Бизнис вести

„НЈСК Холдинг“ ја отвори првата фабрика за производство на медицински канабис во Македонија

Новата фабрика се протега на површина од 17.800 квадратни метри во индустриската зона Чојлија во општина Петровец. Инвестицијата е вредна над 16 милиони евра

среда, 14 октомври 2020

Првата македонска компанија лиценцирана за одгледување канабис за медицински цели „НЈСК Холдинг“ денеска отвори производствен капацитет. Инвестицијата е вредна над 16 милиони евра

Новата фабрика се протега на површина од 17.800 квадратни метри во индустриската зона Чојлија во општина Петровец. Новиот производствен погон располага со најсовремена опрема за хемиско-физичка и микробиолошка лабораторија за која се инвестирани над еден милион евра.

Премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерот за здравство Венко Филипче присуствуваше на отворањето на фабриката во своето обраќање истакна дека станува збор за гринфилд инвестиција од фармацевтската индустрија изградена по највисоки стандарди, со софистицирано производство и висока додадена вредност за економијата.

СпоредЗаев ваквите инвестиции во услови на криза и пандемија влеваат сигурност, отворање нови работни места и стимулирање на деловната активност. Тој рече дека успехот на секоја една компанија е и национален успех и упати порака до претпријатијата и претприемачите да ги насочат инвестициите кон нови трендови и иновации и да се фокусираат кон производи и услуги со повисока додадена вредност подготвени за извоз.

„’НЈСК Холдинг’ гради успешна деловна приказна во нашата татковина и извезува производи на сите континенти. Успехот на секоја една компанија е и национален успех. Во оваа прилика дозволете ми да упатам порака до сите претпријатија во земјата, до сите претприемачи кои имаат потенцијал за интернационално пробивање да ги насочат инвестициите во нови трендови и иновации, да го искористат моментот и да се фокусираат кон производство на производи и услуги со повисока додадена вредност, подготвени за извоз. Светската економија се преструктуира, а доколку сакаме да одиме напред, ние мораме да фатиме чекор со глобалните економски трендови. Сакам да истакнам дека Владата е во комуникација со претставниците на компаниите од оваа дејност со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи. Во европските и светските пазари имаме стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани. Тоа отвора огромни потенцијали и пазари, верувам дека во таа насока Парламентот е подготвен за предложените законски измени за кои што имавме одредено блокирање во изминатиот период, а коишто со донесување на измени и дополнувања на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места. Ако тоа го направиме до крајот на оваа година, следната година очекуваме преку 250 милиони евра производство на канабис за медицински цели. Тоа ќе стимулира отворање на нови високо платени работни места“, рече Заев.

 

Содржината е прочитана 130 пати.