Интервјуа

Научените лекции во справувањето со Ковид-19 ќе ни бидат од корист во периодот што следува

Интервју со д-р Милена Стевановиќ, директор на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во кое говори за предизвиците со кои се соочила како менаџер и лекар во првите месеци во борбата со непознатиот „непријател“, за соработката со персоналот, подготовките за она што ни претстои, но и за големото значење и широко портфолио на асоцијацијата ХЕРА, чиј основач е таа, здружение кое поттикнува општествена промена за остварување на сексуалните права. Агенција „Марили“ на д-р Стевановиќ ќе и додели специјално признание за успешно менаџирање во услови на ковид-криза на бизнис настанот „Жена менаџер“ што ќе се одржи на 30 септември 2020

среда, 23 септември 2020

МАРИЛИ: Д-р Стевановиќ, како директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби кажете ни кои беа најголемите предизици да се менаџира со Клиниката во изминативе шест месеци во услови на светска пандемија од Ковид-19? 
СТЕВАНОВИЌ:
Прва задача беше да се обезбеди соодветно движење на Клиниката, а со тоа да се создадат услови за безбедно работење. Прва моја грижа беше да се заштити персоналот, сите до еден мораа да имаат соодветна заштитна опрема и да бидам сигурна дека секој знае соодветно да ја користи. Понатаму следеше брзо планирање и соогледување на сите потребни материјали и опрема, а која недостасуваше на Клиниката или не беше во доволен број. Се разбира, учевме од искуствата по светот, препораките кои тие ги даваа од сопствените искуства. Дење се правеа планирања, набавки, комуникација со колеги, пребројување на се што е веќе достапно, а по цели ноќи се читаа, споредуваа и пишуваа нашите протоколи за третман, за постапување во различни ситуации. Во исто време светот се затвори, набавките не беа лесни, сите чуваа опрема за себе, па затоа беше од огромно значење да се стави во функција се со што ние веќе располагавме во државата. Поради тоа правевме брза проверка, поправка, сервисирање и реорганизирање на се што постоеше во државата како опрема корисна во оваа ситуација. Благодарение на одличната соработка и координираност со колегите ние немавме проблем со недостаток на опрема, со тек на време и со проширувањето на капацитетите ја дополнувавме со онаа што пристигнуваше.

МАРИЛИ: Дали периодот кога Македонија беше во вонредна состојба со строг карантин помогна Клиниката полесно да се справи со напливот на пациенти во услови на ограничени капацитети и персонал и да се даде време да се опреми подобро, со оглед дека станува збор за зараза од вирус за кој нема доволно научни сознанија?
СТЕВАНОВИЌ:
Сите преземени мерки за намалување на ширењето на епидемијата и минимизирање на бројот на новоинфицирани и заболени беа круцијални во справувањето со Ковид-19. Не само со опремувањето, туку и со организација на целокупниот здравствен систем, мораше да се испланираат и организираат и дополнителни капацитети како болнички, така и професионални, иако во почетокот тие не беа потребни, но во наредните месеци се покажа дека се од круцијално значење за функционирање на здравството во целата држава.

МАРИЛИ: Може ли да направите некаква споредба со времето кога прв пат се соочивте со овој „непријател“ како лекари и како Клиника и сега - шест месеци подоцна „побогати“ со искуство и сознанија за борба со вирусот! Колку денеска сте поподготвени да се справите со болеста, иако бројката на новорегистрирани на дневно ниво е се уште многу висока, можеби дури и поголема отколку на почетокот? Дотолку повеќе што Ковид-19 е болест за која никој не е ниту специјално обучен, ниту, пак, досега имал некакво искуство со истата?

СТЕВАНОВИЌ: Во тек е седмиот месец од почетокот на епидемијата кај нас, па сега за нас справувањето со Ковид-19 е рутина и е неспоредливо со почетоците. Покрај апсолвирањето на светското искуство во дијагностика и третман на болеста имаме и непроценливо сопствено искуство на кое сериозно се потпираме и сметам дека успешно се справуваме. Но, пред нас е нов предизвик, нова сезона која носи и очекувана појава на нови/стари болести кои ги имаме секоја година. Со цел да можеме да одговориме на потребите на сите пациенти кои може да бидат и во поголем број од сега, во тек е планирање и нова реорганизација на работењето на Клиниката.

 

МАРИЛИ: Какви се моменталните капацитети на Инфективната клиника за справување со Ковид-19 во однос на вкупните капацитети? Дали при евентуален нов посилен бран есенва, би била активирана и мобилната болница поставена во кругот на Клиниката и дали има доволно персонал?
СТЕВАНОВИЌ:
Не се работи само за вкупните расположливи капацитети на Клиниката, кои се исполнети во околу 80 проценти во моментов, туку за простор кој мора да биде „чист“ без Ковид-19 каде ќе се лекуваат пациентите со инфективни заболувања а нема да бидат инфицирани со новиот корона вирус, за нив мора да обезбедиме безбеден простор за лекување. Верувам дека во наредниот период и новата болница ќе биде активирана и ставена во функција за да ги задоволиме сите потреби како просторни така и во високи стандарди за лекување и грижа на пациентите. Персоналот како здравствен така и помошен секогаш е во помал број од потребниот и тоа е пречка која мора да ја надминеме.

МАРИЛИ: Кажете ни накратко како изгледа еден Ваш работен ден на Инфективната клиника?
СТЕВАНОВИЌ:
Секогаш е динамичен, прелетува за миг, независно колку долго трае. Секогаш исполнет со многу договарање, анализирање, пациенти. Редовно започнува со пренесување на состојбата на пациентите од претходното дежурство, продолжува со согледување на тековните потреби за непречено работење на Клиниката, како за потребите на пациентите така и да се олесни работата на здравствениот и помошен персонал кој несебично се вложува во својата работа. Благодарение и на одличната соработка со организациската директорка, Мирјана Пехчевска Поп Илиева Клиниката „го гази“ сигурно и успешно овој тежок пат низ пандемијата со Ковид-19.

МАРИЛИ: Колку е важна смиреноста и „ладната глава“, но и координацијата со Вашите колеги не само на Инфектвната клиника, туку и пошироко за состојбата да се држи под контрола? Каква е соработката со колегите од другите здравствени центри во државата, но и со државните институции како Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и инспекторатите?
СТЕВАНОВИЌ:
Како велите - „ладната глава“ е основниот услов за добра и брза организација и координација за решавање на сите проблеми. За ефикасно решавање на сите предизвици кои ни излегоа на патот во овие седум месеци, неопходна беше интензивна комуникација со сите болници кои третираат Ковид-19, но и оние кои ги згрижуваа останатите пациенти, Комисијата за заразни болести, како и Министерството за здравство. Кога секој ги знае сопствените задачи и ингеренции, работите одат многу полесно и поефикасно. Мислам дека затоа и успеавме добро да се снајдеме во оваа ситуација која никој никогаш претходно не ја искусил во вакви димензии. Секако, научивме и многу лекции кои ќе ни бидат од корист во периодот што следува.

МАРИЛИ: Вие сте инфектолог по струка. Од каде љубовта токму кон оваа специјалност и каде се усовршувавте?
СТЕВАНОВИЌ:
Пред крај на студиите имав можност да бидам учесник на летна школа за превенција на ХИВ инфекцијата. За мене беше предизвик целокупното искуство што го пренесоа предавачите за системите кои веќе беа развиени во светот за згрижување, третман и нега на пациентите кои живееат си ХИВ, а кои кај нас не постоеја. Како член на студентска асоцијација на студенти по медицина веднаш иницирав активности за подигање на свеста и информираноста за ХИВ инфекција помеѓу младите, а кратко по тоа потребата од една организација како ХЕРА се наметна сама по себе. По дипломирањето и завршените обврски со одработување на стажот и положување на државниот испит, веднаш се пријавив да волонтирам на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со јасна цел и амбиција.

МАРИЛИ: Вие сте и основач на Здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, на што сте особено горди. Кон што се стреми ова здружение и кои се неговите основни цели?
СТЕВАНОВИЌ:
Да, посебно сум горда на развојот на организацијата. Оваа година се навршуваат 20 години од нејзиното основање, а малку организации можат да се пофалат со таков развој и успешно работење. Една мала група на тогаш млади лекари и студенти имаа јасна визија за потребата на општеството во врска со ХИВ инфекцијата. Колку повеќе учевме толку појасно ни беше дека мора да научиме повеќе и да работиме повеќе без оглед на тоа што во тоа време ниту луѓето, ниту пак институциите го препознаваа проблемот и немавме многу поддршка. Денес ХЕРА има многу пошироко портфолио, ХЕРА предводи граѓанска акција и поттикнува општествена промена за остварување на сексуалните права и за овозможување подобро образование и услуги за сексуалното и репродуктивното здравје, особено за маргинализираните заедници. Нови млади луѓе кои имаат јасни визии и цели и грабат напред во подобрувањето на животот во државата.

МАРИЛИ: Колку е тешко да се биде жена менаџер денеска во Македонија и успешно да се напредува во кариерата и дали сериозните времиња и серозните битки ги исфрлаат вистинските херои на површина?
СТЕВАНОВИЌ:
Старите велат дека на мака се познаваат хероите. Не се доживувам како херој, само како човек кој си ја сака работата и посветено ја работи. Не можам да кажам дека како жена сум имала потешкотии во реализација на било која цел, секако, тоа зависи и од соработниците и системот во кој работите. Никогаш не сум дозволила некој да ме третира поинаку затоа што сум жена, точно знам што сакам да постигнам, со јасна цел и визија, секогаш го давам својот максимум, знам колку можам и што знам и точно знам каде и кога треба да побарам помош. Сметам дека е тоа професионален и искрен однос кон работата и соработниците и само така може да се постигне посакуваниот успех. Ние имаме повеќе директорки на клиники, сите имаме поддршка како од министерот за здравство, така и од колегите. 

МАРИЛИ: Што правите кога ќе го соблечете белиот мантил? Имате ли слободно време и со што го исполнувате?

СТЕВАНОВИЌ: За жал, последниве месеци поминаа без можност за релаксација и слободно време за нешто друго освен за работа. Некогаш фотографијата ми беше хоби, голем љубител сум на уметноста, но денес за мене непроценливо задоволство, релаксација и извор на енергија е играта со мојата внука Милица. Мислам дека тоа беше главниот извор на сила да се помине овој период.

 

МАРИЛИ: Што ќе им препорачате на нашите читатели, како да се однесуваат во есенскиот и зимскиот период во кој се очекува короната да земе поголем замав?
СТЕВАНОВИЌ:
Со доаѓањето на зимата ќе биде уште потешко да се заштитиме и да го намалиме ризикот од инфекција со новиот корона вирус, доколку строго и принципиелно сите не се придржуваме до препорачаните мерки. Поради ниските температури ќе бидеме затворени внатре, ако не се придржуваме на високите стандарди за одржување на хигиената, правилното користење на маската и избегнување собири каде не може да се обезбеди соодветна дистанца, ризикот од пренесување на инфекцијата ќе биде поголем. Во тек на зимскиот период има многу други горно-респираторни инфекции кои се пренесуваат на ист начин и со слични симптоми како и новиот коронавирус, па ќе биде и потешко да се диференцираат. Затоа, ве молам, придржувајте се на препорачаните мерки за превенција.

Фото: Драган Митревски
 

Содржината е прочитана 1570 пати.