МАКЕДОНИЈА

Просечната нето плата во септември изнесувала 27.405 денари

понеделник, 16 ноември 2020

Просечната нето плата во септември 2020 година изнесувала 27.405 денари, а индексот на просечната нето исплатена месечна плата во септември годинава, во однос на септември лани е 107.7, што значи дека просечната нето плата е повисока за 7,7 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација за 10,6 отсто, Преработувачка индустрија за 10,2 отсто и во дејностите на здравствена и социјална заштита за 10 отсто.

Намалување, пак, на просечната месечна исплатена нето-плата во септември во однос на август годинава е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство (7,1 отсто), Уметност, забава и рекреација (6,4 отсто) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (3,2 отсто).

Според ДЗС, највисоката просечна нето плата во септември годинава е исплатена во секторот Информации и комуникации (49.713 денари) и е за 9,9 отсто повисока од исплатената просечна плата во истиот месец лани, а најниската просечна плата е пресметана во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (18.345 денари) и е за 1 отсто пониска од платата исплатена во септември минатата година.

 

Содржината е прочитана 23 пати.