Бизнис вести

Централен регистар со нов веб портал

Концептот на порталот е дизајниран да се прилагоди на потребите како на професионалните корисници (адвокати, нотари, сметководители, комори, новинари, општини) така и на потребите на деловната заедница и граѓаните како корисници на услугите

понеделник, 19 октомври 2020

Централниот регистар (ЦРРСМ) информира дека го пушти во употреба новиот веб портал (https://youtu.be/zaGpHvz5x1g) и дека преку Отвореното владино партнерство се креирани „отворени подароци“ нужни за професионалните корисници и за сите кои имаат потреба од информации од јавен карактер поврзани со бизнис климата во земјава.

Концептот на порталот е дизајниран да се прилагоди на потребите како на професионалните корисници (адвокати, нотари, сметководители, комори, новинари, општини) така и на потребите на деловната заедница и граѓаните како корисници на услугите.

„Услугата ‘Основен профил на регистриран субјект‘ има за цел да ѝ овозможи на јавноста основен преглед на јавните податоци кои ги администрира ЦРРСМ, а кои се однесуваат на основната регистрација на субјектите. Со ова Централниот регистар ќе ги исполни и барањата на јавноста за транспарентност и достапност на одреден сет на податоци за деловните субјекти, но и задолженијата согласно програмата за Отворено владино партнерство“, се вели во соопштението од Централниот регистар.

Во листата на субјекти од иницијалното пребарување корисникот ќе може да одбере конкретен субјект и да ги види следните податоци за одбраниот субјект: ЕМБС, ЕДБ, целосен назив, скратен назив, датум на основање, правна форма, правен статус, адреса, дополнителни информации (во стечај/во ликвидација), претежна дејност, големина.

Истовремено со ова се врши и усогласување на Централниот регистар со најновата Директива на ЕУ за примена на дигитални алатки и дигитални процеси во трговското право во поглед на отворање на основните податоци за правните лица.

Оттаму појаснуваат дека услугата „Статистички билтен“ има за цел да понуди преглед на низа сумарни, макроекономски податоци од регистрите кои ги управува ЦРРСМ кои ја одразуваат генералната економска клима на државата. Сите статистички филтри се имплементирани да даваат податоци на ниво на целата држава, како и на ниво на секој статистички регион одделно. Дополнително, секој подносител во системите ја има можноста да го следи статусот на обработка на предметот за кој е поднесена пријава.

Интегрален дел од овој проект преставува и имплементацијата на Заедничката платформа за отпочнување бизнис преку интеграција на системите на ЦРРСМ, УЈП и АВРСМ, преку која се овозможија и нови услуги во функција на олеснување влез во бизнисот и тоа доброволната регистрација на субјектите (трговски друштва) како ДДВ обврзници при Управата за јавни приходи при самиот упис на основање и доброволното пријавување на овластеното лице за застапување (застапникот по закон) во задолжително социјално осигурување (АВРСМ).

„Со ова го заокруживме проектот Заедничка платформа за отпочнување бизнис и започнуваме ново поглавје за македонското стопанство, кое се надеваме дека ќе биде валоризирано во следниот извештај на Светска банка во поглед на рангирањето на земјата, а со тоа ќе се даде и дополнителен стимул и импулс во привлекувањето нови инвестиции кои се од насушна важност за нашето стопанство“, велат од Централниот регистар.


 

Содржината е прочитана 44 пати.