Бизнис вести

Сметковдителите побараа подобра координација со институциите за исплата на помошта

Од Комората на сметководители сметаат дека е важно критериумите и условите да бидат прецизно и јасно дефинирани за да не ставаат простор за различни толкувања и конфликтни ситуации меѓу засегнатите страни

вторник, 27 октомври 2020

Подобра координација меѓу надлежните институции при подготовка на законските решенија за имплементација на четвртиот паке мерки, како и прифаќање на забелешките во однос на процедурите кои ги дава приватниот сектор, побара Комората на сметководители на Македонија на денешната прес-конференција.

Само така ќе се донесат функционални решенија кои ќе овозможат предвидената помош за надминување на негативните ефекти од пандемијата врз стопанството да стигне до оние на кои им е најпотребна и нема да се остави простор за различни толкувања на законските одредби и создавање дополнителна правна несигурност.

„Уште во фаза на подготовка на законските решенија мора да постои подобра координација меѓу сите надлежни институции, а особено меѓу Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, каде се обработуваат и систематизираат податоците за деловните субјекти врз основа на кои потоа се дефинираат критериумите и условите за добивање на помошта. Исто така, важно е критериумите и условите да бидат прецизно и јасно дефинирани за да не ставаат простор за различни толкувања и конфликтни ситуации меѓу засегнатите страни“, рече Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Таа истакна дека во Законот за финансиска помош за исплата на плати за последните три месеци на 2020 година, кој се очекува да биде разгледуван во Собранието, би требало јасно да се дефинира дали со предвидената помош треба да се исплати бруто или нето плата. Ако остане недефинирано, како што беше со уредбата за истата мерка во претходните пакети за економска поддршка, повторно може да се појават различни толкувања од надлежните институции и несигурност кај деловните субјекти.

Комората на сметководители потенцира и дека при носењето на законските решенија за економските мерки мора да се имаат во предвид роковите во кои тие треба да се имплементираат, но и роковите кои веќе се дефинирани во другите важечки закони, како и реалното време кое е потребно за да изготви документацијата за аплицирање.

„Денеска сме 27 октомври, а Законот за финансиска поддршка за исплата на плата за октомври, ноември и за декември уште не е донесен. Пријавата за добивање финансиска помош ќе треба да се поднесе најдоцна до 7 ноември, а за да може да се поднесе ќе треба да се направат и пресметки за остварени приходи и да се обезбедат сите потребни документи. Ако се земе во предвид како до сега функционираа работите кога беше во прашање аплицирањето за економските мерки, повторно товарот ќе падне на сметководителите, а некои претпријатија поради кусите рокови може и да не успеат да аплицираат и да останат без неопходната помош. Јасни и навремени законски решенија и подобра техничка институционална подготвеност за спроведување на истите е од голема важност за непречено функционирање на стопанството, особено во услови на криза“, изјави Андреева.

Благоја Грозданов, член на УО на Комората на сметководители истакна дека иако сметководителите очекуваа подобрување на нивниот статус и решавање на проблемите да се постигне со измени на Законот за вршење на сметководствени работи, законските измени повторно се носат во процес кој е нетранспарентен и не инклузивен.

„Во услови на пандемија спроведувањето на сите економски мерки во пракса беше токму на товар на сметководителите, како единствен линк меѓу државата и стопанството. Професионалното усовршување се одвиваше деноноќно следејќи и толкувајќи ги сите комплицирани уредби, чести измени и нефункционалност на системи и сите рокови беа уредно запазени и при рестриктивни мерки. Наместо давање правна сигурност и заштита, со ваков начин на постапување без консултација со сите засегнати страни за реалните потреби на фелата и постапување според тоа, државата повторно ја занемарува значајноста на оваа професија и се соочува со ризик за неколку години да биде во недостиг на сметководители“, изјави Грозданов и апелираше до надлежните институции да се намали обемот и опфатот на податоците кои се бараат во даночните и статистичките извештаи и да се продолжат роковите заради тоа што огромен е товарот кој во услови на здравствено-економска криза на себе го понесуваат сметководителите.

 

Содржината е прочитана 42 пати.