Бизнис вести

„Тиквеш“ е во можност да ги понуди објавените откупни цени за грозјето од годинешната берба за да не отпушта работници

Сите винарници, преку здружението „Вина од Македонија“ направиле бројни анализии и доставиле конкретни предлози до надлежните со цел да се спаси винарството и лозарството во нашата земја

понеделник, 07 септември 2020

Дури 80 проценти загуба во продажбата на вино на домашниот пазар во месеците кога имаше вештачко затварање на пазарот поради затворањето на угостителските и туристичките објекти, 40 проценти намалување на цените на виното на главните извозни пазари, како и повеќе од 60 милиони литри вино залихи во македонските винарици.

Ваква е моменталната состојба на винската индустрија во државата а е последица на пандемијата со Ковид-19 која предизвика сериозни потреси на светскиот вински пазар и нанесе огромни штети на македонската винска индустрија.

Од оваа ситуација најмногу беа погодени винариите: „Тиквеш“, „Бовин“ и „Камник“.

Во соопштението што го испрати винарницата „Тиквеш“ се појаснува дека по повторното делумно отварање на пазарот загубите изнесуваат 20 проценти во волумен и 30 отсто во вредност, а сите винарници работат со намалена ликвидност. Излезот е, се посочува, да се оди со намалување на трошоците во работењето и намалување на производството, што значи и отпуштање работници.

„’Тиквеш’, како општествено одговорна компанија се уште не презема вакви чекори, но доколку нема поддршка и продолжи овој тренд, тоа ќе биде неминовно. Од друга страна винарницата бележи зголемување на залихите од вино за 60 проценти. Заради падот на побарувачката и прометот на домашниот пазар и падот на цените на главните извозни пазари, сите наши винарници не беа во можност да ги продадат предвидените количини вино за да можат да ослободат доволно простор за складирање на новото вино од годинешната берба. Заради ова постои релна можност оваа година да останат 30 милиони килограми грозје на нивите“, велат од винарската визба „Тиквеш“.

Предвидувајќи дополнително влошување на пазарните услови поради корона кризата се доведува под знак прашање целокупното производство, вклучително и плановите за откуп на грозје и цените што можат реално да ги понудат винарниците.

„Во услови кога целиот свет трпи последици од пандемијата нереално е да се очекува да се задржи истата цена на грозјето, ниту да се очекува откуп на неквалитетно грозје. Откупување поголема количина грозје ќе предизвика проблем на финансирање на залихите и дополнителен притисок на ликвидноста на винарниците. Дополнително, заради ценовните притисоци од интернационалните пазари винарниците мораат да понудат пазарни цени за откуп на грозјето“, појаснуваат од „Тиквеш“.

Во соопштението се појаснува дека сите винарници, преку здружението „Вина од Македонија“ направиле бројни анализии и доставиле конкретни предлози до надлежните со цел да се спаси винарството и лозарството во нашата земја, но, како што велат не наишле на конкретна поддршка.

„Во периодот од мај до јули 2020 година инициравме повеќе средби со претставници на надлежните институции на кои беше презентиран конкретен сет мерки кои ќе значат вистински спас за сите засегнати страни. Нашите предлози кои ги доставувавме до Владата го содржат следното:
- Во очекување на голем род, предложивме ограничување на родот преку зелена резидба со што државата ќе овозможеше директна помош на лозарите. За разлика од Словенија која одлучи да воведе ваква мерка и да им додели по 2000 евра на сите лозари кои ќе ја прифатат, нашето Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ја одби оваа мерка.
- Се разгледуваа опции за решавање на вишоците преку дестилат, но се утврди дека тоа како опција за нашата земја не е корисен чекор бидејќи тој дестилат би бил три пати поскап од етил алкохот што се користи во фармацевтската индустрија, со што таквиот дестилат нема да биде конкурентен.
- Винариите требаше да се обврзат да откупат поголеми количини грозје, иако во јуни цените за наливно вино на светско ниво дополнително се намалија од 45 на 30 евро центи.

Во вакви услови, поддршката од државата е неопходна за да може да се финансира дополнителниот откуп на грозје кој воопшто не им е потребен за винариите.
Влегување во набавка на дополнителни количини за преработка значи и дополнителен товар кој винарниците не можат да се издржат. Затоа како индустрија побаравме да се обезбедат поволни кредити за да може да се обврземе за откупување на поголеми количини. Но, и за тоа не добивме конретен одговор. 

- Предложивме и побаравме поддршка за извозот на вино за да може да се постигне конкурентна цена на светските пазари и да се исчистат залихите за да може да се создаде простор во винариите за новите колини вино што ќе бидат произведени од годинешната берба.
- Во редовни услови државата дава поддршка на лозарството од над 12 милиони евра, а за винарството само 250 - 300.000 евра. И при таква распределба, баравме да се даде повторно поддршка на лозарите, а не на винарниците.
Во услови на пандемија Владата мораше да направи конкретни чекории да најде средства за спас на оваа гранка од економијата“ се вели во соопштението.

Се додава дека неповолнте временски услови, како и болестите кои го зафатија лозјето имаат многу лошо влијание на квалитетот на грозјето оваа година. Кај сите сорти има зголемени количини род, но со многу слаб квалитет, што значи дека не може да се произведе вино со соодветен квалитет, а дури 20 – 30 отсто од грозјето е зафатено со болест бутритис.
На последниот состанок со премиерот на 27 август усно биле презентирани предлог мерки за кои здружението „Вина од Македонија“ направи дополнителна анализа и прати одговор до владата и надлежните министри во договорениот рок. Но, како што велат винарниците, се уште има недоумици за начинот на воведување на овие мерки: најавено е дека државата ќе даде субвенција од четири денари како поддршка на индивидуалните лозари, но воопшто нема информација дали ќе има поддршка за вистинските лозари кои даваат најголем придонес кон индустријата, не е објаснето како ќе се исплаќаат и каква ќе биде динамиката на субвенционирање, беше најавена поддршка преку покривање на трошоците за транспорт, но таа мерка е неизводлива за флаширано вино, беше предложено да се промени Законот за стокови резерви, но тоа ќе значи директна поддршка само на една винарија која стои зад сите интриги, а која располага со стари залихи со цел да ги дестилира и добие привилегија.


„Уставно право е субјектите на пазарот самостојно да ги договараат цените и роковите за плаќање. ’Тиквеш’ има воспоставено систем и договори со долгогодишни партнери и веќе има откупено 6.000 тони грозје. Амбиентот е таков каков што е и мора да се направи напор од сите засегнати страни! Секогаш зборуваме со факти, не смееме да имаме импровизации. Имајќи ги предвид сите овие негативни влијанија предизвикани од виша сила (пандемија, дождови), а истовремено сакајќи да излезе во пресрет на очекувањата на сите долгогодишни партнери, винарската визба ’Тиквеш’ е во можност да ги понуди објавените откупни цени за грозјето од годинешната берба за да не отпушта работници и да може да опстои како винарија која е вистински амбасадор на македонското вино и на нашата земја во светот.
Истовремено, се надеваме дека и државата, како што најави, во рамки на својата политика за поддршка на земјоделството, ќе обезбеди соодветни субвенции за лозарите и поддршка за индустријата, со што ќе се ублажат негативните последици што ги предизвика актуелната криза врз целокупната македонска винска индустрија и лозарството“, се вели во соопштението од винарската визба „Тиквеш“.


 

Содржината е прочитана 47 пати.