Култура

Ива Дамјановски добитник на награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата

Младата поетеса ја доби наградата за својата прва стихозбирка „Двоумење“ објавена во јуни

понеделник, 31 август 2020

Младата поетеса Ива Дамјановски е годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува на Струшките вечери на поезијата за најдобро поетско издание меѓу два фестивала. Дамјановски е наградена за книгата „Двоумење“, во издание на „ПНВ публикации“.

„Ако изминатава година во поетската продукција на македонски јазик има нешто што може да ја понесе толку употребуваната синтагма ‘книжевен настан‘, тогаш тоа е книгата на Ива Дамјановски. Како хабитус на една нова генерација оваа книга е доказ и показ дека македонскиот јазик е сочен, жив и квалитетен материјал од кој може да се изградат песни кои се стимулативни и за уво и за срце и за мисла“, се вели во образложението на жирито за доделеното признание

Одлуката наградата да отиде кај Дамјановски жири-комисијата за доделување на националната награда „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена помеѓу два фестивала на СВП, ја донесе на 21 август по одржани неколку онлајн состаноци на кои ги разгледа пристигнатите книги на годинешниов конкурс и ја состави конечната ранг-листа на делата кои, според гласовите на комисијата, влегоа во најтесниот избор за наградата. Жири-комисијата е во состав: Ангелина Бановиќ-Марковска (претседател), Соња Стојменска-Елзесер (член), Анастасија Ѓурчинова (член), Никола Маџиров (член) и Душко Крстевски (член).

Инаку, Ива Дамјановски ја промовираше својата прва стихозбирка во јуни.

 

Содржината е прочитана 49 пати.