Бизнис вести

Над 1.000 претпијатија се уште не работат, бараат протоколи и субвенции, или ќе протестираат

Станува збор за субјекти со дејност игротеки, приватни установи за едукација и грижа на деца, објекти за организирани настани како свадби, родендени, крштевки, како и други семејни веселби кои веќе шести месец не остваруваат никаков приход

вторник, 25 август 2020

Над 1.000 претпријатија од дејности како игротеки, ресторани за свадби, клубови се уште се принудно затворени и без дозвола повторно да работат. Во исклучително тешка состојба и пред пропаѓање бидејќи со месеци генерираат загуби, тие се соочени со сосема неизвесна иднина. Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) побара државата да продолжи да ги субвенционира платите на вработените од овој сектор и побрзо да ги донесе потребните протоколи за работа за тие да можат да функционираат.

„Пред пропаѓање и во исклучително тешка состојба се претпријатијата од секторот услуги кои како резултат на владината Уредба се уште се принудно затворени и не се во можност да ја остваруваат својата дејност“, велат од Сојузот на стопански комори.

Станува збор за над 1000 субјекти со дејност игротеки, приватни установи за едукација и грижа на деца, објекти за организирани настани како свадби, родендени, крштевки, како и други семејни веселби кои веќе шести месец не остваруваат никаков приход и финансиски не можат да опстојат во кризата. Овие сектори се принудно затворени и немаат никакви приходи, а имаат трошоци за плати, наемнини и режиски трошоци.

Претпријатијата од овие дејности бараат државата итно да донесе протоколи за почеток со работа, или доколку одлучи принудно да останат затворени, да донесе мерки за финансиска поддршка со кои тие ќе ја преживеат кризата. Вака, ликвидноста им е целосно нарушена, а со тоа и можноста да ги задржат вработените и да ги сервисираат обврските и основните месечни трошоци.

Доколку државата нема намера за брзо време да ги одобри протоколите, односно, ако се утврди дека нема можност за извршување на дејноста, овие субјекти бараат да се донесе економски пакет од шест мерки за финансиска помош за нивен опстанок:
1. Субвенции за плати за сите досегашни и идни месеци додека се принудно затворени, во износ на минималната бруто плата
2. Одложување на обврските за плаќање кон претпријатијата кои вршат комунални дејности до крајот на годината
3. Ослободување од обврските за аконтативно плаќање данок на добивка и персонален данок на доход
4. Ослободување од плаќање данок на имот спрема општините и Градот Скопје за месеците за кои принудно не вршат дејност
5. Мораториум со репрограм за кредитните обврски спрема банките до крајот на годината
6. Еднократна парична помош за сите субјекти врз основа на претходно определени критериуми и параметри засновани на годишни приходи и платените даноци во изминатите години

„Со формирање на новата Влада, претпријатијата од овие дејности очекуваат во најкраток можен рок да се реши моменталната состојба, во спротивно својот револт ќе го истакнат на протест. Да се затворат принудно со месеци без услови со кои ќе можат да ја преживеат кризата е нечовечки и помош или деблокада се единствениот излез“, велат од ССКМ.
 

Содржината е прочитана 53 пати.