Бизнис вести

ММФ: Пад на македонската економија од 5,4 отсто оваа година

Македонија ќе ја заврши годината со инфлација од 0,9 отсто и дефицит на тековната сметка од 4,7 проценти

среда, 14 октомври 2020

Пад од 5,4 отсто и прогнозира Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на македонската економија оваа година. Ваквата проекција е полоша од априлската кога беше прогнозиран пад за 4 проценти. Според ММФ, Македонија ќе ја заврши годината со инфлација од 0,9 отсто и дефицит на тековната сметка од 4,7 проценти. Пооптимистички бројки се предвидуваат за наредната година, кога македонскиот БДП би остварил раст од 5,5 отсто.

Во најновиот извештај на ММФ се прогнозира лошо сценарио за економиите на сите држави во регионот. Најголем пад на економијата ќе има Црна Гора, чиј БДП ќе се намали дури за 12 проценти. Пад од 9 отсто се предвидува за БДП на Хрватска, додека економиите на Албанија и на Косово би се намалиле за 7,5 отсто. Според ММФ босанската економија ќе збележи пад од 6,5 проценти, а најмал пад на БДП ќе има српската економија од само 2,5 отсто.

ММФ предвидува дека поради корона кризата најмногу ќе страдаат сиромашните земји и ќе им биде потребна финансиска помош од другите земји, бројот на отпуштени работници ќе расте, а сиромашните ќе станат уште посиромашни.

Сепак, и покрај ваквите песимистички бројки, ММФ предвидува дека глобалната рецесија предизвикана од корона кризата ќе биде послаба отколку првичните проценки. Проекцијата е дека светскиот БДП ќе се намали за 4,4 отсто, што е за 0,8 проценти помалку од јунските проекции.

 

Содржината е прочитана 38 пати.