Бизнис вести

Стопанската комора бара веднаш да продолжи соработката со новата Влада

Комората поздравува потегот на премиерот и економскиот тим на новата Влада денеска во 14 часот да ја посетат Стопанската комора на Македонија

понеделник, 31 август 2020

Стопанската комора на Македонија го честита изборот на новата Влада, но бара веднаш, беа протоколи и административни лавиринти да се седне на маса за да се утврдат приоритетите во економијата кои одговараат на реалноста, со цел да им се помогне на компаниите да ги надминат последиците од корона кризата.

Комората го поздравува, како што се посочува во денешното соопштение, потегот на премиерот и економскиот тим на новата Влада денеска во 14 часот да ја посетат Стопанската комора на Македонија.

„Старо-новиот премиер веќе има искуство на таа значајна функција и докажа дека знае да креира стратешки решенија за големи и за тешки прашања на политички план, па сигурни сме дека сега економијата ќе го добие централното место. Составот на новата Влада во економските сектори има решенија кои нам ни се добро познати и со кои во минатото сме соработувале. Ова значи дека нема потреба од запознавање, соработката може да продолжи веднаш, што е голема предност бидејќи времето во овие околности е најзначајниот фактор“, се вели во соопштението на настарата Комора во државата.

„Упорното продолжување на економската и здравствената криза ги намали таргетите. Сметаме дека добро би било да се стартува во акција веднаш, без протоколи, утврдување на нови методологии и административни лавиринти. Би било добро веднаш да се седне на маса во најоперативен состав и да се утврдат приоритетите кои одговараат на реалноста.

Прво, потребен е зголемен степен на координација на активностите на Владата и приватниот сектор, а искуството покажа дека тоа најдобро би се остварило со формирање на Економски совет и експертски тим, кој што би ги координирал, поттикнувал и имплементирал на најбрз можен начин решенијата со кои треба да се спречи евентуалното комплицирање на работите на планот на здравјето и да се обезбеди задржувањето на работните места и одржување на економијата во живот.

Второ, Стопанската комора на Македонија се сврти према своите членки и веќе започнa силовита активност на терен за поддршка на компаниите во надминувањето на клучните проблеми на стопанството, а тоа се функционирањето на коридорите за снабдување и извоз, одржувањето на ликвидноста и обезбедувањето на опстанок на компаниите и задржување на работните места. Комората за таа цел ќе го стави повторно во полна функција Кризниот штаб кој се формираше на почетокот на пандемијата. Ние остануваме на определбата кажана на почетокот на кризата дека Владата треба да им помогне на компаниите сега, за компаниите да можат да возвратат после.

Трето, Комората е длабоко свесна дека треба да биде носител на процесот во кој на дело ќе докажеме дека како реален сектор не само бараме, туку сме подготвени и да дадеме, да понесеме секаква жртва, за да ја надминеме оваа најтешка криза што е пред сите нас. Приватниот сектор го дели мислењето на Владата дека треба првично да се заштитат животите на граѓаните, но паралелно треба да се штитат и бизнисите кои единствено можат да обезбедат егзистенција на населението. Ние не сме луѓе кои водиме сметка само за сопствените интереси, туку се грижиме за зачувувањето на работните места. Покажавме дека сме подготвени да се заложиме за општото добро и остануваме на тие позиции“, се вели во соопштението на Стопанската комора на Македонија.


 

Содржината е прочитана 54 пати.