Култура

Изложба на Вана Урошевиќ во Чифте Амам

Самостојна изложба насловена „Кабинети на чуда и библиотеки” на Вана Урошевиќ ќе биде отворена вечер во Чифте Амам во Скопје.  

петок, 11 декември 2015

Самостојна изложба насловена „Кабинети на чуда и библиотеки” на Вана Урошевиќ ќе биде отворена вечер во Чифте Амам во Скопје.

Основен материјал во кој се реализирани делата на оваа изложба е рачно боената свила. На неа авторката додава цртежи, фотографии и текстови, создавајќи на тој начин еден мултимедијален простор кој е исполнет со многубројни, заемно вкрстени значења.

Текстовите што се испишани врз свилата потекнуваат од повеќе извори: тука се описи на збирките и библиотеките од „Наспроти” на Жорис-Карл Уисманс, од „Сликата на Доријан Греј” на Оскар Вајлд, измислени од овие автори, но и описите на вистинските библиотеки што им припаѓале на Андре Бретон и Хорхе Луис Борхес, дадени од оние што ги посетиле.

Користени се текстови на Лоренс Вешлер од „Кабинетот на чудата на господинот Вилсон”, на Клод Каплер од „Чудовишта, демони и чуда”, на Алберто Мангел од книгата „Библиотеката ноќе”, како и прилозите во тематскиот број на списанието „Градац” обединети под насловот „Во дворецот на Рудолф Втори”. Има и неколку цитати од расказите на Х.Л. Борхес, автор на „Вавилонската библиотека”, кој е заслужен за метафоричното доближување на поимите библиотека и лавиринт.

Фотографиите употребени за аплицирање врз свилата снимени се во манастирот Свети Лазар од Ерменија, на островот Сан Лазаро, во Палатата Фортуни во Венеција и во библиотеката на авторката. Најголем дел од цртежите се реплики на платната на сликарот од Венеција, Пјетро Лонги (1701 - 1785), хроничар на необичните глетки од животот на жителите на овој град кој секогаш се двоуми помеѓу привидот и реалноста.

Вана Урошевиќ е современ македонски ликовен уметник кој дејствува на полето новите визуелни истражувања, при што користи несекојдневни материјали и техники. Освен слики на свила изработува објекти и инсталации, користејќи понекогаш и елементи од органска природа: крзна, животински коски, инсекти. Во своите проекти вклучува документи, фотографии, анкети, искажувања, цитати.

Факултетот на ликовните уметности го завршила во Белград, во класата на професорот Младен Србиновиќ, а после дипломските студии на истиот факултет, во класата на професорот Радомир Рељиќ, добива звање магистер на сликарство. Во 1987 година имала студиски престој во Париз, а во 1988, како стипендист на италијанската Влада, била на специјализација во Венеција на Академија на убавите уметности. Имала самостојни изложби во Скопје, Битола, Струга, Белград, Софија, Солун, Љубљана, Виена, Њујорк. Во 2002 година изложувала на Есенскиот салон во Париз, а во 2003 била претставник на Македонија на 50. ликовно биенале во Венеција.

Куратор на проектот е Маја Чанкуловска.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 512 пати.