Култура

Романот „Албум приказни“ од Андонис Георгиоу објавен на македонски јазик

Првата промоција на делото кое е во издание на „Бата прес“ ќе биде во Промотивниот центар на Саемот на книгата во Скопје од 8 до 14 септември

понеделник, 07 септември 2020

Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик е објавен романот „Албум приказни“ од кипарскиот автор Андонис Георгиоу. Делото во 2016 година ја доби Европската награда за литература, а од грчки јазик и кипарски дијалект го преведе Емилија Мајсторова-Стојановска. Објавено е со поддршка на Министерството за култура и Европската унија во програмата „Креативна Европа“, во рамките на проектот „Време е за книга“, со кој е предвидено објавување на 10 книги од европски автори.

Првата промоција на делото ќе биде во Промотивниот центар на Саемот на книгата во Скопје од 8 до 14 септември.

Покрај сторијата за поделениот Кипар и драматичните настани околу насилствата, грчко-турската војна, диктатурата, бегалската криза и преселбите „Албум приказни“ содржи и автентични 270 фотографии што одлично ја илустрираат семејната и општествената драма.

„’Албум приказни’ е полифон наратив што го создава мозаикот на целокупната нација на Кипар. Смртта во семејството го отплеткува јазолот на стории што зборуваат за животот, смртта, љубовта, војната, бегалците, како на индивидуален, така и на колективен план. Приказните патуваат од фотографија на фотографија, на тоа патување поминуваат низ дневниот печат, класиците на литературата, книгите со рецепти и личните допишувања. Ова е историја на едно место раскажана од аголот на нејзините жители“ пишува, меѓу другото, книжевниот критичат Лефтерис Папалеониду.

АНДОНИС ГЕОРГИОУ е роден 1969 година во Лимасол. Завршил Правен факултет во Москва и работи како адвокат во Лимасол. Пишува поезија, проза и е еден од уредниците на книжевното списание „Анев“. Ги има објавено стихозбирката „Минута до полна месечина“, збирката раскази „Сладок Bloody Life“ (Државна награда за краток расказ, 2016 година). Негови драмски дела се „Мојата омилена машина за перење алишта“ (2007, награда на Театарското здружение на Кипар), „Пациентка“ (2009), „Нашата градина“ (2011). Негово последно театарско дело е „Labelote“ (2012).

„Албум приказни“ е едно од ретките дела на кипарски автор објавени во нашата земја.

 

 

 

Содржината е прочитана 57 пати.