Бизнис вести

Ќе се менува ДДВ, ќе се воведе нов данок на луксуз

Програмата на идната влада предвидува да се воведе единствена стапка од 10 проценти за ресторански услуги, намалување на ДДВ на 5 отсто на занаетчиските услуги, како и 0 проценти персонален данок на доход в ИТ индустријата во 2023 година

четврток, 27 август 2020

Намалување на ДДВ во одредени дејности, но и воведување нови оданочувања предвидува владината програма предложена од Зоран Заев.

Имено, за ресторанските услуги се предвидува да се воведе единствена стапка од 10 проценти, а не 18 како што беше досега, а од 18 на 5 отсто ќе се намали и ДДВ-то на занаетчиските услуги. Исто така се планира и постепено годишно намалување (5 проценти во 2021 и 3 отсто во 2022) на стапката на персоналниот данок на доход во ИТ индустријата за да достигне 0 проценти до 2023 година.

Од друга страна, пак, ќе биде воведен нов данок на луксуз, како и данок на промет при уплата на игрите на среќа и тоа во висина на 4 проценти од бруто уплатената вредност, којшто ќе го плаќаат организаторите на игрите на среќа и нема да се префрла на корисниците.

Според програмата, од 1 јануари 2022 година ќе се подигне прагот за плаќање ДДВ од 2 милиони на 3 милиони годишен промет и ќе се изедначи со прагот на ослободување на данок на добивка до 3 милиони денари годишен промет.

Предвидено е данокот на добивка да остане 10 проценти во целиот четиригодишен период до 2024 година, а да има ослободување од овој данок при реинвестирање на добивката во 2021 како одговор на влијанието на ефектот од пандемијата.

И данокот на личен доход останува 10 отсто, но Владата, сепак, планира да воведе прогресивно оданочување на вкупните лични проходи и тоа по претходно спроведена детална анализа и јавна дебата, со фокус, како што се наведува, на реконфигурирање на концептот на личен доход (семеен доход) и воведување данок на луксуз.

Владата предвидува реконфигурација на ДДВ преку воведување на нов Закон за данок на додадена вредност преку кој ќе се овозможат даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани на тој начин што при увозот нема да плаќаат ДДВ за суровините и машините што се наменети за извоз. Исто така предвидено е ревидирање на стапките на ДДВ за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители.

Владата ќе го продолжи „Мoj ДДВ“ но со одредени промени. Односно, ќе го зголеми лимитот по поединец на 2.300 денари за тримесечие и на 9.200 денари годишно, односно на 36.800 денари за четиричлено семејство.

 

Содржината е прочитана 111 пати.