Бизнис вести

Три банки на првите три места со најголеми добивки во првото полугодие од 2020

петок, 04 септември 2020

Трите најголеми банки се најдоа на првите три места на листата компании со најголеми добивки во првото полугодие од оваа година. Според податоците на котираните друштва на Македонска берза и во услови на пандемија и криза банкарскиот сектор неприкосновено го држи приматот најпрофитабилен, па најдобри финансиски резултати имаат Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка и НЛБ банка. Веднаш зад нив е Македонски Телеком, а првата петорка ја заокружува Цементарница „Усје“.

Иако добивката во првите шест месеци оваа година е помала во однос на остварената добивка во истиот период лани (компаниите кои котираат на Берзата направиле профит од 81 милиони евра, што е за 18,3 милиони евра помалку споредено со 2019 година) мора да се има предвид дека податоците се однесуваат на период зафатен со пандемијата со Ковид-19 што значително влијаеше на намалување на профитабилноста на компаниите. Сепак, според Берзата, 64 компании оствариле позитивен финансиски резултат.

На прво место на листата според остварениот финансиски резултат е Стопанска банка АД – Скопје која остварила нето добивка од 951.556 илјади денари или 15,5 милиони евра, што е за 9,75 проценти помалку во однос на прците шест месеци минатата година.

Комерцијална банка АД Скопје годинава остварила поголема добивка од лани - 751.808 илјади денари или околу 12,2 милиони евра, што претставува зголемување за 11,20 отсто. Ова зголемување е резултат на зголемување на приходите од капитална добивка по основ на продажба на преземен имот, како и поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања.

На третото место се наоѓа НЛБ Банка АД Скопје со нето добивка од 705.377 илјади денари, односно, околу 11,5 милиони евра, но е за 26,77 проценти помалку во споредба со нето добивката остварена во истиот период минатата година.

Македонски Телеком АД Скопје има остварено нето добивка од 692.844 илјади денари, односно 11,3 милиони евра. Добивката е намалена за 21,34 отсто во однос на лани.

Цементарница „Усје“ АД Скопје, пак, покажа нето добивка во износ од 585.644 илјади денари, или 9,5 милиони евра, што е раст од 6,1 отсто во споредба со претходната година. Зголемувањето се должи на зголемување на приходите од продажба на странски пазар при остварен пораст на редовните приходи од работењето.
 

Содржината е прочитана 99 пати.