Бизнис вести

Вкупно 24 медали за Тиквеш и Tikveš Châteaux & Domainеs на трите најголеми светски вински натпревари ова лето

Од почетокот на годинава и покрај ограничувањата и предизвиците што ги донесе кризата со Ковид-19 тиквешките вина освоија вкупно 50 медали на најпрестижните светски вински натпревари во Франција, Германија, Велика Британија и Кина

петок, 04 септември 2020

Винарската визба „Тиквеш“ останува најтрофејна винарница во Југоисточна Европа. Потврда за тоа се 24-те медали што на трите најголеми и најпрестижни светски вински натпревари кои неодамна се одржаа во Европа и Азија ги освоија врвните вина на „Тиквеш“ и „Tikveš Châteaux & Domainеs“, како и медалот доделен на познатата тиквешка Лозова ракија VS.

Во соопштението од компанијата се појаснува дека најголем број награди, од кои дури шест златни, два сребрени и три бронзени медали се освоени на најголемиот вински натпревар во Кина – China Wine & Spirits 2020, каде во конкуренција на вина од 55 земји, со златен медал се наградени: црвеното Barovo 2017, белото Barovo 2019, белото Bela Voda 2019, розе виното Domaine Lepovo Rosé 2019, како и розето Mistral au Jardin 2019 и црвеното Terrasse à l’Ombre 2018 од француската винарница на „Тиквеш“, Château de Gourdon.

На летната сесија на еден од најголемите вински натпревари што се одржуваат во Европа – Mundus Vini, пак, во конкуренција од 11.000 вина од целиот свет вината на „Tikveš Châteaux & Domainеs“ освоија три златни и еден сребрен медал. Конкретно, во овој натпреварувачки циклус на Mundus Vini, златни медали освоија: црвеното Barovo 2017, белото Domaine Lepovo Chardonnay 2019 и црвеното вино Тerrasse à l’Ombre 2018.

Претходно, на реномираниот интернационален натпревар за вино и жестоки пијалаци (International Wine and Spirit Competition – IWSC), што се одржа во Лондон, Велика Британија, производите на „Тиквеш“ и „Tikveš Châteaux & Domainеs“ освоија вкупно девет медали, две сребрени и седум бронзени.

„Од почетокот на оваа година и покрај ограничувањата и предизвиците што ги донесе кризата со Ковид-19 вината на ’Тиквеш’ и “Tikveš Châteaux & Domainеs’ освоија вкупно 50 медали на најпрестижните светски вински натпревари што се одржуваат во Франција, Германија, Велика Британија и Кина, со што винарската визба ’Тиквеш’ одново го потврди успехот од минатите години, потврдувајќи и зацврстувајќи ја својата репутација на најуспешен производител на автентични вина со врвен квалитет“, се вели во соопштението.

 

Содржината е прочитана 54 пати.