Инфо

Македонија на чекор до Европското првенство во фудбал 2021

Македонската фудбалска репрезентација има историска шанса да се замеша со најдобрите фудбалски земји на стариот контитент и доколку ја победи Грузија ќе се пласира на Европското првенство

петок, 09 октомври 2020

Македонија е пред историска шанса да го оствари својот сон – пласман на Европското првенство во фудбал 2021 година. Со синоќешната победа над Косово, македонските фудбалери се најдоа на чекор до зацртаната цел од која ги дели уште еден натпревар со селекцијата на Грузија.

Нашите избраници вчера рутински ја совладаа репрезентацијата на Косово со 2:1. Историскиот меч за пласман на ЕП меѓу Македонија и Грузија ќе се игра на 12 ноември во Тбилиси, што значи дека грузиските фудбалери ќе ја имаат предноста на домашниот терен. Сепак, нашите репрезентативци се подготвени и мотивирани да го остават срцето на теренот и прв пат во име на својата земја и под македонското знаме да се борат со најдобрите фудбалски земји на стариот континент.

Инаку, доколку Макеоднија триумфира над Грузија, веќе е познато дека наредната година ќе се натпреварува во групата „Ц“ заедно со Холандија, Австрија и Украина. Би старувале на 13 јуни во Букурешт против Австрија, исто така во Букурешт ќе ги одмериме силите и со Украина, а против Холандија би играле во Амстердам.

Но, евентуалната победа против Грузија има и друга убава страна. Имено, со самиот пласман на Европското првенство, од Европската куќа на фудбалот (УЕФА) во касата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе легнат 9,25 милиони евра, а оваа сума може да порасне доколку нашите фудбалери бележат добри резултати на континенталниот собир. Поточно, секоја победа на турнирот носи 1,5 милион евра, секое реми 750.000, додека учеството во елиминациската фаза, односно, пласман во вториот круг гарантира дополнителни 2 милиони евра.
 

Содржината е прочитана 40 пати.