Култура

„Бата прес“ го објави романот „Проклетството на Палмизанови“ од Рафел Надал на македонски јазик

Првата промоција на делото ќе биде на Саемот на книгата од 8 до 14 септември

петок, 04 септември 2020

Во издание на „Бата прес“ е објавен романот „Прокетството на Палмизанови“ од каталонскиот автор Рафел Надал. Делото од каталонски на македонски јазик го преведе Маргарита Маленкова, а е објавено со поддршка на Министерството за култура, како и на каталонскиот Институт за култура. Првата промоција на делото ќе биде на Саемот на книгата од 8 до 14 септември.

Пред крајот на Првата светската војна меѓу маслинките и лозјата во едно зафрлено селце на југот на Италија, две жени одлучиле да ја сменат судбината на тукушто родениот Витантонио Палмизано, надевајќи се дека така ќе го заштитат од семејното проклетство и од смртт за време на војна. Како дваесет и први во редицата машки во фамилијата Палмизано, Витантонио го замениле по раѓањето и го воспитувале како брат близнак на Џована Конвертини, родена истиот ден во една од најбогатите фамилии во Апулија. Витантонио и Џована заедно растат, врзани со тајната, а војната изгледа како некој далечен, одамна заборавен кошмар.

Ама облаците на новата, уште покрвава Втора светска војна се појавуваат на хоризонтот и се закануваат да уништат сè што една храбра и пожртвувана мајка се обидела да зачува.

Палмизанови е италијанска трагедија што се одвива меѓу владеењето на Мусолини и надежите за ослободување, запишана од мајсторското перо на реномираниот каталонски писател. Покрај љубовната сторија, романот е историски и документарен и осветлува еден малку познат период од италијанската историја од Втората светска војна.

Рафел Надал Фарерас (Rafel Nadal Farreras) е роден 1954 година во Гарона. Неговата прва книга Los Mandarines (Мандарините) ја објавил 2011 година, а првиот роман Quan érem feliços (Кога бевме среќни) во 2012 година. Од тогаш објавил уште три романи Días de champán (Деновите на шампањ) во 2013, La Maledicciódels Palmisano (Проклетството на Палмизанови) во 2015 и La señora Stendhal (Госпоѓа Стендал) во 2017 година.

Бестселерот „Проклетството на Палмизанови“ е најпреведуван каталонски роман и е објавен на 25 јазици. Надал е добитник на повеќе врвни книжевни награди. Тој бил новинар, уредник и директор на повеќе весници и книжевни списанија.
 

Содржината е прочитана 77 пати.