Бизнис вести

ССК бара итна помош од државата за бизнисот да излезе од кризата

Бизнисмените бараат протоколи за работа за сите дејности, да се овозможи побрз проток на границите, да се задржат постојните или да се склучат нови договори за извозно ориентираните компании и да има финансиски пообемна поддршка со претстојниот четврти пакет економски мерки

четврток, 10 септември 2020

Итно да се изготват протоколи за работа за сите дејности, да се овозможи побрз проток на границите и да се задржат постојните или да се склучат нови договори за извозно ориентираните компании и да има финансиски пообемна поддршка со претстојниот четврти пакет економски мерки, побара денеска Сојузот на стопански комори (ССК) од Владата, на средбата на првиот човек на Комората, Даниела Арсовска со министерот за економија, Крешник Бектеши.

Претседателката на ССК, Арсовска рече дека е неопходно државата да помогне за бизнисот да преживее, бидејќи состојбата е влошена, а компаниите секојдневно запаѓаат во долгови. Таа смета дека без да се помогне веднаш, особено на оние кои се принудно затворени, но и на дејностите кои поради природата на нивната работа немаат никакви приходи и нарушена ликвидност, падот на економијата ќе продолжи, ќе има дисторзија на пазарот на труд, трајно губење работни места и замирање на претпријатија кои со години опстојувале на пазарот.

„Стопанството се соочува со нарушена ликвидност, а за неговата лошата кондиција доказ е и регистрираниот пад на БДП во вториот квартал. Очекуваме интервенто да се делува со директна финансиска поддршка за најпогодените сектори за да се ублажат ефектите од пандемијата колку што е можно повеќе, бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање. Кризата во континуитет трае повеќе од шест месеци, постојат дејности кои се уште се принудно затворени од Владата, за што е неопходно што поскоро по примерот на земјите од регионот и светот да се креираат прецизни протоколи за работа за остварување на дејноста, но и здравствена превенција и да им се овозможи да функционираат. Министерството за економија во рамки на своите надлежности преку директно грантирање може да ги помогне оние кои се најпогодени, кои се принудно затворени и тонат не по своја вина. Претприемачите се најпогодени од кризата, а имаат клучна улога во функционирањето на националната економија“, рече Арсовска и додаде дека во секторите туризам, енергетика, минерални суровини, индустриска и инвестициска политика на деловната заедница и се потребни квалитетни и применливи закони со инклузија на реалниот сектор во самото драфтирање.

Министерот Бектеши рече дека максимално ќе им се излезе во пресрет на компаниите и во таа насока соработката со Сојузот ќе се интнзивира во претстојниот период, со цел економските мерки, кои ќе бидат донесени со целосна вклученост и консултација на секторот врз основа на реалните потреби, да имаат поголем ефект за најпогодените.

Тој најави дека поддршката ќе продолжи преку четвртиот пакет антикризни мерки кој е во фаза на подготовка, за што веќе се прават проценки преку ребалансот на Буџетот со цел да се обезбедат средства за тоа. Бектеши најави дека главно ќе се работи за даночни олеснувања и директни субвенции за претпријатијата, особено од секторите кои се најмногу погодени и кои се уште немаат дозвола за работа од државата.
 

Содржината е прочитана 39 пати.