Бизнис вести

Од понеделник ќе се патува без ПЦР тест во Србија, Косово, Црна Гора. Албанија и БиХ

вторник, 06 октомври 2020

Владата ја одобри одлуката за отворање на границите безусловно (без ПЦР тест) и од понеделник, 12 октомври ќе може слободно да се патува во Србија Косово, Црна Гора, Албанија и во БиХ. Истовремено овозможен е и непречен влез на странските државјани од овие држави без приложување медицинска потврда со негативен ПЦР тест.

Одлуката на Владата следува по координација со министерствата за здравство од регионот.

Веста ја објави на Фејсбук премиерот Зоран Заев. Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји без обврска да приложат негативен тест.

„Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести, според кое до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од Ковид-19“, напиша Заев.
 

Содржината е прочитана 75 пати.