Бизнис вести

Преку обуки за дигитални вештини, УСАИД и АЕТМ помагаат да се развие е-трговијата

Неделава се одржа вториот едукативен бесплатен Learn-a-thon на тема „Email Marketing in Practice“. Обуката се реализираше како дел од иницијативата „Ecommerce4ALL“ со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем

среда, 26 август 2020

Со цел едукација на вработените и зголемување на конкурентноста на е-трговците во услови на ковид криза, оваа недела се одржа вториот едукативен, бесплатен Learn-a-thon на тема „Email Marketing in Practice“. Обуката се реализираше како дел од иницијативата „Ecommerce4ALL“ со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

„Ковид-19 пандемијата е огромен предизвик, но исто така е и можност за претприемачко размислување и адаптација. Ние во УСАИД сме горди што им помагаме на многу амбициозни бизниси да го остварат својот целосен потенцијал и што работиме заедно со приватниот сектор за да изградиме одржлива и просперитетна економија“, вели Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.

Дводневната обука се фокусираше на разоткривање на можностите кои ги нуди email маркетингот за успешно промовирање и рекламирање на еден е-бизнис. На оваа обука учествуваа 36 учесници од различни е-бизниси кои активно се интересираа и развиваа дискусии за предностите и улогата на email маркетинг во нивните бизниси.

„Инвестирањето во дигиталните вештини е клучно за градење на брендот на секој е-трговец и истакнување на истиот пред пазарот и купувачите. Задоволни сме од интересот на самите е-трговци за постојано надградување на своите дигитални вештини како главна компонента за раст и зголемување на продажбата на една е-продавница. АЕТМ ја поздравува отвореноста за УСАИД за соработка и поддршка на е-трговците за развој на нивните дигиталните вештини и воопшто за развој на е-трговијата во целост“, вели Марија Ристовска, проект менаџер во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се стреми кон инклузивна е-трговија, а преку одржување на вакви и слични обуки за развој на дигиталните вештини кај бизнисите, има за цел да креира иднина за раст на е-трговијата и успех во рамките на Република С. Македонија.

Организаторите укажуваат дека во време на актуелната Ковид-19 пандемија, дигиталните вештини се неопходни за опстанок и раст на бизнисите. Поради зголемувањето на трансакциите направени преку Интернет постои зголемена побарувачка за дигитални вештини – од големи компании кои сакаат да ги подобрат своите кориснички искуства преку Интернет, до стартапи кои бараат начини да ги зголемат приходите.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 64 пати.