МАКЕДОНИЈА

Утре почнува „Викенд без ДДВ“

Собранието ги изгласа законските измени за мерката со која на граѓаните ќе им се враќа целиот износ на ДДВ за домашните производи и ИТ опрема што ќе ги купат во претстојните три дена

петок, 09 октомври 2020

Утре почнува „Викендот без ДДВ“. Собранието денеска ги донесе законските измени за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, по скратена постапка.

Со изгласаните законски измени се овозможува да се реализира мерката „Викенд без ДДВ“, која е дел од најавените антикризни мерки на Владата поради ковид пандемијата.

Со „Викенд без ДДВ“ граѓаните ќе го добијат назад целиот ДДВ за производите што ќе ги купуваат во претстојниот продолжен викенд. Проценките се дека околу 350.000 корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе можат да купуваат домашни производи и услуги, компјутери и друга ИКТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, а во рок од најмногу две недели, поточно до крајот на месецот на нивните трансакциски сметки ќе им биде исплатен назад целиот ДДВ.

Преку оваа мерка, според проценките, ќе се оствари промет од 170 милиони евра кои ќе бидат инјекција во стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра преку повратот на ДДВ.

 

Содржината е прочитана 44 пати.