Бизнис вести

Стопанствениците му ги испорачаа првите барања на министерот Бесими

Полесен пристап до капитал, даночен календар за поголема предвидливост, намалување на парафинските давачки, но и признавање на трошоците за тестовите за Ковид од даночен аспект се дел од барањата што бизнисмените од Стопанската комора на Македонија му ги упатија на новиот минитер за финансии

петок, 18 септември 2020

Полесен пристап до капитал, даночен календар за поголема предвидливост, намалување на парафинските давачки, но и признавање на трошоците за тестовите за Ковид од даночен аспект, се дел од барањата што бизнисмените од Стопанската комора на Македонија му ги упатија денеска на министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Стопанствениците побараа полесен пристап до капитал особено во сегашните услови на светска економска криза кога тој е лимитиран. Бесими рече дека преку државната гарантна шема значително ќе се подобри пристапот до капитал и најави дека државата со 10 милиони евра ќе биде гарант на фирмите за полесно да можат да земат кредит во комерцијалните банки. Државната гарантна шема треба да започне да профункционира до крајот на годината, а ќе оди преку Развојната банка, додека средствата ќе се пласираат преку комерцијалните банки.

„Веќе е разговарано со Развојната банка. Во Министерството работиме на законски измени за да може ова да се реализира. Во Владата се размислува околу 10 милиони евра да се стават во Банката за развој, а таа потоа ќе ја развие гарантната шема“, рече Бесими.

Бизнисмените, меѓу другото побараа од министерот да се разгледа и прашањето за двојното одданочување за приватното здравствено осигурување за кое сега плаќаат персонален данок и данок на добивка.

„Над 20 проценти плаќаме дополнително на државата за здравствено осигурување со кое сакаме младите да ги мотивираме да останат во државата и да им озвоможиме да бидат здравствено покриени за било каков случај. Веројатно сме единствената држава во светот која и плаќа двапати на државата за нешто што е со идеја да се мотивираат вработените да останат во земјата“, рече првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

На првата средба во Стопанската комора по неговото именување, Бесими начелно ги прифати предлозите на стопанствениците, а за дел од нив рече дека мора да се видат фискалните импликации. Компаниите, како што најави, може да очекуваат признавање на трошоците за тестови за Ковид од даночен аспект, а позитивен е ставот и за барањето за двојното одданочување за здравственото осигурување.
 

Содржината е прочитана 70 пати.