Култура

Почнува 8. „Скопје постер фестивал“ - Плакарт

Со изложба на 100 најдобри дела на студенти финалисти на Меѓународниот студентски конкурс за плакат на тема „Сите за луѓето со хендикеп“, вечер во Младинскиот културен центар ќе биде отворен 8. „Скопје постер фестивал“ - Плакарт. На конкурсот пристигнале 2.674 трудови од 1.869 студенти од 52 земји. 

понеделник, 30 ноември 2015

Со изложба на 100 најдобри дела на студенти финалисти на Меѓународниот студентски конкурс за плакат на тема „Сите за луѓето со хендикеп“, вечер во Младинскиот културен центар ќе биде отворен 8. „Скопје постер фестивал“ - Плакарт. На конкурсот пристигнале 2.674 трудови од 1.869 студенти од 52 земји.

Во рамки на Фестивалот вечер ќе бидат прогласени победниците и ќе бидат доделени награди.

Лазе Трипков, претседател на НВО Плакарт, која го организира Фестивалот, денеска на прес-конференција рече дека главен фокус е ставен на теми кои имаат социјален карактер заради тоа што тие сметаат дека социјалниот дизајн е една од најбитните категории со кои општеството ќе се занимава во иднина бидејќи темите ги опфаќаат сите потреби на луѓето од целиот свет.

Посочи дека „Скопје постер фестивал“ организира Меѓународен студентски конкурс заради потребите на инвалидите поради тоа што од одредени истражувања детектирале дека луѓето со хендикеп не се доволно перцепирани односно не се доволно регистрирани нивните потреби за да може да се реализираат од аспект на решавање на одредени проблеми.

- Најголемиот проблем кој го локализиравме е токму поврзувањето на хендикепот со инвалидитетот. Не се само хендикепирани луѓето кои имаат параплегија или се во инвалидска количка, туку и останатите кои имаат проблеми со видот, слушањето... Затоа ја наметнавме темата како дискусија за да прибереме одредени ставови и размислувања од страна на студентите бидејќи нивната идеја е многу продорна и јасна во однос на комуникацијата, што не содржи влијанија од надвор, рече Трипков.

Од оваа година, појасни, првпат студентите може да си отворат свој профил на нашата веб страна, што значи дека со помош на „Скопје постер фестивал“ може да воспостават дата база и ќе можат да работат во консултација со одредени дизајнери.

Додаде дека на 2 декември ќе се одржи и дискусија со дизајнерите на која секој студент може да донесе портфолио и да го дискутира заедно со нив.

Познатиот рускиот дизајнер Петер Банков, кој моментално работи и твори во Чешка, рече дека трудовите кои ги видел се многу остроумни, внимателни и деликатни и со точна претстава ја имаат дадено проблематиката кои ги следи овие луѓе. Овие трудови, посочи, прикажуваат еден многу грижлив однос кон луѓето со хендикеп.

По отворањето на Фестивалот и прогласувањето на победниците вечер ќе се одржи и изложба на дела од победниците од 7. Меѓународен студентски конкурс за плакат „Дизајн за мир“.

Во рамки на Фестивалот, кој ќе заврши на 5 декември, ќе се одржат и работилници со мајсторите на дизајнот Петер Банков, Петер Поч, Паула Трокслер, Гец Грамлиш и Ласко Џуровски, како и изложба на плакати на членовите на жири комисијата.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 491 пати.