Бизнис вести

Стопанските комори бараат смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот

Се бара разрешување на Љупчо Јаневски и избор на нов директор кој ќе биде на предлог на реалниот сектор преку стопанските комори и туристичките асоцијации

среда, 28 октомври 2020

Стопанските комори побараа итна смена на првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и избор на нов директор, бидејќи, како што се вели во соопштението нема капацитет соодветно, прецизно и навремено да ја информира Владата за состојбите во реалниот сектор.

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија,Туристичко-угостителска комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори на Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ бараат разрешување на Љупчо Јаневски и избор на нов директор кој ќе биде на предлог на реалниот сектор преку стопанските комори и туристичките асоцијации

„Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителската комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори на Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам - НАИТМ веќе подолго време укажуваат на некооперативност, дисфункционалност, односно непродуктивност на ресорната институција одговорна за промоција и поддршка на туризмот.

Веќе подолго време институцијата има слаба продуктивност и катастрофален однос кон стопанството и Советот при Агенцијата како експертско тело во кое членуваат сите комори и бизнис асоцијации кои го третираат туризмот во Република Северна Македонија, што е резултат на лошо раководење и немање слух за потребите на стопанството. Како последица на ваквиот однос во прашање е доведена функционалноста на институцијата која со вакво раководење нема капацитет соодветно, прецизно и навремено да ја информира Владата за состојбите во реалниот сектор, ниту поседува авторитет да ја претставува Владата пред стопанството и јавноста, со што се предизвикува штета со големи последици која се заканува да ги обезвредни сите досегашни мерки и заложби на Владата посветени на туризмот“, се вели во соопштението.

Се бара изборот на позицијата директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот да биде на предлог на реалниот сектор преку стопанските комори и туристичките асоцијации, за што постои подготвеност веднаш да се достави консензуален предлог од страна на стопанството за носител на функцијата директор при АППТСМ кој ќе биде кооперативен, пред се, со реалниот сектор, а секако и задолжително со Владата и другите државни институции.

„Ова значи дека високата институционална ефективност и ефикасност, односно неопходноста од подготовка на план за ревитализација на секторот, како и реализација на истиот претставуваат потреба од највисок степен за опстанок и развој за периодот кој следува.
Прифаќањето на барањето на бизнис секторот ќе претставува јасна политика на поддршка на секторот, но и поддршка на секторот кон државните политики, којашто ќе биде топло примена од реалниот сектор“, се вели во барањето на коморите.

 

Содржината е прочитана 41 пати.