Култура

Спуштена завесата на 60-тото јубилејно „Охридско лето“

Драмската програма на фестивалот ја затвори Турскиот театар од Скопје со претставата „Бог на масакрот“, а музичкиот дел беше заокружен со премиерна изведба на концертот „Музички пријателства“ на обоистката Гордана Јосифова-Неделковска во придружба на Влатко Стефановски

понеделник, 31 август 2020

Со театарската претстава „Бог на масакрот“ во изведба на НУ Турски театар Скопје, вчеравечер на сцената „Долни Сарај“ беше спуштена завесата на 60-тото јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“.

Директорката на НУ „Охридско лето“ , Наташа Поповиќ истакна дека ова јубилејно „Охридско лето“ поради ситуацијата со коронавирусот се одржа во термин различен од традиционалниот, пред строго ограничен број гледачи кои во текот на изминатите 27 фестивалски денови можеа да уживаат во 26 музички концерти и шест театарски претстави прилагодени според протоколите за здравствена заштита.
„Уметноста, естетското доживување на врвните концерти и театарски претстави на автентичните локалитети Античкиот театар, црквата ’Св.Софија’, предворјето на ’Св. Софија’, ’Долни Сарај’ кои ги понудивме на 60-тото фестивалско издание се сведоштво дека силата на музиката и театарот се храна за човечкиот дух и во кризни времиња како ова време на короната. Бевме пример дека може да се реализира врвна манифестација и покрај сите протоколи што ги дадоа Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Покажавме дека културата е таа која може да го промени светот, да го преобрази, да ја победи и болеста и за миг да внесе убавина во нашето секојдневие. Музиката и театарот нѐ обединија сите, станавме посилни и барем за миг ги оттргнавме мислите од статистичките бројки на оваа страшна пандемија“, рече Поповиќ.

Таа упати огромна благодарност до сите изведувачи кои, како што кажа, имаа храброст да дојдат во време на најголемата здравствена криза предизвикана од Ковид-19 и да настапат пред фестивалската публика.

Заблагодарувајќи се и на оние кои придонесоа да се слави уште едно возвишено издание на „Охридско лето“, на покровителот на фестивалот - претседателот на државата, Владата и Министерството за култура, чија поддршка, како што рече претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал, но и на бројните спонзори и партнери, помагатели, пријатели, љубители на уметноста, поддржувачи на културните вредности, директорката Поповиќ потсети дека приказната „Охридско лето“ започна пред шест децении со оперската певица Ана Липша Тофовиќ, чие семејство доби плакета по повод јубилејот, а во знак на неизмерна почит и благодарност кон певицата која го одржа првиот концерт на фестивалот.

Годинешното јубилејно издание, според Поповиќ, немаше да биде беспрекорно организирано без тимот на фестивалот кој професионално, посветено и неуморно работеше на реализацијата на фестивалските вечери, без селекторите на музичката и на драмската програма, Даница Стојанова и Александар Поповски, како и без Управниот одбор на фестивалот.

Од „Охридско лето“, синоќа беше врачена плакета и на екипата на документарецот „Медена земја“ за промоција на македонската култура.

Затворајќи го годинешното јубилејно „Охридско лето“ и Турскиот театар од Скопје одбележа седум децении од постоењето.

„Последната претставата ја одигравме на 28 февруари годинава и оттогаш сцената во нашата национална установа се затвори. Но, ние направивме напор и од сѐ што досега има сработено Турски театар, од сите претстави пробавме да направиме видео-записи. Се надеваме дека од септември ќе се изнајде протокол, ако ништо повеќе, барем да ги подготвиме проектите што ни ги одобри Министерството за култура, а тоа се четири претстави, сите наменети за јубилејот“, изјави директорката на Турски театар Скопје, Несрин Таир.

Претставата „Бог на масакрот“ со која беше спуштена завесата на „Охридско лето“ ја режираше Билге Емин, на текст од Јасмина Реза. Актерите Сузан Акбелге, Филиз Ахмет, Џенап Самет и Селпин Керим на сцената покажаа дека насилството постои во луѓето, дивјаштвото што демне во секој од нас.

А, музичката програма на 60-тото издание на „Охридско лето“ беше затворена со премиерна изведба на извонредниот концерт „Музички пријателства“ на врвната македонска обоистка Гордана Јосифова-Неделковска.

Во предворјето на црквата „Света Софија“ пред бројната публика, поетесата на обоа како што ја нарекува стручната критика, настапи заедно со познатиот македонски флејтист Страшо Темков, виртуозот на гитара Влатко Стефановски и младите пијанистки Елена Атанасовска-Ивановска и Инес Неделковска.

„Програмата беше нестандардна, конципирана во три блока, премиерна изведба. Гости беа моите најблиски соработници, музички пријатели, со кои е вистинско уживање да се настапува. Привилегија е да се соработува со вакви уметници со големо срце и богата душа со кои сум толку духовно поврзана, така што во заедничкото свирење немаме потреба за никаков вербален договор“, изјави Јосифова-Неделковска.

Музичката вечер започна со прекрасната изведба на Арија од Свитата бр.3 од Јохан Себастијан Бах, на флејта и обоа, која само го наговести совршено одбраниот репертоар, а потоа следуваа композиции од Веруст, Пјацола, како и познати дела на светскиот композитор и диригент Енио Мориконе.

Виртуозите на обоа и гитара, Јосифова-Неделковска и Влатко Стефановски изведоа обработки на македонските народни песни „Си заљубив едно моме“ во аранжман на Сашо Ливрински, „Јовано, Јованке“, „Касапско оро“ и „Gipsy song“ аранжирани од Васко Атанасовски, како и „Не си го продавај Кољо чифликот“ заедно со флејтистот Темков.
За прекрасно поминатата вечер, публиката постојано ги наградуваше македонските уметници со долги, бурни и стоечки овации.

„Оваа премиерна програма публиката ја прими одлично. Стоечките овации, големите аплаузи, солзите во очите на публиката се потврда дека реализиравме еден успешен проект којшто набрзо ќе го реализираме во Скопје, а и надвор од државата. Голема благодарност до менаџментот на ’Охридско лето’ за поканата да бидам дел од ова фестивалско издание. Честитки за целиот тим на фестивалот којшто во ова време-невреме кога многу европски фестивали не успеаја да ја кренат завесата ’Охридско лето’ во целост ја реализира предвидената програма.Како никогаш досега, ни е потребно силно да ја доживуваме музиката, да дозволиме да ни ја оплемени душата и да не направи подобри луѓе“, додаде Јосифова-Неделковска.

Крајот на магичната ноќ даде дополнителен белег на програмата со изведбата на композицијата „Обоата на Габриел“ од Енио Мориконе. На покана на легендарниот Мориконе, Гордана Јосифова-Неделковска настапи заедно со него на свеченото отворање на „Охридско лето“ во 2009 година.

Врвната обоистка покрај долгогодишната работа како селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ во периодот од 2007-2016 е носител и на повеќе функции во музички организации, во два мандата е продекан на ФМУ- Скопје, а од 2009 година е избрана за декан на овој факултет кој го води во два последователни мандати.
Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија меѓу кои „13 Ноември“,„Виртуози“ во категоријата меѓународна афирмација, а одликувана е и со престижниот орден на Република Франција – „Витез од Редот на уметности и книжевност“ што се вбројува во четирите најважни одликувања во Франција. Успешноста на нејзиното делување е потврдена и со едно светско признание – во 2004 година од Уредничкиот одбор на Американскиот биографски институт е номинирана во категоријата „Успешни жени на 21 век“.
 

Содржината е прочитана 102 пати.