Саем

Претставени три преводи на бугарски јазик од македонски автори на Саемот на книга во Софија

На штандот на Република Македонија на 43. Меѓународен саем на книгата во Софија вчера беа претставени преводи на уште три македонски дела на бугарски јазик, кои со поддршка на Министерството за култура на РМ се објавени од три издавачи од Бугарија. 

четврток, 10 декември 2015

На штандот на Република Македонија на 43. Меѓународен саем на книгата во Софија вчера беа претставени преводи на уште три македонски дела на бугарски јазик, кои со поддршка на Министерството за култура на РМ се објавени од три издавачи од Бугарија.

„Посмртна венчавка“ од Паскал Гилевски е објавен од издавачот ,„Персеј“, книгата за деца „Збркана сказна“ од Киро Донев, во издание на „Мултипринт“ (двата во превод на Тања Попова) и избор од поезијата на Анте Поповски во препев на Роман Кисјов, објавен од издавачката куќа „Ерго“.

Преведувачот Кисјов, кој преведува само поезија и кој досега препеал десетина македонски поети, рече дека изборот од поезијата на Поповски го направил субјективно и по свој вкус внел извадоци од поемата „Света песна“.
- Тоа е неверојатна поезија, на голем поет, меѓу класиците во македонската поезија, преведен на многу јазици, кој беше единствен член од Македонија во Академијата на поезијата на УНЕСКО, рече Кисјов, претставувајќи ја книгата поезија на Поповски на бугарски пред гостите на промоцијата.

„Збркана сказна“ на Киро Донев во превод на бугарски ја објави „Мултипринт“, издавачка куќа која има досега најмногу преведени маедонски автори. Асен Асенов рече дека соработката ја почнале со скопскиот издавач „Макавеј“ пред повеќе години.

„Збркана сказна“ на Донев, кој е водечки писател за деца во Македонија, ќе биде објавена и на украински, а на бугарски јазик ќе биде преведена уште една негова книга.

Авторот на скоро 40 книги за деца Донев, кој присуствуваше на промоцијата, рече дека книгата ја напишал пред 30-ина години и била преведена на српски и на турски. Задоволен е што сега таа ќе има и бугарски превод зашто, како што рече, првата книга што ја прочитал како дете била од Елин Пелин преведена на македонски јазик.
- Сепак, јас најмногу учам од децата, пишувам такви книги какви што јас сакав да читам кога бев дете, рече Донев, кој го пофали и преводот на Тања Попова.
Преведувачкта Попова додаде дека за неа секој превод треба да биде совршен. - Значајно е мајсторството на авторот, ако нема материјал, ќе нема ни квалитетен превод, рече Попова. Таа ја преведе и книгата „Посмртна венчавка“ на Паскал Гилевски, и романите на Владимир Плавевски и Фросина Пармаковска („Сплаварот на Вардар“ и „Вишнова хроника“) кои беа промовирани вчера на македонскиот штанд, а и денеска ќе бидат претставени на штандот на издавачот „Персеј“.

Попова досега превела девет дела од македонски автори. Прв автор што го превела бил Трајче Кацаров и неговиот роман ,„Татко и отец“. Преведувала и поезија и пиеси, а со Конкурсот за финансирање странски издавачи на Министерството за култура на РМ договорено е да преведе уште две книги од млади автори - „Ненасловена месечева соната“ на Давор Стојановски и „И човек и пес“ на Владо Димовски, како и „Балканвавилонци“ на академик Луан Старова.

Нове Цветановски од „Македоника литера“, издавачката куќа од Скопје која го организира претставувањето на Република Македонија на Саемот во Софија, на присутните им соопшти дека Конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на странски издавачи кои ќе објават македонски автори трае во текот на целата година и заинтересираните издавачи може во секој момент да аплицираат.

(Преземено од МИА)


 

Содржината е прочитана 879 пати.