Култура

„Бата прес“ ќе промовира 10 книги од европски автори на Саемот на книгата

Во рамки на проектот „Време е за книга“ ќе бидат промовирани 7 книги за деца и млади и 3 книги на добитници на реномираната Европска награда за литература

четврток, 10 септември 2020

Во Промотивниот центар на Саемот на книгата во Скопје, издавачката куќа „Бата прес“, денес во 13 часот, медиумски ќе го промовира проектот „Време е за книга“ поддржан од Министерството за култура и Европската унија во рамките на програмата „Креативна Европа“ за литературни преводи.

Во реализацијата на проектот „Бата прес“ објави 10 книги од познати европски автори. Станува збор за 7 книги за деца и млади, како и 3 книги на добитници на реномираната Европска награда за литература.

Поради кризата со корона вирусот, авторите на делата нема да дојдат во Скопје за промоција на делата, ама во текот на кампањата до крајот на оваа година ќе имаат интервјуа и видео обраќања до читателите, а за промоциите „Бата прес“ подготви плакат, проспекти, аудио и видео трејлери, претставување на социјалните мрежи и други современи алатки за промоција на делата.

Во официјалната програма на Саемот ќе бидат промовирани преводите на следниве книги: „Единственото сеќавање на Флора Бенкс“ од Емили Бар, (од англиски), „Пирати од леденото море“ од Фрида Нилсон (од шведски), Ереб од Урсула Познански (германски), „Хотел со големо Л“ Шурд Кајпер (холандски), „Волшебницата од долниот кат“ од Марчин Шчигелски, илустрации Магда Вошик (полски), „Слаткарницата на кривогледиот Џим“ од Марек Томан (чешки), „Албум приказни“ од Андонис Георгиоу (грчки), Теодосиј малиот од Разван Радулеску (романски), „Продавачот на сладолед“ од Катрин Липсон (фински) и „Вон жариштето“ од Кјара Карминати, (италијански).
 

Содржината е прочитана 43 пати.