Култура

Македонска Каменица разубавена со мурал „Рударски приказни“

Еден од најголемите мурали во државата е изработен во соработка со Центарот за современа ликовна уметност Прилеп кој ја негува и применува уличната уметност од 1963 година

петок, 30 октомври 2020

Потребата од континуитет во конзумирањето на културните производи дури и во вонредни услови има силен интензитет. Проблемите што ги носи пандемијата и начинот на ширење на вирусот COVID-19 се големи и не принудуваат да се откажеме од досегашните познати концепти за одржување на социјалниот и културниот живот, но, сепак, имаме обврска да се прилагодиме и да отвориме нови можности и начини за задоволување на потребите на мнозинството.

Организација на културни настани со присуство на масовна публика е недозволива, потребата од континурано одржување на физичката дистанца е неизбежна за контрола на општата јавна безбедност, но луѓето имаат потреба од социјален контакт и затоа социјалната дистанца е непрепорачлива, а ќе се надмине само со безбедно коконзумирање културен производ. Тоа повлекува потреба од примена на нови начини на културно изразување и културно конзумирање, начини прилагодливи на моменталните состојби. Новите модерни технологии и начини на уметничко изразување, побаруваат и нови пристапи, но воедно и ги задоволуваат моменталните потреби. Конечно, треба да се свртиме кон новото и современото.

Уличната уметност е се повеќе присутна околу нас, не само заради фактот дека крајниот производ претствавува зачудувачка форма на уметнички израз,тоа е патување што се случува на улиците каде создавал уметникот. Уметничките дела што се појавија на ѕидовите низ повеќе градови во светот достигнаа највисок врв на интерес и постигнаа автентичност и обележје на многу градови. Уличната уметност сега живее и во виртуелните заедници, виртуелните јавни дискурси и неодамна стана предмет на присвојување од популарната култура и главната симболика на современоста. Уличната уметност е одличен начин да се промовира една урбана средина, еден модерен град, но исто така одлична можност да се даде и нота на препознатливост и уникатност на самиот град.
Едно дело улична уметност може да го трансформира предметот на кој се појавува, но може да ја трансформира и целата локална заедница во која престојува.

Центарот за современа ликовна уметност Прилеп (ЦСЛУ) ја негува и применува уличната уметност од 1963 година наваму преку голем број скулптури поставени на јавните површини низ нашата држава, а првиот уличен мурал е изработен во 2005 година во Прилеп.

Муралот како уметничка форма на изразување, покрај тоа што претставува современа улична уметност има и едно посебно значење кое покрај отсликувањето на уметничката вредност на слободниот израз на авторот, ја разубавува околината, ги разбива сивилото и монотонијата и на просторот му дава сосема нова, жива слика.

Претседателката на уметничкот совет на ЦСЛУ, Јана Јанеска Ристески потенцира дека веќе подолг период нема посетеност на изложбите и на идивидуалните дела, па доколку не може да се донесе публиката во галериите, тогаш уметноста ќе се изнесе на улиците.

А, дека тоа може да се постигне секаде каде ќе се покаже добра волја за такво нешто, најдобро говори муралот „Рударски приказни“ направен во малиот рударски град Македонска Каменица по повод Денот на рударите во Македонија и празникот Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица). Муралот е изработен во соработка со ЦСЛУ Прилеп, а координатор на проектот беше Јана Јанеска Ристески.

„Рударски приказни“ е еден од најголемите мурали во Македонија, создаден на површина од речиси 300 квадратни метри, во должина од 75 метри, со највисока точка од 4,5 метри. Ова монументално уметничко дело е дел од манифестацијата „Каменичко културно лето 2020“ и се наоѓа спроти влезот на зградата на Општината Македонска Каменица.

Автори на муралот се академските уметници со меѓународно реноме: Сања Јездиќ, Александар Џинго, Ферди Булут и Александар и Хари Дудески.

Разубавувањето на Македонска Каменица е надополнето со Skate Park- Street art Македонска Каменица, на самиот скејт парк во градот, место многу атрактивно за младите генерации. Тоа е малку поинаква приказна, таму не се работи за мурал, во прашање е класична street art изведба. Опфатени се теми што се интересни и актуелни за младите генерации, а авторите само ја почнаа приказната и го поставија правецот на движење, оставајќи простор понатаму младите да ја следат и надополнат приказната со нивниот дух и нивната креативност. На тој начин ќе се доближат до ликовната уметност и нејзиното значење.

И овој дел о работеше истиот тим на автори и организација.


 

Содржината е прочитана 465 пати.