МАКЕДОНИЈА

На 15 септември четири банки почнуваат со исплата на депонентите во Еуростандард банка

Депонентите се распределении во банките за исплата на обесштетувањето според според првата буква од презимето

петок, 11 септември 2020

Во вторник, 15 септември ќе започне исплатата на обесштетувањето на осигурениот износ на депозитите во Еуростандард банка до законски утврдениот максимален износ од 1.850.889 денари, соопшти Фондот за осигурување на депозити.

Исплатата ќе се извршува преку четири деловни банки и тоа според првата буква од презимето на депонентот:

Депонентите чие презиме започнува на буквите А, Б, В, Г и Д ќе се исплаќаат во експозитурите на Комерцијална банка на целата територија на земјава.

Оние граѓани со презиме што започнува на буквите Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ ќе се исплаќаат во експозитурите на НЛБ Банка на целата територија.

Депонентите чие презиме започнува на буквите М, Н, Њ, О, П и Р ќе се исплаќаат во експозитурите на Стопанска банка на целата територија.

Во експозитурите на Халкбанк ќе се исплаќаат депонентите чие презиме започнува на буквите С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш.

Од Фондот инофмираат дека депонентите – самостојни вршители на дејност со личен труд кои во Еуростандард банка во стечај биле регистрирани како ТП (трговци поединци) адвокат или извршител или со назив на дејноста, на пример, Месарница, своето обесштетување ќе го подигнат според првата буква од називот. (Пример: Адвокат Петар Петровски се смета за депонент чиј назив започнува со буквата А, или ТП Петар Петров се смета за депонент чиј назив започнува со буквата Т).

Тие покрај документ за идентификација (лична карта, пасош) потребно е да приложат доказ за регистрација на стопанската дејност (тековна состојба).

Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише Потврдата на шалтер во банката исплатувач каде е распределен за подигнување на средствата.

Банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во Потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација.

Полномоштвата/овластувањата кои депонентите веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници/овластени лица за депозитот во Еуростандард банка ќе важат и при исплата на обесштетувањето во банките-исплатувачи и нема потреба да издаваат нови полномоштва/овластувања за оваа намена.

Доколку депонентот е спречен лично да го оствари своето право на обесштетување, банките – исплатувачи ќе вршат исплата и на лице овластено врз основа на полномоштво заверено од нотар.

Во случај кога сопственикот на депозитот е починато лице, неговите наследници треба да се обратат во Фондот за осигурување на депозити и да приложат документи за идентификација и наследно решение со цел да се спроведе исплатата на обесштетувањето.

Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година.

Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот кои се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.

Во случај депонентот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциски сметки, банката-исплатувач независно од износот на обесштетување, нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на којашто ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.

Секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години од денот на почеток на исплатата, за кога ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување во банките-исплатувачи. По истекот на овој временски период од 3 години депонентите, односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките – исплатувачи, исплатата на обесштетувањето ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој ќе обезбеди обесштетување независно од тоа кога депонентот ќе достави барање за остварување на своето право на обесштетување.

 

Содржината е прочитана 79 пати.