Бизнис вести

Народна банка: „Нема законска можност да се повлече решението за Еуростандард банка“

Одговорот на Централната банка следува откако сопственикот на Еуростандард банка,Трифун Костовски јавно побара повлекување на стечајот поради, како што наведе, постоењето потенцијален купувач

среда, 26 август 2020

Нема законска можност да се повлече решението за одземање на дозволата за работа на Еуростандард банка. Вака Народната банка експресно му одговори на сопственикот на Банката, Трифун Костовски кој јавно побара повлекување на стечајот, бидејќи, како што наведе има потенцијални купувачи на Банката.

„Согласно со законската регулатива, со денот на донесувањето на решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, банката престанува со работа и престануваат надлежностите на Народната банка. Народната банка ја укина дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје на 12 август 2020 година заради несолвентност на Банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа на банка, при неостварување на преземената обврска од сопствениците за навремено обезбедување на неопходниот капитал за работа на Банката од сопствени извори или од потенцијален инвеститор којшто ги исполнува законските услови и критериуми за акционер на банка“, се вели во одговорот од Народна банка и се потенцира дека при остварување на законски утврдените цели и задачи, Народната банка се води исклучиво од законите, притоа штитејќи го интересот на граѓаните.

Реакцијата следуваше откако претходно Костовски во отворено писмо јавно ги повика сите политички партии, институции, владини, невладини и верски организации да дадат поддршка Народната банка да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати Банката во првобитна состојба.

„Легалистите би рекле дека ваквото повлекување на стечајна постапка не е можно согласно Законот за банки. Сакам да ве убедам дека не може законот да биде над интересите на граѓаните. Потенцијални купувачи на Банката се спремни да вложат сериозни средства и да го овозможат нејзиното работење во банкарскиот сектор“, вели Костовски во писмото и додава дека ваквиот чин бара висока доблест и ќе спречи сериозни последици по граѓаните на Македонија.
 

Содржината е прочитана 64 пати.