Култура

Утре почнува традиционалната Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци – Михајлово“

Годинава настанот ќе има скратено времетраење (26 - 29 август) и намален број на учесници (петнаесетина), од кои дел ќе учествуваат на лице место, а дел ќе се претстават со свои дела онлајн

вторник, 25 август 2020

Утре, 26 август започнува со работа традиционалната Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци – Михајлово“ во организација на Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци. Поради пандемијата со Ковид-19 и пропишаните протоколи, годинава настанот ќе има скратено времетраење (26 - 29 август) и намален број на учесници (петнаесетина), од кои дел ќе учествуваат на лице место, а дел ќе се претстават со свои дела онлајн. Ликовната колонија се одржува со поддршка на локалната самоуправа на Општина Кавадарци и Министерството за култура.

Како увертира на колонијата во среда во 20 часот во Галеријата при Домот на културата во Кавадарци ќе биде отворена изложба „Урбан лиризам“ на ликовниот уметник Љупка Галазка Василев од Струмица.

Свеченото отворање на ликовната колонија е закажано за 21 часот во хотел „Уни Палас 2“ во Кавадарци каде и ќе творат уметниците учесници. Музички гости на вечерта се дуото „Пикси и Ване“ и рок групата „Епидеми“.

Во текот на работата на колонијата ќе биде отворена и изложба на ликовниот уметник Александра Кокотовиќ од Белград, Србија. Изложбата ќе биде поставена во Музеј Галерија Кавадарци и ќе биде оворена во четврток од 20 часот.

Затворањето на колонијата е во сабота на 29 август 2020 во 20 часот со изложба на реализираните дела и со музички настап на рок групите „MAD&M8s“ и „Bad - Ass – All“..

 

Содржината е прочитана 45 пати.