Бизнис вести

Јавен повик на Фондот за иновации за поддршка на фирмите преку иновациски ваучери

Компаниите нема да добиваат директна финансиска помош, туку ваучери што ќе можат да ги користат за услуги од универзитетите во форма на истражувања, сертифицирање или било каков тип научна помош за развој на фирмите

петок, 11 септември 2020

На први октомври Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ќе објави нов јавен повик за поддршка на фирмите преку иновациски ваучери. Компаниите нема да добиваат директна финансиска помош, туку ваучери што ќе можат да ги користат за услуги од универзитетите во форма на истражувања, сертифицирање или било каков тип научна помош за развој на фирмите.

Средствата може да се искористат за развој на нови или искористување на постојните производи, услуги, процеси, за технички спецификации, за производство на лабораториски прототипови, за различни видови испитувања, за валидација на технологија, за развој на посебни софтвери, за организирање специфични обуки…

„Апликанти може да бидат мали, микро и средни претпријатија кои ги исполнуваат конкретните услови дефинирани во повикот, а давачи на услуги од областа на науката високообразовни установи, унивезритети и институти, како и МАНУ“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Апликациите ќе се поднесуваат електронски, а ваучерите ќе се доделуваат на принципот „прв дојден – прв услужен“. Ќе може да се искористат во рок од шест месеци од потпишување на договорот меѓу фирмата и ФИТР, а со нив ќе може да се покријат 80 отсто од трошоците, или максимум 500.000 денари без ДДВ. Една компанија може да добие најмногу два ваучера, но не за ист повик.

За овој јавен повик Фондот за иновации обезбеди вкупно 15 милиони денари, а повикот ќе трае додека проектираните средства не бидат доделени.

Деспотовски нагласи дека ова е прв ваков повик во земјава кој ќе ги поврзе бизнисот и академската фела, а компаниите нема да добиваат директна помош туку средствата ќе се реализираат преку академскиот кадар кој водено сам ќе ја одреди цената на своите услуги.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска рече дека со овој нов инструмент за соработка на бизнисот и науката се вложува многу повеќе што е од интерес на сите страни.


 

Содржината е прочитана 48 пати.