Бизнис вести

Почнува реализацијата на петте мерки за директна поддршка за туристичките и угостителските работници

Крајниот рок за аплицирање за новите мерки за финансиска помош е 27 ноември, а парите ќе бидат исплатени до крајот на годината

понеделник, 16 ноември 2020

Почнува реализацијата на петте нови мерки од четвртиот сет кои се директна поддршка на работниците од туризмот и угостителскиот сектор кои беа погодени со пандемијата од Ковид-19, информираше денеска министерот за економија, Крешник Бектеши. Мерките се донесени во консултација со приватниот сектор.

Петте мерки, како што рече Бектеши се: Враќање на уплатената такса за привремен престој за 2019 година на сите категоризирани угостителски објекти, Грантови за туристички агенции - износот на помошта ќе зависи од приходот остварен во 2019 година, бројот на вработени и типот на лиценцата и ќе изнесува најмногу до 180.000 денари за Б-лиценца и до 430.000 денари за А-лиценца. Вкупниот износ за оваа мерка во буџетот е 116 850 денари. Грантови за категоризирани ресторани за свадби - грантовите за ресторани што организираат свечености, свадби и настани се наменети за оние кои имаат пад на приходите повеќе од 75 отсто. Износот зависи од остварениот вкупен приход во 2019, бројот на вработени и видот на решението за категоризација, а сумата на помошта може да изнесува од 180.000 до 600.000 денари за правен субјект. За оваа мерка се издвоени вкупно 60 милиони денари. Грантови за игротеки - сумата ќе се одредува во зависност вкупниот приход на субјектот, а може да биде од 90.000 денари до 300.000 денари. За оваа мерка се предвидени 153 милиони денари во буџетот. Грантови за лиценцирани туристички водичи - грант во износ од три просечни плати, односно по 65.000 денари за секој туристички водич кој поради Ковид-19 не можеше да работи. Вкупно се издвоени 9,8 милиони денари за оваа мерка.

„За реализација на сите пет мерки Министерството за економија со ребалансот на Буџетот има обезбедено средства во износ од 460 милиони денари денари, односно 7,5 милиони евра. Последниот рок за аплицирање за овие мерки е 27 ноември, а финансиската поддршка ќе биде исплатена до крајот на оваа година“, рече Бектеши.

Аплицирањето ќе биде преку платформата www.domasiedoma.gov.mk или www.pushimenevend.gov.mk на која апликантите ќе можат да ги поднесат нивните барања и потребната документација онлајн. На платформата се прикачени и јавните повици и програмите, но исто така Министерството за економија ќе одговори на сите прашања поврзани со мерките преку Секторот за туризам.

„Сакам да ги повикам сите деловни субјекти да ја користат оваа можност и да аплицираат во дадениот рок. Верувам дека ова ќе биде многу значајна поддршка за компаниите кои беа директно погодени од кризата“, рече министерот Бектеши.

Тој најави дека дополнително со 20 милиони денари ќе се помогне и занаетчиството. Занаетчиите ќе можат да аплицираат за финансиска помош од државата која ќе им покрие до 60 отсто од трошоците за набавка на алати и репроматеријали. Рокот за аплицирање за оваа мерка завршува исто така на 27 ноември.

 

Содржината е прочитана 30 пати.