Бизнис вести

Наспроти ветрот – поддршка на женското менаџерство

Поддршката што агенција „Марили“ ја дава цели 24 години преку својот проект за женското менаџерство „Избор на најуспешни жени менаџери од Македонија“ и успеа во изминатиот период на транзиција да поддржи вкупно 240 жени менаџери и оваа година ќе се реализира преку доделување признанија на 10 лауреатки за 2019 во рамки на бизнис настанот „Жена менаџер“ што ќе се одржи на 30 септември во хотел „Александар палас“ во Скопје

недела, 27 септември 2020

Со распнати едра наспроти бурата предизвикана од пандемијата со Ковид-19 женското менаџерство успешно плови низ немирните води во кои е фрлен економскиот опстанок. Здравствената криза од светски размери ја предизвикува и економската криза од која се погодени сите, но особено микро и малите претпријатија каде што најчесто се среќаваат жените како претприемачи, менаџери и лидери.

Поддршката што агенција „Марили“ ја дава цели 24 години преку својот проект за женското менаџерство „Избор на најуспешни жени менаџери од Македонија“ и успеа во изминатиот период на транзиција да поддржи вкупно 240 жени менаџери и оваа година ќе се реализира преку доделување признанија на 10 лауреатки за 2019 во рамки на бизнис настанот „Жена менаџер“ што ќе се одржи на 30 септември во хотел „Александар палас“ во Скопје.

Истовремено на овој настан ќе биде одбележан и петгодишен јубилеј на МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ кој ги вмрежува жените менаџери од сите досегашни манифестации како и почесните членови кои дале свој особен продонес во развојот на проектот за поддршка на женското менаџерство. Клубот им помага на своите членки да разменуваат идеи и искуства, ја поддржува иновативноста, им овозможува соработка со други слични асоцијации, здруженија и организации во земјава и надвор од неа. Во рамки на Клубот досега се одржани бројни едукации и дебати, а посебно се негува хуманоста кон општествената заедница. Во изминатиот период на ковид-криза се разви и солидарноста помеѓу членките на Кубот заради полесно пребродување на економската криза.

Силата на женското менаџерство е во нејзиното обединување и заедничка борба за правата на жените да бидат еднакво застапени на високите менаџерски и лидерски позиции во бизнисот, но и воопшто во општеството.

Токму од тие причини МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ е главен носител на годинешниот бизнис настан „Жена менаџер“ на кој ќе бидат доделени признанијата на најуспешните менаџерки во 2019 избрани според веќе воспоставени критериуми. 

А, најуспешните жени менаџерки избрани за минатата година се:

1- Мерита Рамадани Алими, директор за бизнис и развој во DOGAN Air Conditioning Solutions - Скопје
2- Маја Бабиќ, извршен и оперативен менаџер во „Баги Комуникации“ - Скопје
3 - Татјана Дејаноска, директор на продажба во „Циклама инжинеринг“ – Гостивар
4 - Д-р Даниела Димитрова, сопственик на Центар за дентална и естетска медицина „Перла“ – Скопје
5 - Наталија Дренковска, менаџер за административни работи и набавки во ТАВ Македонија
6 - Олга Јосевска, оперативен менаџер во „Comodita Home“ – Македонија
7 - Даниела Китанова, менаџер во Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје , EVN Group
8 – Магдица Костадинова, извршен менаџер на „Еуро Консалт Плус“ - Скопје и „ЕКП травел“ – Скопје
9- Марија Кукуновска, генерален менаџер на „БИСПАГ Противпожарна Техника“ – Скопје
10 - Жанета Џафер, генерален менаџер на козметичко-фризерско студио „Жанета Естетик“ – Скопје

На настанот ќе биде доделено и едно специјално признание на д-р Милена Стевановиќ, директор на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, за успешно менаџиање во услови на вонредна состојба предизвикана од ковид-кризата.

Исто така, на министерката Мила Царовска ќе и биде доделена благодарница за континуирана поддршка на женското менаџерство и на проектите на агенција „Марили“.

Културниот дел на програмата од овој настан и е отстапен на нашата прва харфистка Мерсиха Шукри.

Агенција „Марили“ и во иднина останува посветена на поддршката на жените во бизнисот кои секогаш се подготвени да пловат и по мирно море и во разбуркани води.

 
Содржината е прочитана 203 пати.