Бизнис вести

Горан Сладиќ е новиот генерален директор на Пивара Скопје

вторник, 15 септември 2020

Горан Сладиќ е новиот генерален директор на Пивара Скопје. Тој на оваа функција стапи на 1 септември кога го замени Дан Тимотин, кој е унапреден во генерален директор на Coca-Cola HBC за Чешка и Словачка.

Сладиќ најави дека неговиот ангажман во Пивара ќе се темели на три столба.

„Првиот, секако, е силната традиција на Пивара Скопје, вториот е фокусот на иновациите и градењето доверба кај купувачите и потрошувачите во уникатните вредности и можности на нашите брендови, а третиот столб ја претставува нашата апсолутна посветеност кон луѓето и развојот на талентите“, изјави Сладиќ

Горан Сладиќ е искусен менаџер кој ја започнал својата кариера во Coca-Cola HBC во Хрватска во 2003 година. Пред доаѓањето во Пивара Скопје тој беше на позицијата регионален директор за продажба на Coca-Cola HBC во Нигерија, што ја извршуваше од 2017 година. За време на неговиот ангажман во Нигерија компанијата постигна рекордни продажни резултати и беа воведени многубројни иновативни решенија кои ги унапредија продажните капацитети. Пред преземањето на функцијата во Нигерија, Сладиќ бил одговорен за сегментот на премиум жестоки пијалаци на Coca-Cola HBC во Југоисточна Европа.

Пивара Скопје веќе 98 години е присутна на домашниот пазар на пиво и безалкохони пијалаци. Компанијата е дел од системите на Coca-Cola HBC и HEINEKEN N.V.
 

Содржината е прочитана 73 пати.