Култура

„Господарот на кукавицата“ - премиера на Театар Комедија

„Господарот на кукавицата“ е најнова претстава на „Театар Комедија“ која премиерно ќе биде изведена во понеделник. Автор на текстот е Венко Андоновски, режисер Андреј Цветановски и ќе игра целиот ансамбл на овој театар.  

петок, 11 декември 2015

„Господарот на кукавицата“ е најнова претстава на „Театар Комедија“ која премиерно ќе биде изведена во понеделник. Автор на текстот е Венко Андоновски, режисер Андреј Цветановски и ќе игра целиот ансамбл на овој театар.

Претставата не е класична комедија во која целта е смеата, туку има елементи на драма на апсурдот. Говори за глобализацијата и за она што таа како закана го покажува кон идентитетит на малите култури.

- Апсурдот е сместен во тоа што ние беспоговорно слушаме се што ќе се предложи, без никаков критички однос кон тоа. Тука е апсурдот. Комедијата говори за бришењето на локалните, мали култури, и за културолошките разлики меѓу она што неправедно го викаме свет, а себеси неправедно се поместуваме како „ние“ и како маргини на светот. Не е чиста комедија, но ќе има многу смеа. Комедијата има лековита димензија и овој театар со оваа комедија ќе биде повторно аптека на смеата, рече авторот на текстот Андоновски денеска на прес-конференција.

Истакна и дека му е задоволство да работи со генерација на, главно, помлади актери во овој ансамбл кој, како што рече, за краток период од четири години постоење направил премногу. Рече и дека е пријатно изненаден од зрелоста на режисерот Цветановски и од неговиот сериозен пристап кон претставата.

Галичник и Скопје се местата во кои се одвива дејството и борбата меѓу традицијата и глобализацијата. Режисерот Цветановски посочи дека со оваа претстава ја искристализирал темата за тој конфликт.

- За вечниот конфликт на големото и малото, на нашето и нивното, на прашањето дали е подобро качамак или Мекдоналдс, дали редбул или вода од Упија, дали е подобро кока-кола или природен сок од цреши. Да видиме што значи терминот глобализација и како глобализацијата ја прифаќаме толку едноставно како веќе дадена аксиома, не се ни обидуваме да размислиме што се носи таа, лесно ги прифаќаме сите работи што доаѓаат однадвор без оглед на нивниот квалитет и потенцијал, рече Цветановски.

Покрај целиот актерски тим на „Театар Комедија“, во претставата гостува и актерот од Драмски театар Рубенс Муратовски. Ќе го игра ликот на старецот Никодим од Галичник, кое и место од кое самиот потекнува.

- Галичник е изворно, чисто место, заштитено од лошите работи кои доаѓаат од надвор. Не можеме да станеме Европејци, а да го загубиме она што го имаме во генот, рече Муратовски.

Директорката на „Театар Комедија“ Јелена Жугиќ додаде дека во претставата има препознатливи македонски ликови со амбиции - од политичари до занаетчии, и дека со неа се заокружува трилогијата на Андоновски во која се „Кандид во земјата на чудата“ и „Кинегонда во Карлаленд“. Истакна дека естетски и технички проектот е голем и има, како што рече, импозантна сценографија и костими. - Со оваа претстава правиме исчекори на повеќе нивоа, како комплетно театарско дело е доста гломазно, рече Жугиќ.

Сценографијата е на Милан Несторов и Сергеј Светозарев, костимограф е Александар Ношпал, а музиката е на Оливер Јосифовски од „Љубојна“.

„Театар Комедија“ во март ќе одбележи четири години постоење во кои „Господарот на кукавицата“ е петта праизведба на домашна комедија, а втора соработка со писателот Андоновски.

На 18 декември ансамблот ќе гостува во Сатиричниот театар во Софија со две претстави: француската модерна драма „Име“ во режија на Нени Делместре, со која театарот ја отвори новата сезона, и со „Лисистрата“ во режија на Наташа Поплавска.

- Ќе се претставиме пред публиката во Бугарија каде не сме гостувале во ова наше четиригодишно постоење. За нас е многу важно да се претставиме, пред се, во регионот, регионот да научи дека постои еден жанровски определен театар во Скопје, а рамо до рамо се носи со Драмски театар и со Македонскиот народен театар, рече Жугиќ. Таа е задоволна од посетеноста на нивните претстави, бидејќи од почетокот на новата сезона (10 септември) до сега имале 12.000 гледачи.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 550 пати.