Бизнис вести

Заев-ЕБОР: Продолжува соработката со интензивирање на проектите за економски развој

вторник, 13 октомври 2020

Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со делегација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) предводена од регионалната директорка на Западен Балкан, Жужана Харгитаи и директорот на канцеларијата во Скопје, Анди Аранитаси.

На средбата е изразена јасна волја за продолжување на соработката со воспоставената динамика, со акцент на имплементацијата на тековните проекти кои обезбедуваат развој на економијата и го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.

Потенцирано е дека продолжува поддршката за реализација на проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската инфраструктура, гасификацијата, како и на проекти за почитување на стандардите за заштита на животната средина и поддршка на малите и средни претпријатија.

Изразена е подготвеност за интензивирање на соработката во насока на унапредување на поврзаноста на регионално ниво со соседните земји, со цел подобрување на економскиот раст и покрај здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19.

На средбата е поздравено објавувањето на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан од страна на Европската унија и оценето е дека регионалниот развој и соработката меѓу земјите ќе придонесе за подобрување на условите за инвестирање и отворање нови работни места.

 

Содржината е прочитана 32 пати.