Бизнис вести

Повлечена последната транша од евтините кредити

Оваа, седма транша во висина од 20,4 милион евра е одобрена за нови 73 проекти. Со тоа досега на вкупно 186 домашни компании им се овозможи да користат евтини кредити со каматна стапка до 1,6 отсто, а тие ќе поддржат вработување на вкупно 605 лица

среда, 09 септември 2020

Повлечена е последната транша во висина од 20,4 милиони евра од евтините кредити наменети за домашните компании. Со тоа Развојната банка на Северна Македонија досега има повлечено вкупно 50,9 милиони евра, што практично се сите средства што беа предвидени како евтини кредити за домашите компании.

„Седмата транша од кредитната линија ЕИБ фаза 5 која ја користи Развојна банка е одобрена за нови 73 проекти на домашни компании. Со ова, досега на вкупно 186 домашни компании преку шест комерцијални банки им се овозможи да користат евтини кредити со каматна стапка до 1,6 отсто. Овие 186 домашни компании ќе поддржат вработување на вкупно 605 лица“, информираат од Развојната банка.

Најголем дел од овие средства, 33 отсто или 17 милиони евра се одобрени за проекти во секторот производство. Триесет отсто, или 15,8 милиони евра се за секторот трговија, а 9,6 отсто, или 4,9 милиони евра се одобрени за проекти во секторот угостителство. За транспортот се одобрени 10,5 проценти од средствата, што е износ од 5,3 милиони евра, за секторот услуги се одобрени 3,8 милиони евра, односно 7 отсто, додека за секторот здравство се одобрени средства од 1 милиони евра. За други сектори се одобрени вкупно 3 милиони евра, што претставува 8 отсто од средствата.

Од Развојната банка наведуваат дека со повлекување на последната транша од фаза 5 на ЕИБ кредитната линија која е во вкупен износ од 100 милиони евра се заокружува кредитната линија, која во овие две години на реализација поддржа вкупно 332 проекти на домашни компании со кои се вработуваат 1089 лица. Најголем дел од средствата, 35 милиони евра се одобрени за проекти во секторот трговија, 31 милиони евра се за производство, а 10 милиони евра се одобрени за транспортот.

 

Содржината е прочитана 41 пати.