски студии, се вратив во Македонија и се вработив во најголемата, во тоа време, извозно-узвозна фирма „Технометал Вардар“, каде што работев во еден од поголемите сектори, во секторот за црна металургија. Тоа беше навистина школа за меѓународен бизнис. Во „Технометал Вардар“ не останав долго, желбата за новини ме однесе од црната металургија во текстилниот бизнис. Добив можност да водам една австриска фирма во Македонија, со претставништво во Скопје, која ја покриваше територијата на поранешна Југославија и така влегов во трговијата со текстил и со текстилни производи уште на возраст од 25-26 години. И тоа го работев сѐ до распаѓањето на Југославија, а тогаш се смени светот. 

Во тие години влегов во нови води, го открив претприемаштвото што постоело во мене, па за неколку години успешно се справив со тој тежок период. Бев застапник на големата италијанска фирма за џинс „Rifle“ („Рифле“), каде што успешно работев неколку години. Потоа почнав да работам за една германска консултантска фирма, на еден од првите развојни проекти во Македонија. Тоа беше проект на владата на Северна Рајна Вестфалија за развој на претприемаштвото. Во таа далечна 1996 година тоа што беше мој „излет“, стана основа на мојата сегашна преокупација, а тоа е економскиот развој. Работејќи за таа консултантска фирма сфатив што треба да има човек како знаење и вештини за да може во денешно време да биде успешен во бизнисот, без оглед дали како консултант, дали како носител на бизнисот, дали како претприемач. Сфатив и дека со економскиот факултет имам одредена база, но и дека имам уште многу да учам. И разбрав дека континуираното учење е предуслов за успех во животот и дека учењето не престанува со дипломирањето, туку дека тоа, можеби, е само почеток. Конкурирав во угледната програма за магистерски студии „Рон Браун“ во Америка, тоа е програма на американската влада, која е многу селективна и престижна, и ја добив стипендијата. Тоа се случуваше во 1997 година. Ова ми беше голем предизвик, како на професионален, така и на личен план. Веќе бев оженет и имав две деца. Добивањето на стипендијата значеше да го оставам бизнисот, да се откажам од приходите што ги имав, практично на сопругата да ѝ го препуштам водењето на семејството и грижата за децата, а јас да заминам за Америка. Не знаев што да очекувам, но некако чувствував дека тоа е она вистинското, како за мене, така и за целото семејство. На почетокот седум-осум месеци бев сам во Америка, а потоа ми се придружија сопругата и децата. Тоа беше многу тежок период и за мене и за нив, но се покажа дека вредеше жртвата. Тогаш имав 33 години. Не беше едноставно, оставив пристојна заработувачка и кариера, но поголема беше желбата за натамошно учење и надградување и откривање на светот. Студискиот престој во Америка, кој траеше повеќе од две години, ми отвори сосема нови хоризонти. Добив можност да студирам на престижниот американски Универзитет во Кентаки.

Факторот среќа е многу битен, но сами треба да го подготвите теренот за среќата. Желбата за успех служи како гориво и за да се надминат и најголемите кризи. Овде имав многу удобен живот и најблиските ме прашуваа зошто го правам ова. Јас верував во тоа дека ја правам вистинската работа. Во менаџментот има два концепта - лошите менаџери ги прават работите точно како што треба да ги направат - „doing the things right“, а добрите менаџери велат „they do the right things“. Тука има суштинска разлика. Сѐ што правев дотогаш беше в ред, но ова беше нешто друго и мислев дека тоа е вистинското.
Одите кон портите на новите хоризонти само ако сте подготвени да влезете таму.


Во текот на студискиот престој во Америка имав можност, освен на основните студии во Кентаки, да посетувам и една специјалистички подготвителна програма за МБА- студии на еден исклучителен универзитет, на значајниот институт „Болдер“ во Колорадо. Во меѓувреме, паралелно со студиите, работев за три врвни американски компании. Не прашувајте ме како го постигнував тоа, сопругата ме прашуваше кога ќе спиеме, а јас ѝ одговарав кога ќе се вратиме во Македонија. Добив престижна позиција во „Филипс“, односно во најголемиот истражувачки центар на компанијата „Филипс“ во Њујорк, каде што работев во делот на бизнис-стратегијата. Тоа беше незаборавно искуство. Таму имав можност да се запознаам со процесот на откривање нови технологии. Во овој центар работат неколку стотини луѓе, околу 500, има научници од цел свет, но и група луѓе што немаат технолошки бекграунд, туку лица како мене, кои работат во областа на финансиите, стратегиите, односно ние развивавме стратегии како да се комерцијализираат тие врвни технологии. Дел од тие технологии вие не можете да ги видите и ден-денес, но постојат. За мене тоа беше нов свет каде што морав да ја вложам целата своја интелектуална енергија за да се справам со предизвиците, бидејќи буквално почнував со учење на азбуката. Тогаш научив една работа. Имав прекрасен ментор, една госпоѓа со која сè уште сум во менторски однос. Таа ми кажа работи што и денес ги применувам во својата работа. А тоа е следново: во денешното море на науки, информации итн., вашата основна едукација ви дава само база и комфор, ви дава верба дека вие можете, дека знаете да учите. Но суштината, патот кон успехот во денешниот свет на информации, новини, е во брзото учење. Да се обидете да го извлечете суштинското од комплексните ситуации, да знаете што е суштината, она „КОР“, бидејќи сето друго се гради околу суштината.
Тоа беше незаборавно искуство што ми даде кураж во наредните години да се справам и со најтешките предизвици во работата. Благодарејќи на таа работа понатаму добив и една друга работа во компанијата „Лексмарк“. Тоа е поранешен дел од „ИБМ“ (Ај-Би- Ем), каде што работев во делот на „competitive analysis“ или конкурентска анализа во делот за меѓународен маркетинг и тоа ми беше незаборавно искуство. По дипломирањето во Америка се најдов на крстопат - каде понатаму. Тогаш имав повеќе опции - за останување во Америка и за враќање во Европа, а Македонија навистина не ми беше опција. Ќе ви кажам што ме врати во Македонија. Тоа се случи еден преубав ден, една сабота во Њујорк. Јас, сопругата и моите две мали деца (сега големи момчиња) се возевме со брз глисер околу заливот во Менхетен, адреналинот ни беше скокнат до максимум, сите бевме озарени, водата нè прскаше, воздухот прекрасен... Спроти мене седеше мојот помал син кој, за разлика од нас, е поинтровертен. Го прашав: Мартин, сине, убаво ли ти е? А тој ми одговари: Убаво ми е, ама поубаво ми е со кајче во Охрид. И тоа ме тресна од земја. До ден-денес се наежувам и од помислата на тоа. Американците имаат една изрека: „There is no place like home“. Тогаш со жена ми само се насмевнавме и си рековме: Децата ќе бидат среќни таму каде што и родителите ќе бидат среќни со нив. Бидејќи ние како родители одлучуваме за нив. Покрај атрактивните понуди да останам да работам за „Филипс“ во Њујорк или да одам да работам за компанијата во Силиконската долина, бев и на интервју во нивната централа во Холандија. Одлучив да работам за нив, но поблиску до дома, во Виена. Ја прифатив работата во Виена, но додека чекавме да се завршат процедурите со визите, почнав да работам во ИФЦ, мислејќи дека тука нема да останам повеќе од неколку месеци. Но, знате, во животот се случуваат многу работи. Така работејќи за ИФЦ повторно се вратив во областа на економскиот развој. И патот ме однесе на некои простори на поранешна Југославија од каде што доаѓам и јас. Јас го сакам Балканот и до ден-денес сум фасциниран од него. Ништо не ме фасцинира толку како Балканот. Мојата работа ме однесе низ цел свет. Работејќи за ИФЦ отидов секаде, од Перу, Андите, Мачу Пикчу, преку Кенија и саваните во Африка, Блискиот Исток, пустината во Египет, па до Индија. Убавината да се работи во ваква организација е во тоа што со неа ви се открива тој поинаков свет. Тоа не е корпоративниот свет на Менхетен, поинаков е, но е интересен. Работев и сè уште работам на развојни проекти, како на инвестиции, така и на проекти од советодавен карактер, во Србија, Босна, Косово, Албанија, Црна Гора, каде што сега сум кантри-менаџер, повремено и во Турција, Бугарија итн. Сето тоа ме исполнува. Имено, веќе 15 години сум во оваа организација, од кои 13 години како прв човек во земјава. Во меѓувреме имав можност да завршам одредени елитни школи, на „Харвард“ завршив егзекутивна програма на Кенеди School, потоа бев на едномесечен престој во Јапонија, во Нагоја, во институтот што соработува со компанијата „Тојота“, во Италија ги учев основите на модерните теории за развој на претприемаштвото, во Канада ја завршив програмата „Шулиг“ на Универзитетот „Јорк“, тоа е една од најдобрите програми за егзекутивен менаџмент во светот итн.

МАРИЛИ: Како одлучивте да дојдете во Македонија и која беше Вашата цел? Колку време сте овде и на кои тековни проекти работите сега како дел од ИФЦ?
MАРТИНОВСКИ:
Во првите пет години од кариерата бев ангажиран за да ја водам програмата за советодавни услуги на ИФЦ што се викаше „Seed-Southeast Europe Enterprise Development ee inside in Europe“. И оттогаш, како шеф на Канцеларијата на ИФЦ, практично сум одговорен за севкупниот бизнис на ИФЦ во земјава. Од крајот на 90-тите години, оттогаш е присутна во Македонија, па досега ИФЦ има инвестирано повеќе од 300 милиони долари во земјава, а јас сум сведок на инвестициите што се реализираат во последниве 10 години. Во текот на овие години, во делот на советодавни услуги, имплементиравме успешни програми во повеќе сегменти. Тука би ги споменал програмата за корпоративно управување каде што клиенти ни се некои од најуспешните македонски компании, пред сè, домашни компании, потоа имавме програма за имплементирање технички стандарди, со цел да се зголеми конкурентноста на извозните компании од Македонија, како од прехранбениот сектор, така и од преработувачкиот сектор, индустријата итн. Имплементираме програма во делот на обновливи извори на енергија итн. Исто така, значајни се и моите активности во Црна Гора. Да споменам, во Македонија сме во улога на трансакциони советници на Владата за некои од најкрупните инфраструктурни проекти, како што се изградба на патишта, на хидроцентрали и друго.

МАРИЛИ: Во ноември 2015 година се одржа и Третиот самит во организација на „Македонија 2025“ што беше исклучително квалитетен. Од оваа временска дистанција, какви се Вашите согледувања за тоа во која насока треба да се движи идниот самит?
MАРТИНОВСКИ:
Во текот на престојот во Америка, како и на патувањата низ светот, насекаде се среќавав со наши успешни луѓе. И тогаш почнав да размислувам како овој потенцијал навистина да се стави во позиција да биде од некаква полза за земјата. Имено, како тие луѓе, нивното искуство, нивниот капитал, контактите, знаењето, мудроста, нивната позиција во тие развиени општества да бидат ставени во некаква функција. Желба ми беше да се вклучам во проекти што би ги опфатиле тие луѓе и би ги преточиле во некаква форма. Имаше една случајна средба со претставник на „Македонија 2025“, со кого имав можност да се запознаам претходно во Америка, па им пристапив на луѓето, дојдов до Мајк Зафировски и, како на основач на организацијата, му реков: Еве, јас не сум надвор, јас сум во Македонија, но сакам и отворен сум да помогнам. Бев на еден приватен состанок на бордот на директори во Њујорк и видов дека тие, прво, немаат сознание, односно немаат добро чувство за тоа кои се приоритетите на земјата бидејќи, сепак, не се овде, второ, дека имаат многу голема желба, но едноставно немаат конкретни проекти со кои би ја реализирале својата желба да ѝ помогнат на матицата. И тогаш прво се зафатив со тоа да го водам образовниот комитет, со цел да помогнам во развивањето на едукативни програми што ќе овозможат новите генерации млади луѓе од овие простори да искористат дел од она што јас имав привилегија да го искористам, така што и до ден-денес тоа е моја главна преокупација во „Македонија 2025“. Но како се роди самитот? Им реков дека ни е потреба некаква платформа, платформа за развој на искуство, знаење, проекти, идеи итн., на која ќе донесеме врвни луѓе однадвор и ќе ги споиме со врвни луѓе од земјава. Исто така, посочив и дека таа платформа треба да послужи за изградба на мостови за соработка, за конкретни проекти што би се развивале како резултат на тоа поврзување.
По презентирањето на оваа идеја, нивниот одговор беше: Да, ако сметаш дека треба да се направи тоа, тогаш направи го. Со ова ми ја фрлија ракавицата. И буквално од ништо го почнав проектот „Глобален инвестициски самит“. Тоа беше името на првиот настан или самитот, нели. Првите два самита беа инвестициски, значи фокусот, пред сè, беше ставен на промоција на инвестициите, на промоција на извозот. Ние го направиме првиот самит што, всушност, беше експеримент, но и голем успех. Навистина, економски настан од светски калибар. Тоа се повтори и со вториот самит на кој промовиравме дел од културата на Македонија, а на него успеавме да донесеме и врвни имиња од светот на бизнисот. Како што ми рекоа... да се пошегуваме, тешко дека некогаш се случило на охридскиот аеродром да слетаат толку приватни авиони во еден ден, значи тоа беше таков профил на луѓе. Тоа се покажа како добар рецепт. Ова беше проверка на тоа дека навистина постои и желба, но и потреба нашите бизнисмени и млади лидери да бидат во можност да ги слушнат новините, светските трендови, а ние им ги донесовме во Македонија. Тоа беше случај како на првиот, така и на вториот самит што се одржа во ноември минатата година. Според зборовите на луѓето што присуствуваа, ова беше настан од светска класа (преовладуваше тој термин), на кој имаше поранешни премиери, светски имиња од делот на претприемаштвото, имавме можност директно да слушнеме како млади луѓе на триесеттина години почнале од ништо и станале милионери. Во некои сегменти имавме и презентери што се најцитирни автори во својот домен, на пример, професорот Хари Кремер од Универзитетот во Келог, во Чикаго, до неодамна претседател на компанијата „Багстер“, една од најголемите компании во светот. Кремер зборуваше на темата лидерство, имено во својата школа тој предава лидерство базирано врз вредности. Присуствуваше и Ника Гилаури, поранешен премиер на Грузија, кој зборуваше за тамошните реформи. Дојдоа банкари од целиот регион, а нешто што особено ми претставуваше гордост беше тоа што се појавија наши млади луѓе, во рани триесетти години, кои се на врвни позиции, кои водат оддели во сериозни компании, како што се „Сименс“, „Панасоник“, „Виз аир“ итн. Треба да се истакне дека навистина беше импозантно да се види дека на вториот ден од конференцијата на самитот, во петок, во 18 часот, навечер, салата е преполна, има 500-600 луѓе што чекаат во ред за да дојдат до потпис. Е тоа е нешто што не се гледа на овие простори. Посебно ми беше драго да слушнам, и да имаме некој „reality check“, а го кажа еден мој пријател, инаку врвен експерт во делот на туризмот, кој беше дојден од Хрватска, дека на овие простори, во Југоисточна Европа, нема ваков настан. Притоа тој додаде: Вие имате уникатна положба како земја, како град, да направите нешто што би бил балкански Давос. Кога ги убедував колегите во бордот, им го реков тоа, односно дека ние како земја имаме одлични предиспозиции да направиме еден мал Давос. Од една страна, несреќната историја натерала многумина да заминат од овие простори, а, од друга страна, создала можност овие луѓе да направат врвни кариери и тие, преку своите мрежи, овде да донесат врвни луѓе, нешто што не можат да го направат другите земји од овие простори. Тоа не може да го направи ниту Словенија ниту, пак, Хрватска. Па, можеби ниту Србија. Ние сме земја со 2 милиона население, а таа има вакви луѓе во светот, значи, навистина има вистинска вредност. Можеби ние не можеме да се натпреваруваме со многу поголеми земји што имаат природни и човечки ресурси итн., но и ние имаме квалитетен човечки потенцијал што ни дава можност преку личниот пример, следните генерации што ќе ги создаваме не може да бидат многубројни, но можат да бидат квалитетни, па така Македонија ќе можеме да ја направиме лулка на знаењето, на образованието, да изградиме простор за нови трансформативни индустрии што ќе го сменат профилот на земјата. Се надевам дека следниот самит, кој ќе се одржи во 2016 година, ќе биде уште поуспешен од претходните три настани. Исто така, се надевам дека ќе успееме да донесеме врвни експерти од светски калибар, вклучително и експерти од нашите простори. Впрочем, тоа беше и поентата, една од мисиите на „Македонија 2025“, да се идентификува македонскиот талент надвор од земјава, да се анимира и да се ангажира на проекти во Македонија.

МАРИЛИ: Дали имате глобални нацрти во која насока би се одвивал следниот самит, имајќи го предвид досегашното искуство, нешто што Ви произлезе како идеја, визија од сите три претходно одржани настани?
МАРТИНОВСКИ:
Мојата лична визија за самитот е тој прво да биде инспиратор, генератор и акцелератор, можеби ова не се најмакедонски термини, на идеи и на проекти. Имено, во текот на самитот луѓето многу зборуваат меѓу себе, па може да се слушне: Да, ова што се прави во Финска можеби може да се направи и во Македонија... можеби искуството што го има Израел ние можеме да го преточиме во Македонија и слично. Присутните постојано разговараат за такви идеи, а самитот како платформа е многу инспиративен. Луѓето се инспирираат во атмосфера што е полна со енергија. Тие се настрана од секојдневната работа и тоа им овозможува да генерираат идеи. И тоа е во едниот дел. Инспирацијата за идеи може да генерира и да кристализира појасна слика за тоа што може да се прави во Македонија, всушност, тоа се инспирацијата, генерирањето, создавањето идеи, што е во вториот дел. А третиот дел е акцелерацијата, значи за да се преточи една идеја во проект потребни се ресурси, ангажман. Акцелерацијата може да дојде на различен начин, односно да се обезбедат фондови, финансирање, поддршка за конкретна идеја. Всушност, на тој принцип функционира и Давос. Па, така и за Македонија, моја визија е самитот да биде токму тоа, да генерира нови проекти и идеи што ќе бидат релевантни за регионот, бидејќи ние не можеме да зборуваме за иднината на земјата, а притоа да ги игнорираме збиднувањата на овие простори, затоа што ние сме и отсекогаш сме биле дел од оваа територија. Мислам дека овој регион, за жал, до ден-денес е премногу фрагментиран и како таков е помалку атрактивен. Македонија може да се вклучи во економската реинтеграција на регионот. Знаете, глобалниот свет се регионализира, помалку се битни улогите на одредени држави отколку на региони. Кога компаниите што сега постојат на македонскиот пазар, поагресивно и похрабро би излегле надвор од овие простори и би ја граделе конкурентноста борејќи се на многу потешки пазари каде што ќе го немаат комфорот што го имаат дома, тогаш сигурно ќе бидат поуспешни и дома и ќе можат полесно да се справат со конкуренцијата што ќе им дојде тука, па ако и тие одат кај неа. Мислам дека во однос на тој домен самитот може да биде промотор на проекти и на идеи за економска реинтеграција на регионов. Една од мисиите на „Македонија 2025“ е да стимулира странски директни инвестиции. Но сосема поинаква приказна е кога вие ја „продавате“ Македонија како дел од еден многу поширок пазар, при што одредена компанија што би дошла во земјава би ја искористила како база за својата експанзија во регионот. Ова особено се однесува на тоа кога настапувате со ваков пич на компании од некои подалечни простори, на пример, од Азија, Африка, Латинска Америка итн.

Поентата беше дека ние, луѓето од овие простори, треба да ги обновиме урнатите мостови на соработка. Можеби на овие простори не нè пречекуваат со отворени раце, но и не нè спречуваат да влеземе, ме разбирате. Никој нема да ве викне токму вас. Можеме да ги искористиме адутите што ги имаме, бидејќи ги знаеме јазикот, културата... Знаете, суштина на бизнисот отсекогаш била, сè уште е и секогаш ќе биде вербата. Вие му верувате на партнерот и тој вам ви верува. Верувате дека добивате квалитет за тоа што го плаќате. Верувате дека другата страна ќе го почитува договорот, односно ќе ви ја испорача стоката или услугата што сте ја платиле во роковите што сте ги договориле итн. И покрај гаранциите што ги земате, честопати повторно основна е вербата. Можете да ги мобилизирате сите гаранции на светот, но не можете да ги предвидите сите ситуации. А вербата, всушност, постои тогаш кога страните ги препознаваат долгорочните интереси. Кога постои долгорочен интерес, тогаш многу помали се мотивациите да се измами партнерот. Еднаш можете да го измамите, но толку е, бидејќи вашиот бенефит се сведува само на таа конкретна измама. Но кога гледате можност за долгорочна соработка, тогаш атрактивноста на долгорочниот интерес ги елиминира, ги фрла настрана сите краткорочни потези што може да одат спротивно од интересите на другата страна. Така денес функционира бизнисот, така функционирал вчера, така ќе функционира и утре. А тоа е важноста на долгорочните интереси. Мислам дека од тоа можат да научат и политичарите... Ние на Балканов секој со секого имаме некаков проблем, особено меѓусоседски. Повторно ќе кажам, ние како регион мора да разбереме дека преку поврзување, преку синергија можеме повеќе, а сите имаме свои долгорочни интереси и тие се многу поголеми отколку некои можни придобивки што би ги добиле сега и на краток рок. Ние, како регион, треба да седнеме, да го ставиме прстот на чело и да речеме доволно е луѓе, доста беше од конфликти, од тензии, дајте да работиме. А економскиот интерес ќе реши и голем број од нашите политички проблеми.

МАРИЛИ: Оваа ескалација со лоша економија, со навлегување на периферни вредности во нашето општество, создаде некаква недоверба кај нашиот народ, па сè повеќе се слуша: ете, веќе нема луѓе. Некако почнавме да мислиме дека само ние сме луѓе, но има луѓе и надвор од Македонија...
MАРТИНОВСКИ:
Би сакал да го споделам своето мислење на тема човекови вредности. Сите луѓе се различни, секој човек е различен. Но има нешто што нè поврзува сите, без разлика на верата, на расата, на возраста. Тешко е човек да остане нормален во овие времиња, бидејќи се наоѓаме на ветромет на секакви струи и влијанија, а ние вредностите ги влечеме, пред сè, од семејството. Како што нè учеле родителите. Тоа што го правеле мајка ми и татко ми станало дел и од мене. Значи, некои концепти што ги учев на „Харвард“, ние порано ги учевме од нашите баби. Од престојот во Америка научив две работи што се всадија во мене: бизнис-етика и лидерство.
Многу се зборува за тоа, но што значи суштински? Да бидеш етичен - исто како што ни велеа нашите баби: Немој чедо така, срамота е. Со други зборови, тоа денес се вика неетички.
Неетика, мамење, инсајдерство. За тоа во Америка летаат глави. Излезете ли од колосек, направите ли нешто што не треба да го направите, вие сте пресечени, ви останува лузна за цел век. И нема поправка. И затоа Америка е најдобро место за учење бизнис. Во Америка за претседателите на компаниите се користи првото име. Значи, тоа е Џо, Мајк, Хари и сл., тоа не е мистер X. Дури и хиерархијата не ја прават врз база на позиција, на сина крв, туку врз основа на компетенцијата. А кога ќе ја видите ароганцијата што постои... токму таа ароганцијата нè отру нас. Затоа луѓето и се затворија. Знаете, арогантното однесување ви претставува бариера кон светот, а ја поставувате со единствена цел да го прикриете своето незнаење. За мене, до ден-денес ароганцијата ми е индикатор за некомпетенција. Најуспешните луѓе, луѓето на кои им се воодушевувам, се многу отворени. Мислам дека на овие простори, во нашава земја, се потребни лидери. Секој од нас може да биде лидер во тоа што го работи. Вие може да бидете и чистач на улица, но да бидете и лидер. Како што велат: што е лидер - да ги мобилизира масите за реализација на некоја цел, да биде стимулатор, мотиватор. А токму тоа ни недостига. Ние имавме лидери, во спортот, во уметноста... Но сега има општа криза на лидерство во светот и тоа не е случај само во Македонија. Ние во „Македонија 2025“ се обидуваме да илустрираме примери на позитивен лидер, на позитивно лидерство или на лидерство базирано врз вредности.

МАРИЛИ: Може ли да ни кажете кој е господин Мартиновски приватно, со какви активности се занимавате во моментите на релаксација, имате ли некое хоби, пасија...
MАРТИНОВСКИ:
Со сопругата Соња сум во брак 26 години. Таа е мој животен сопатник во вистинска смисла на зборот, најдобар другар, инспиратор, би рекол и муза. Заедно имавме секакви периоди, добри и лоши, весели и тешки. Јас секогаш сум бил мотиватор, склон кон адреналински активности. Сите заедно многу шетавме, спортувавме, одевме на скијање, на пливање додека синовите Борислав и Мартин беа помали. Борислав е постариот, има 25 години, дипломира економија во Љубљана, годинава треба да магистрира, веќе три години работи за „Нестле“, а помалиот син Мартин студира компјутерски науки.

МАРИЛИ: Дали сте член и на некоја друга организација и кои се нејзините активности на меѓународен план, но и во Р. Македонија?
МАРТИНОВСКИ:
Што се однесува на други организации, тоа е програмата на „Рон Браун“, преку која 400-500 студенти од цела Централноисточна Европа имаа можност да завршат студии на престижни школи во Америка. Во организацијата формиравме асоцијација со група од 100-150 луѓе. Во неа има сериозни луѓе, дури и министри и вицепремиери, а таму мој колега и добар другар е градоначалникот на Белград.

МАРИЛИ: Според Вашето согледување како член на групацијата ИФЦ, како ќе се одвива економскиот развој на Р. Македонија во 2016 година, кои се нејзините приоритети и дали во блиска иднина може да се очекува негово подинамично темпо?
MАРТИНОВСКИ:
Тешко прашање. Кога одговараат економистите, знаете, реченицата ја почнуваат со „ако“. Со претпоставки. Многу претпоставки треба да земете предвид за да можете да направите некакво сценарио, некаква проекција, предвидувања. Мислам дека Македонија треба максимално да ги искористи сите свои потенцијали, како природни, така и човечки. Во моментов, барем така мислам, тоа не е случај поради икс причини. Македонија е преубава земја, со планини, долини, реки, езера, атрактивна земја што би требало да се посети, но и да се живее во неа. Блага клима што овозможува да се добиваат вкусни производи. Можеби е придобивка и тоа што во оваа земја немало развиена индустрија, така што сè уште имаме незагадени почви и води, што не е случај со голем број земји. Ние немаме големи урбани центри, практично цела Македонија е провинција. Всушност, привилегија е да се живее во помала земја. Светот оди кон големи урбанизации, но бидејќи во Македонија тоа сè уште го нема, наедно тоа претставува и придобивка. Можете да најдете одреден модел и во некое мало место да произведувате производ или услуга што е глобално конкурентна и да ја продадете надвор, имајќи предвид дека денес технологијата го овозможува тоа. Ќе ви наведам пример со Црна Гора. Во моментов, во Црна Гора од 10% до 15% од популацијата се странци. Прашањето е кои се тие луѓе. Велат дека тоа се Русите, бидејќи тие купуваат таму, точно купуваат, но не знаат дека во земјата има и Французи, и Англичани, и Американци, кои работат во Црна Гора. Знаете, работат на интернет. Познавам некои луѓе што даваат консултантски услуги, други, пак, финансиски услуги, а живеат во Тиват. Или живеат во Будва, а продаваат во Москва. Македонија може да го направи истото тоа. Каква привилегија би било да седите покрај Охридското Езеро, да работите на проект што го продавате во Чикаго, да заработувате по цени што важат во тој град, а парите да ги трошите во Охрид. Е нема поубава работа од тоа. Македонија треба да му ги долови на светот своите климатски и географски предиспозиции и можности за активности. Република Македонија е празна земја, на пример, во Холандија, на површина како што е македонската живеат 20 милиони луѓе. А кај нас околу 2 милиона луѓе. Број 1: Да ја презентираме земјава и да ги привлечеме луѓето да дојдат овде. Градење на нацијата не се постигнува само преку органски раст, туку секој што е дојден е добредојден, ако се вклопи. Така се гради нација. Каква е американската нација? Јас не велам таа да стане сè и сешто, но зошто да не дојде секој што може да се вклопи во овие рамки, да ги прифати стилот, културата, да донесе свои новини итн. Ние во Македонија имаме исклучителни природни потенцијали, но тоа се места до кои не може да се дојде само поради неизградената инфраструктура. Во една пригода летав над езерото Козјак, па можам слободно да кажам дека тоа е Колорадо. Другпат бев во посета на една млекарница во Тетово и нè однесоа да ги видиме нејзините фарми во селото Гргурница. Знаете каков поглед има од ова село, во Колорадо не сум го видел тоа. Од врвот на Водно се гледа до Пуста Брезница. А сето тоа ни е на дофат, па ние живееме тука. Но ние не го знаеме сето тоа. Ова е производот што можеме да го продаваме, а не го продаваме. Тоа е исто како во дворот да имаме домати и не ги продавате, туку ги оставаме да скапуваат. Ние не сме свесни за своите потенцијали. Понатаму, во однос на економијата треба да го стимулираме размислувањето, а политиките треба да бидат насочени кон поттикнување на извозот. Извозот е тој што ве тера да одите надвор. Кинезите се присутни во цел свет, насекаде продаваат, односно кинеската економија е јака затоа што е извозно ориентирана. Сето она што го работите само на домашниот пазар, всушност, ве лимитира во усвојувањето нови знаења, технологии итн. Во Македонија треба да биде основа знаењето на еден, два, три странски јазици. Според моето мислење, притоа без да го негирам познавањето и на другите дисциплини, во XXI век клучните компетенции ќе се градат врз база на тоа колку сте вешти во комуникацијата, односно ќе биде неопходно да знаете јазици, бидејќи светот на информациите е во некаква јазична форма, а тоа, пред сè, е англискиот јазик. Но, секако, не мислам на „how are you“, „how do you do“, не, не, зборувам за флуентно безакцентно познавање на јазикот. Тоа е познавање на англискиот јазик. По дифолт ние треба да зборуваме флуентен англиски јазик. Број 2: За да работи „кликерот“, треба да се знае дека математиката е клуч на сè. Математиката, всушност, е клуч на сите науки. Не за да решавате задачи, туку за да можете да поврзувате концепти. Да решавате алгоритми во главата за да правите модели што нема да бидат репликативни, туку за што било да направите уникатни формули. Може да биде производ, услуга, но да е нешто уникатно, бидејќи вие не можете да бидете тренд сетер, затоа што сте мали, па така мора да бидете мал играч што ќе се приспособи. Ние мора да бидеме солидна писмена нација во која ќе се стимулира континуираното учење во текот на целиот живот. Нашиот пријател Исак Адиџес вели дека животот завршува во моментот кога ќе престанеш да учиш. Некои, пак, велат, знаете јас сум економист и... Па, добро, и јас сум. Но некој не прочитал ниедна книга по дипломирањето. И тој се декларира дека е нешто. Имавме еден мит, односно меѓу нас владееше митот дека ние во Македонија многу знаеме. Многубројни анализи покажуваат дека не е така, на пример, ако чашата ви е полна со погрешна течност и сакате да сипете нова, тоа значи дека мора нешто да испразните, имено мора да бидете отворени за нови знаења. Кај нас постои отпор кон новите знаења, затоа што се смета дека тоа би претставувало признавање дека не е вредно она што се има како диплома, како звање итн. Јас завршив факултет без да знам да работам на компјутер. Сакам да кажам, треба да го стимулираме континуираното учење, нашите деца да ги насочуваме кон базичните науки и да им оставиме простор сами да препознаат во кој дел ќе бидат успешни.


МАРИЛИ: Оставате впечаток дека им давате приоритет на аграрот, туризмот, на информатичките науки. Дали е така?
MАРТИНОВСКИ:
Некои земји имаат очигледни компаративни предности. Македонија нема такви очигледни индустрии, велиме дека имаме агрибизнис-сектор, но ние сме огромни увозници на храна. Јас не би ги дефинирал индустриите за иднината на Македонија по номенклатура, туку би рекол - сè она што се прави во Македонија, производи, индустрии и услуги со додадена вредност, но со суштински додадена вредност бидејќи само како такви може да се продадат. Ако вие произведувате домати, не треба да правите пире од домати затоа што го има во изобилство во светот. Направете бренд, не знам, на пример, македонски домат, па макар и да се продава еден по еден. Кога ќе исечете домат во Мрзењци, во Гевгелија, обично, велите: Леле, каков домат! Е тоа е ефектот што треба да го постигнете, а не кога ќе гледаат и ќе прашаат колку чини холандскиов домат - толку, а колку македонскиот - толку, и сепак да решат да го купат холандскиот. Значи, мора да се диференцирате. Тоа е една од стратегиите на професорот Мајкл Портер од бизнис-школата на „Харвард“. Да бидете поразлични, затоа што кога сте различни, можете да ставите каква цена и да посакате. Не сте споредливи со ништо друго. Или, на пример, велиме: Производители на јаболко. Ако сакате да направите македонско јаболко, направете го органско. Нека го има помалку, но да го продадете поскапо. Некој ќе каже дека тоа е потешко. Секако, но потрудете се да го најдете тој пазар. Добар пример се органските чаеви. Мојата добра пријателка Вера Ставроф е личноста што во продавниците на „Аведа“ во Америка го пласираше органскиот чај што се произведува во „Алкалоид“. Единствениот чај што го има „Аведа“ е македонскиот, нема друг. Бидете уникатни, препознатливи, луѓето специјално да го бараат тој производ, таа услуга... Словенците го прават тоа со години. Во Хрватска сè е преценето, една чаша вино ќе ви ја наплатат како најдобро француско вино. Зошто? Затоа што е домашно. Нашиот пристап е дека треба да е евтино ако е домашно, затоа што овде домашното е најевтино. Би рекол дека колективно треба да работиме на изградба на нова Македонија, на елитна Македонија, Македонија во која постои победнички дух каков што имаше во далечната 1989 година кога „Вардар“ се бореше за шампионска титула. Знаете како тогаш одевме на натпревар? Со тапани. Ние сакавме да бидеме дел од победничката атмосфера.
 

Содржината е прочитана 3249 пати.