Бизнис вести

Руралната жена е сериозно погодена од негативните ефекти од корона кризата

Националната федерација на фармери вчера го одбележа 15 октомври – Меѓународниот ден на жената од руралната средина одржувајќи Zoom средба на која учествуваа околу 100 жени од руралните средини, но и претставници на научни, образовни, јавни институции и други организации кои соработуваат со руралното население

петок, 16 октомври 2020

Негативните ефекти од корона кризата сериозно ја погодија руралната жена, на која, под притисок на наметнатите услови максимално и се зголемија обврските и на поле и дома. Од друга страна, проблемите со кои и претхдно се соочуваа жените во руралните средини во нивното секојдневие, сега со оваа здравствена криза станаа понагласени.

За ова, како и за останатите предизвици со кои се соочуваат жените од руралните средини се говореше на вчерашната Zoom средба што беше организирана по повод 15 октомври - Меѓународниот ден на жената од руралната средина, кој традиционално се прославува со свечен настан организиран од страна на Националната федерација на фармери (НФФ), Мрежата за рурален развој и Шведската организација за развој We Effect.

Оваа година, Меѓународниот ден на руралната жена се одбележа со дискусија поврзана со актуелната тема за корона кризата, но од аспект на руралната жена и проблемите и предизвиците со кои таа се соочува. На средбата учествуваа околу 100 жени од руралните средини, но и претставници на научни, образовни, јавни институции и други организации кои соработуваат со руралното население.

„Негативните ефекти од корона пандемијата влијаат врз жените во руралните средини. Анализата на НФФ за земјоделството и корона кризата, која е поддржана од We Effect покажа дека кај 85 отсто од жените во руралните средини е зголемена работата и на поле и дома. Дури 64 проценти од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Националнта федерација на фармери бара реализација на мерката 115 за активен женски член во земјоделско стопанство од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2019, како и креирање мерки и политики кои ќе бидат дел од Новата стратегија за земјоделство и рурален развој со посебен осврт на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини“, рече Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.

Жените во руралните средини претходно веќе се соочуваа со специфични проблеми во нивниот секојдневен живот, но сега, со наметнатата состојба дополнително се усложнија. Дел од проблемите со кои се соочуваат овие жени во текот на актуелната ситуација се намален пристап до квалитетни здравствени услуги, зголемена видливост на неплатената работа, интензивирање на родово базираното насилство, дезинформираност и недостаток на пристап до критични технологии за подобрување на нивната работа и личен живот. Некои од овие проблеми беа детектирани преку Анализата за руралните жени и корона кризата, изработена од страна на НФФ која беше презентирана на настанот. 

На Zoom средбата свои обраќања имаа и Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика; Трајан Димковски, заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство; Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија; Анели Леина, регионална директорка на
Шведската организација за развој We Effect и Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој.

„Жената од руралната средина е невидлива работна сила и страда од различни видови на дискриминација. Нивниот труд не е платен, имаат ограничен пристап до извори на финансирање и не се вклучени во процесот на одлучување. Во услови на оваа криза уште повеќе е зголемен ризикот за жената од руралната средина. Ние сакаме да видиме напредок на ова поле. Сите земји членки кои ја имаат прифатено ООН Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација кон жената, како што е и Република Северна Македонија, треба да се придржуваат на оваа конвенција со цел и жената од руралната средина да ја добие позицијата што ја заслужува“, изјави шведската амасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон.

„Руралните жени кои традиционално го прехрануваат семејството и се грижат за неговата благосостојба играат клучна улога во обезбеденоста на домаќинствата со храна. Тие исто така се основа и на руралната економија работејќи како земјоделци, сезонски работници, но и рурални претприемачи. Проектите поддржани од We Effect во Северна Македонија покажуваат дека инвестирањето во руралните жени може да генерира значително подобрување на продуктивноста, обезбеденоста со храна и одржлив рурален развој. Руралните заедници имаат огромна социјална и економска корист кога жените поседуваат земја, имаат пристап до образование, обуки, финансиски услуги и силни организации. Затоа, затворањето на родовиот јаз во земјоделството не е само женско прашање, тоа е прашање и на семејството, на заедницата и на целото општество“, истакна Анели Леина, регионална директорка на Шведската организација за развој We Effect.

Министерска за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска истакна дека е неопходно да се надминат традиционалните стереотипи. Потенцираше дека Законот за заштита и спречување од дискриминација е во процедура на донесување.

„Од 300 склучени договори за закуп на земјоделско земјиште, само 76 договори се склучени од жени земјоделки. Потребно е да се надминат традиционалните стереотипи, да се отворат градинки и старски домови во руралните средини со цел да им се помогне на жените од руралните средини да можат да се вклучат на пазарот на труд“, рече Шахпаска.

Потребно е активно залагање од страна на сите чинители за воведување соодветни мерки за ублажување на товарот за грижа и за подобро негово прераспределување меѓу жените и мажите, за достапност до услуги на жените во руралните средини и за поддршка на продуктивната и неплатена домашна работа. Жените имаат клучна улога во обезбедувањето одржливост на руралните домаќинства и заедници, како и подобрувањето на целокупната благосостојба, но дека таквата улога се уште не е доволно препознаена можеше да се види од презентираниот мини документарен филм на НФФ „Невидливите потпори на селата“. Од друга страна, со цел жените да бидат инспирирани и поттикнати да работат на зајакнување на своите претприемнички способности, на настанот беше споделено видео со позитивни примери на жени претприемачи во рурални средини во земјава, кое го изработи Мрежата за рурален развој.

„Треба да влијаеме поттикнувачки врз руралните жени, преку презентирање на добри практики и успешни приказни за жени претприемачи во руралните средини, кои би биле инспирација за останатите жени и доказ дека тие се моќни да се ослободат од традиционалните стеги, способни да ги менуваат навиките и да ги рушат стереотипите. Јакнењето на руралнта жена е важно и од перспектива на глобалниот просперитет, за постигнување на милениумските развојни цели и обезбедување безбедно и стабилно опшество. Затоа ние како организации ги ставаме жените од руралните средини во срцето на нашите развојни програми“, истакна Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на СМ.

Трајан Димковски, заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство потенцираше дека во Единствениот регистар за земјоделски стопанства, од вкупно регистрирани 171. 000 земјоделци, запишани се 37.186 жени, односно 21,7 проценти.

 

Содржината е прочитана 58 пати.