Бизнис вести

СБ: „Македонската економија годинава ќе забележи пад од 4,1 отсто“

Во извештајот „КОВИД-19 и човечкиот капитал“ се наведува дека економиите од регионот на Европа и Централна Азија годинава најверојатно ќе ја завршат со пад од 4,4 проценти, што е најтешка рецесија по глобалната финансиска криза од 2008 година, а пандемијата во 2020 година ќе ја зголеми сиромаштијата во сите земји во регионот

среда, 07 октомври 2020

Економиите од регионот на Европа и Централна Азија годинава најверојатно ќе ја завршат со пад од 4,4 проценти, што е најтешка рецесија по глобалната финансиска криза од 2008 година, покажува последното издание „Економски извештај за Европа и Централна Азија“ под наслов „КОВИД-19 и човечкиот капитал“, што го објави денеска Светска банка. За следната година се очекува раст на економиите од 1,1 до 3,3 проценти, иако, како што се наведува во извештајот, постојат ризици растот да биде и помал.

За Македонија, Банката прогнозира пад од 4,1 отсто оваа година и раст од 3,6 проценти за наредната и од 3,5 отсто во 2022 година.

„Економијата се соочува со рецесија од 4,1 проценти во 2020 година, што е најголем пад од 2001 година. Контракцијата на побарувачката и нарушувањата кај синџирите на снабдување предизвикани од продолжената пандемија и мерките за ограничување беа полоши од предвидувањата“, констатира СБ за Северна Македонија.

Се нагласува дека пандемијата силно ја погоди економијата и иако програмите за поддршка на Владата донекаде влијаеа врз работниците и фирмите, фискалниот простор се стесни поради нивото на долг кое се приближи на 60 проценти од БДП. Притоа се потенцира дека се неопходни фискални, конкурентни, еколошки и реформи во управувањето за закрепнување и за пристапување кон ЕУ.

Во извештајот се додава дека невработеноста е во пораст, додека приватните инвестиции се сериозно погодени бидејќи инвеститорите се борат со загубите на страна на побарувачката и со недостиг на ликвидност.

„Во отсуство на одговор на Владата, комбинираниот ефект на пониските приходи на трудот и на дознаките ќе ја зголемат сиромаштијата до нивоата пред 2015 година на приближно 23 проценти во 2020 година и многу од оние што запаѓаат во сиромаштија, пред пандемијата не беа корисници на какви било програми за социјална заштита“ се вели во извештајотна Светска банка и се потенцира дека програмите за поддршка воведени од Владата најверојатно ќе го ублажат влијанието на сиромаштијата поради кризата.

Светска банка очекува на среден рок растот да се врати, во зависност од губење на силата на епидемијата.
 

Содржината е прочитана 31 пати.