Бизнис вести

Министерството за економија го подготви првиот Предлог-закон за ЈПП во земјава

среда, 21 октомври 2020

Министерството за економија го подготви првиот Предлог-закон за јавно приватно партнерство (ЈПП) во земјава, чија главна цел е да се зајакне улогата и надлежностите на Министерството како силен надзорен субјект во реализацијата на ЈПП проектите во текот на целиот нивен процес, почнувајќи од самиот почеток па се до истекот на договорите за ЈПП. Министерот за економија, Крешник Бектеши информираше дека Предлог законот е подготвен со помош на експерти од Светска банка со поддршка на Британската амбасада во рамки на проектот „Зајакнување на правната рамка и политика на ЈПП и концесии во Република Северна Македонија“, а притоа била вклучена и бизнис заедницата.

„При подготовка на оваа регулатива во изминатиот период како надлежно Министерство бевме во постојана комуникација со стопанските комори и со бизнис заедницата со цел да имаме правна рамка која ќе биде во интерес на сите засегнати страни, да се дефинираат и разјаснат проблемите со кои се соочуваа досега кај ЈПП, за да се подобрат можностите за користење на приватниот сектор за навремена испорака на поефикасни и поквалитетни јавни услуги“, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј и шефот на канцеларијата на Светска банка во земјава, Масимилијано Палоучи.

Предлог- законот започнат во јули 2019 година бил испратен до сите инволвирани страни со цел во наредниот период целосно да се усогласи со најдобрите светски стандарди и со меѓународната практика за ЈПП.

„Новиот закон за ЈПП има за цел да придонесе за социо-економскиот развој преку поттикнување на конкурентноста, инвестициите, трговијата и технолошките иновации. Новите инвестиции во инфраструктурата ќе обезбедат подобри работни места, ќе го зголемат пристапот до пазарот на труд и ќе обезбедат подобри услуги во клучните сектори како што се вода, енергија, здравје и образование“, потенцира Бектеши.

Нагласи дека Министерството заедно со ИТ експерти од Светска банка, паралелно со законот работеле на креирањето единствен систем/софтвер за Министерството за економија каде што ќе се водат сите склучени ЈПП договори во РСМ, како единствено складиште на сите ЈПП и како единствен електронски запис за сите договори и централен извор на информации за доделените договори.

„Регистарот ќе собира и евидентира информации од договорите за ЈПП и сродните документи, и ќе им обезбеди пристап до податоците на сите донатори за следење на проектите од самиот почеток, па се до склучувањето на договорот, како и неговото спроведување до крај. Оттаму, регистарот на ЈПП ќе се користи и за целите на надзор на уредното плаќање на надоместоци за ЈПП и реализација на обврските на партнерите во врска со спроведувањето на договорите“, рече Бектеши.

Шефот на канцеларијата на Светска банка, Палоучи во онлајн обраќање рече дека ЈПП игра конструктивна улога во развојот на една земја и може да ги подобри квалитетот и ефикасноста на трошоците на јавните услуги. Тој потенцираше дека клучните земји во ЕУ имаат добри примери за користење на ЈПП и концесиите.

„Според Светска банка само во 2019 година инвестициите преку ЈПП на глобано ниво достигаа 96,7 милијарди евра преку 419 проекти во 62 земји во светот. ЈПП многу ретко преставуваат повеќе од 10 проценти од владините инвестиции на годишно ниво и тие се само дополнување на традиционалните јавни инвестиции“, рече Палоучи.

Три работи, потенцира, се потребни за усешна имплементација на ЈПП – прво политичка волја, второ јавниот сектор да има капацитет да развие проекти од кои ќе има заемна корист со приватниот сектор и трето, да има транспарентност за употребата и спроведувањето на ЈПП.

Британската амбасадорка Галовеј посочи дека нејзината земја има големо искуство за партнерство на Владата и приватниот сектор во доставување услуги на народот кое, како што кажа, е подготвена да го сподели со земјава.
„Ни преставува задоволство да ја поддржиме Владата во идентификување и примена на моделот на ЈПП кој одговора на потребите на С. Македонија и нејзината економија. Искуството и советите на Светската банка кои ги содржат најдобрите светски практики ќе обезбедат оптимален модел на ЈПП за земјата“, рече Галовеј, потенцирајќи дека ЈПП значи ризик, но многу од овие проекти се успешни насекаде во светот
 

Содржината е прочитана 44 пати.