Бизнис вести

Градежниците бараат измени во тендерите за да имаат приоритет при добивањето работа

Од Здружението за градежништво на Стопанската комора бараат државата да се заземе за поголема реализација на капиталните инвестиции и да се направат нови мерки на субвенционирање во опрема и актуелни софтвери кои се бараат во ЕУ, а се скапи за домашните компании

вторник, 13 октомври 2020

Дополнителна финасиска помош за секторот бараат градежниците, бидејќи, како што велат, годината ќе ја завршат со сериозен пат и доколку не ја добијат неопходната помош, најавуваат сериозни проблеми наредната година.

Освен тоа, домашните градежни компании бараат и измени во условите на тендерите со што ќе можат да добијат приоритет во добивање на работа на домашни тендери. Сметаат дека како подизведувачи на странски компании не можат да се развиваат, а со својата големина сега не можат да добијат работа во странство каде што се бараат големи компании и банкарски гаранции кои не можат да ги обезбедат.

Здружението за градежништво на Стопанската комора денеска имаше средба со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски од кого беше побарано државата да ја зголеми поддршката преку дополнителни мерки кои не се опфатени во четвртиот пакет.

„Државата да се заземе за поголема реализација на капиталните инвестиции посебно да се надминат проблемите меѓу јавните претпријатија и општините, но и да продолжат мерките на помош за плати на вработените, администрацијата да биде пофлексибилана и да се обезбеди помош за извозните компании. Очекуваме да се направат и нови мерки на субвенционирање во опрема, актуелни софтвери кои се бараат во ЕУ и се скапи за нашите компании. Ние сме на услуга на државата да ни помогне да ги креира сите услови за да можеме да бидеме ангажирани“ рече претседателот на Здружението, Андера Серафимовски.

Тој истакна дека и покрај пандемијата нема отпуштања на работници, просекот од 57.000 работници во градежниот сектор е задржан, па дури има и раст на платите.

Министерот Бочварски истакна дека Владата ќе преземе низа меркиза да го помогне градежниот сектор.

„Ние како држава да направиме промени во однос на динамиката и темпото на капиталните инвестиции, работиме на одглавување на инвестициите за да се отвори можност за побрзо реализирање на проектите, а компаниите треба да продолжат со подобрување на капацитетите за да можат да одговорат на барањата како во земјата, така и во странство“, рече Бочварски.

 

Содржината е прочитана 35 пати.