Интервјуа

Интервју со г-ѓа Наташа Андрееска, Одговорен уредник на Прв програмски сервис на Македонско радио - Радио Скопје

Македонското радио - Радио Скопје го слави својот 71. роденден на 28 декември. Тоа, само по себе, говори за зрел и исполнет медиум што продолжува со својата сеопфатна програма да ги забавува, информира и да ги едуцира слушателите од сите возрасни групи. Веќе 29 години сум дел од магијата на Македонското радио и тоа за мене и ден- денес претставува најголема љубов, ентузијазам и поттик за понатаму.

понеделник, 28 декември 2015

МАРИЛИ: Г-ѓо Андрееска, честитки за роденденот на Македонското радио, каде што Вие сте одговорен уредник. Што значи да се биде на оваа позиција, што опфаќа Вашата работа?
АНДРЕЕСКА:
Најпрво би сакала да Ви се заблагодарам за честитките, како и за честа што ми ја укажавте со тоа што ме поканивте да бидам Ваша соговорничка. Драго ми е што сте тоа Вие, агенцијата „Марили“, која многу години наназад ги поддржува и ги промовира жените менаџерки во нашата држава, и ова ми претставува особена чест. Македонското радио - Радио Скопје го слави својот 71. роденден на 28 декември. Тоа, само по себе, говори за зрел и исполнет медиум што продолжува со својата сеопфатна програма да ги забавува, информира и да ги едуцира слушателите од сите возрасни групи. Веќе 29 години сум дел од магијата на Македонското радио и тоа за мене и ден- денес претставува најголема љубов, ентузијазам и поттик за понатаму, бидејќи заедно ги минувавме годините, ги минуваме и сега, развивајќи ги и поставувајќи ги темелите на овој медиум на ниво достојно за сите нас. Денес како одговорен уредник на Македонското радио - Радио Скопје, на мое големо задоволство, имам можност целото свое досегашно искуство и знаење да го вложам во напредокот на постојните, како и во создавањето на нови проекти и емисии што ги „произведуваме“ со моите колеги, со цел позитивно да ги исполниме потребите на нашите многубројни слушатели во земјата и надвор од неа. Новинарството е секојдневен ангажман и постојано има работа за сите што се навлезени во професијата и ја работат како креативци и професионалци, пред сè, во Македонското радио - Радио Скопје. Да бидеш одговорен уредник на ваков тим е посебно задоволство и ништо не е тешко кога има разбирање и почитување со колегите.

МАРИЛИ: Македонското радио го задржа приматот како најдобро во изминатиот период на транзиција и на наплив на голем број приватни медиуми. Според Вас, на што се должи тоа?
АНДРЕЕСКА:
Не верувам дека кај нас, па и во светот постои медиум со примат најдобар, токму поради тоа што се задоволуваат различни потреби, критериуми и желби, односно вкусови на слушателите. Според моето мислење, тоа не е лошо, напротив, разновидноста на програмата што се емитува им овозможува на слушателите да ја проследат и да создадат поширока слика за тоа што се случува околу нас. Македонското радио - Радио Скопје цели кон развој и создавање разновидна програма што максимално го искористува потенцијалот на радиото како медиум.
Новинарството, во онаа вистинска смисла на зборот, кај нас во радиото се поставува како приоритет преку користењето на македонскиот литературен јазик, пред сè, правилната дикција при изговорот, како и професионалниот пристап кон тоа што треба да се емитува во етерот. Во комплексноста на секојдневната програма на Македонското радио се вклучени искусни спикери, лектори, асистенти – продуценти, информативци, музички новинари, спортски коментатори со стручност во различни области, со цел секоја содржина да го достигне нивото достојно за еден национален медиум. Во Првиот програмски сервис на Македонското радио - Радио Скопје со полна пареа работат искусни професионалци во дневната редакција, во информативната, во редакцијата за играна програма и драмски остварувања, детската редакција, спортската, научно-документарната ,културната и музичката редакција што обработува народна, забавна и сериозна музика, како и дописници од земјата и пошироко. Ако минувате време на 97,3FM, 98,9FM и на 93,3FM, искрено верувам дека ќе уживате во шаренилото на модерната програма од најразлични области поткрепени со препознатливи шпици и џинглови за единствениот јавен сервис на граѓаните - националното радио.

МАРИЛИ: Какви промени воведовте со доаѓањето на позицијата одговорен уредник, пред сè, како содржински концепт на програмата?
АНДРЕЕСКА:
Во текот на долгогодишното искуство како новинар во Македонското радио секојдневно ги согледував начинот на кој се развива програмската шема во радиото и начинот на кој се реализираат работите. Со јасна визија ја презедов позицијата одговорен уредник, со цел промените што ќе ги направам да бидат во стилот на еден национален медиум. Богато ја дополнивме програмата со тематски содржини, со цел слушателите да добијат многу повеќе од само музика на своето омилено радио.
Новите содржини на Македонското радио - Радио Скопје го опфаќаат секојдневието на модерниот човек, туризмот, безбедноста, невладиниот сектор, здравството, спортот, домашните миленици, кулинарството и гастрономијата, земјоделството, културата, како и музички ноти за сите вкусови. „Утринска на прва – Хрономер“, „Тука околу нас“, „Светоглед“, „Патоказ“, „Во живо и гласно“, „Актуелно“, „Радио Спектар“, „Играј со мене“, „Љубомудрие“, „Живот и љубов“, „Прозен медалјон“, „Јазично катче“, „Неделно попладне“, „Чекајќи го ветрот“, легендарните „Хихирику“ се само дел од богатиот колаж на емисии што секојдневно се емитуваат на 97,3FM, 98,9FM и 93,3FM и на другите фреквенции низ цела Македонија.

МАРИЛИ: Денес интернетот ги потиснува сите други медиуми, што се случува со радиото? Дали современите форми на комуникација му помагаат на радиото и како?
АНДРЕЕСКА:
Јас верувам дека радиото е вечен медиум што ќе продолжи со својата едноставност да се вклопува во навиките на современиот модерен човек. Кога го почнуваме денот на радио ги слушаме првите информации, додека патуваме накај работното место или на друга дестинација, додека концентрирано се фокусираме на нашите лаптопи и компјутери во канцелариите, додека ја читаме омилената книга или додека го пиеме кафето во локалното кафуле. Во денешно време е неоспорна динамиката на интернет-информацијата, но сето тоа може да се искористи во симбиоза со радиото за тоа да произведува само поквалитетна и послушана програма во иднина. Наедно интернетот ни помага така што нашите радиобранови, односно програмата на Македонското радио - Радио Скопје, допираат до слушателите низ светот преку веб-страницата mrt.com.mk. Поради сето ова цврсто сум убедена дека стариот шармер радиото нема никогаш да згасне, туку и понатаму континуирано ќе се развива.

МАРИЛИ: Какви се плановите на Mакедонското радио - Радио Скопје во годината што е пред нас, дали ќе бидат внесени нови содржини, нови емисии и слично?
АНДРЕЕСКА:
 

Гледајќи наназад, на 2015 година и на сето она што како новитет го внесовме во програмата на Македонското радио - Радио Скопје, цврсто сум убедена дека секогаш има простор за промени и дополнувања. Многу направивме и повторно ќе правиме. Како и сите работи што се менуваат, така и ние ќе продолжиме да ги следиме трендовите на секојдневието и со тоа и натаму ќе создаваме програма што ќе биде од интерес за нашите слушатели. Новата 2016 година ќе ја почнеме со директен пренос на култниот Виенски концерт. Во план се и преноси на многу натпревари, фестивали, свечени академии, како и соработка со странски радија, со што ќе ја збогатиме нашата програмска содржина и верувам дека ќе ги зголемиме љубопитството и интересот на нашата слушателска публика да го слуша националното радио во секоја пригода.

МАРИЛИ: Како успешна жена на менаџерска позиција, како гледате на проектите за афирмација на жените на водечки позиции, како менаџери, лидери, како што е насловен и проектот на агенцијата „Марили“ - „Избор на најуспешни жени менаџери од Р. Македонија и од дијаспората“?


 АНДРЕЕСКА: Знаете, од некаде мора да се почне за да се стигне некаде. Визијата на „Марили“ беше да го пренесе во јавноста патот на жената менаџер и тоа го направи на добро осмислен начин што шармира и поттикнува, а позицијата жена менаџер, сама по себе, остава слика на успешност. Кога ова ќе се спакува добро, се добива вистинското за нашиов простор и пошироко. Јас како жена, пред сè, и како одговорен уредник на Македонското радио - Радио Скопје верувам дека треба да се поддржи и да се афирмира сè што е успешно. „Изборот на најуспешни жени менаџери“ е единствена манифестација од ваков тип кај нас и таа овозможува секоја енергична, вредна и успешна жена, со свој остварлив сон и со елан во себе, да си го најде местото под сонцето и тоа да биде забележано и запишано за наредните генерации. Македонското Радио години наназад го поддржува проектот за афирмирање на успешната жена менаџер и искрено се надевам дека преку „Марили“ уште многу жени, кои го градат својот сон на успешност, ќе можат понатаму да се гордеат со оваа титула, поточно ќе бидат стимулирани да остваруваат многу повеќе.

МАРИЛИ: Што ќе им порачате на нашите читатели и на жените менаџери што нè следат на порталот, со оглед дека пред нас е 2016 година што е прогласена за година на женското претприемаштво?
АНДРЕЕСКА:
Особено ми е драго што 2016 година ќе им биде посветена токму на жените менаџери и на женското претприемаштво. Не можеме да го занемариме фактот дека сè повеќе жени ги преземаат менаџерските позиции кај нас и пошироко и успешно ги водат компаниите до врвот.
Она што можам да го споделам од моето лично искуство е дека позитивната мисла секогаш води напред. Почетните предизвици со кои ја градев новинарската професија се менуваа и, секако, како кај многумина, имаше и позитивни и негативни, но она што останува од сето тоа е стекнатото искуство. Животот е голема нива за орање со постојани искушенија, предизвици, ризици, но искуството го прави своето. Лесно е откажувањето, но да се има надеж, да се почувствува напредокот, да не се откажува и кога е тешко, тоа е она вистинското и храброто. Да се издржи и да се продолжи повисоко и помоќно, да се заборави на неправдите, да се искористи искусеното. Тоа е збир од сето она што сте го оствариле, тоа е само ваше и само вие можете да го искористите за да искачите ново скалило во својата кариера.
 

Содржината е прочитана 943 пати.