Саем

Третиот Меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ ќе се одржи на 12 септември

Здружението „Живот“ годинава саемот го организира на отворено, на паркинг просторот на спортскиот комплекс во Куманово, со сите пропишани безбедносни протоколи

среда, 02 септември 2020

Меѓуародниот саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ годинава по трет пат ќе се организира на 12 септември во спортскиот комплекс Куманово. Саемот, што ќе се одржи на отворено на паркинг просторот на комплексот со сите пропишани безбедносни протоколи го организира здружението „Живот“ од Куманово со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

Планирано е да има повеќе од 100 штандови на кои сцоите производи ќе ги изложат домашни и странски производители на органска и традиционална храна, увозници на органски препрати и ѓубрива, машини.

Настанот, прв од ваков карактер беше организиран прв пат во 2018 година, а се настојува да премине во традиција, бидејќи често пати земјоделците кои иако делуваат во исти рурални средини со исти услови, сепак, не се во можност сами да се вмрежуваат за да разменат искуства и добри практики за изнаоѓање и надминување на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат индивидуално, а не ја препознаваат ни вредноста на своите производи. Од организаторот појаснуваат дека при комуникација со засегнатите за учество на Саемот, наишле на голем интерес и позитивни коментари од учесниците и од поканетите гости на настанот.

Минатата година, околу 120 оператори на органски производи меѓу кои имаше производители, трговци, увозници и извозници учествуваа на саемот како изложувачи, а манифестацијата ја посетија над 2.000 гости и посетители. „Исто така беа контактирани и оператори со органска храна од други земји, учествуваа 21 изложувач, претставници на пет здруженија, индивидуални земјоделци, газдинства и компании од Р. Србија, една компанија од Р. Бугарија, една руска и една индиска компанија, заедница на Унгарци, заедница на Срби и заедница на Албанци во Македонија, со што манифестацијата се здоби и со меѓународен карактер“, велат од Здружението.

Покрај операторите со храна, интерес за учество на манифестацијата пројавија и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехранбени производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство, печатени и електронски медиуми и ТВ куќи, стопански комори од земјата и од странство, како и дипломатски претставништва и амбасади, со што самата манифестација прерасна во саем.

Со самото присуство на повеќето чинители на производно-продажниот процес, менаџерскиот тим на „Живот“ иницираше идеја да се организира панел дискусија и да се овозможат Б2Б состаноци.

„Врз основа на оваа идеја организиравме панел дискусија на тема ’Зошто да одберам органски производ?’, во која учествуваа познати нутриционисти и претставници од сертификациските куќи во Македонија. Гостите од Србија исто така имаа кратка презентација за да ги споделат своите искуства.
Саемот беше одлична основа да им дадеме видливост како на производите, така и на производителите. Поради тоа, од организациски аспект, обезбедивме и простор со поставени маси и столчиња како и соодветен материјал, потребни за овозможување на Б2Б средби помеѓу производители, преработувачи и извозници, а Здружението ’Живот’ беше иницијатор за поврзување и потпишување меморандуми за соработка меѓу повеќето чинители од регионот и пошироко“, велат од „Живот“.

Во рамките на манифестацијата посетителите имаа можност на органска трпеза да ги вкусат органските производи приготвени од страна на реномираниот шеф Марк де Јонг. Покрај органската трпеза беа поставени и традиционални трпези на заедниците во Македонија – заедница на Унгарците, Србите, Албанците и Хрватите на кои беа презетирани традиционалната храна и култура на истите.

На настанот присуствуваа и експерти од рурален и земјоделски развој, како и претставници од секторот за развој на руралниот туризам, кои ги претставија тековните теренски услови и дадоа препораки за понатамошни мерки и чекори за подобрување на животот во руралните области.

Саемот годинава ќе биде отворен од 8:00 до 18:00 часот.

На сите заинтересирани кои сакаат да се пријават за учество на настанот, како и да добијат подетални информации на располагање им се следните линкови: youtube, https://www.youtube.com/watch?v=YS1qIeB-q3Q ; https://zivot.org.mk/
 

Содржината е прочитана 144 пати.