Инфо

Македонија го живее сонот, се пласира на Европското првенство во фудбал 2021

„Еден гол за сите, една победа за сите. Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден“, рече премиерот Заев кој доцна синоќа ги пречека македонските фудбалери на граничниот премин Блаце

петок, 13 ноември 2020

Фудбалската репрезентација на Македонија синоќа испиша нова страница во својата историја, со победата против Грузија за прв пат се пласираше на Европско фудбалско првенство. Македонските репрезентативци покажаа дека и оваа држава има фудбалери кои наредната година рамноправно ќе се борат со најсилните европски репрезентации бранејќи ги боите на својата земја.

Денеска се одбележува 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје, денот кога во 1944 година борците од 42. и 50. Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичка окупација.

Денеска, 13 ноемврви 2020 година Македонија ги пречека своите нови херои – фудбалерите кои пишуваат нова историја. Македонските фудбалски јунаци предводени од капитенот Горан Пандев ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и со мудра игра тактички водена од селекторот Игор Ангеловски го надиграа противникот и извојуваа победа која ги носи на ЕП 2021.

Фудбалерите доцна синоќа пристигнаа во Македонија. Поради густата магла во Скопје тие околу 3 часот наутро слета на аеродромот во Приштина, а потоа со автобус се упатија кон граничниот премин Блаце каде беа пречекани од премиерот Зоран Заев и најверните симпатизери комитите.

Најзаслужен за големата радост и пласманот на Европското првенство беше капитенот Горан Пандев. Иако зад себе има одиграно голем број натпревари и постигнато многу голови, оној синоќешниот за победа над Грузија, веројатно му е најдраг во кариерата. На залез на својата кариера, ќе има речиси 38 години кога ќе се игра Европското првенство, Пандев го оствари својот најголем сон.

„Сонот ни се оствари, сите заедно се радуваме и посакувам да настапуваме на ова ЕП со победи. Одигравме одличен натпревар, пласманот на ЕП е сон на сите нас, пресреќни сме што овој сон сега стана реалност. Јас само сакав да им помогнам на овие момци, ова е фантастична група од млади фудбалери кои го заслужуваат овој успех. Јас дадов се од себе, имам најмногу важни натпревари од сите во репрезентацијата, затоа и седнав со нив, ги советував. Одигравме мирно, не дозволивме да влеземе во еуфорија, особено во второто полувреме бевме одлични. Знаеме сите дека поминавме долг пат до ова ЕП, навистина момците го заслужија ова и уште не сме свесни што направивме. Среќни сме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на ЕП. Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на едно ЕП. Благодарност до сите што не пречекавте“, рече Пандев.
Селекторот Игор Ангеловски се заблагодари за пречекот и изјави дека е среќен што со овој успех усеале да го обединат народот. Порача дека репрезентацијата функционира како семејство и дека тајната на успехот е играта со срце

„Ви благодарам што нè пречекавте на наша територија. Среќни сме што го обединивме народот, ние во репрезентацијата така живеевме пет години, без разлика на етничка, верска или било каква друга припадност. Бевме едно големо семејство и тоа ни донесе голем успех, односно пласман на ЕП. Среќен сум што работам со вакви фудбалери и се надевам дека Македонија ќе се радува на уште поголеми успеси“, рече Ангеловски.
Синоќа се радуваше цела Македонија. Сите го славеа успехот на фудбалерите. Тоа го потенцираше и премиерот Заев уште на граничниот премин.

„Голема е радоста што вечерва ја преплави целата земја. Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа која македонската историја не ја памети до сега, со што македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство. Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација. Еден гол за сите, една победа за сите. Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден“, рече Заев.

Премиерот им ја соопшти на фудбалерите владината одлука со која сите членови на фудбалската репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра.

Македонските јунаци нема да имаат многу време за фалење. По кусиот одмор тие уште од утре ќе ги започнат подготовките за последните два натпревари оваа година против Естонија и Ерменија.
 
Содржината е прочитана 59 пати.