Култура

Романтична пијано-вечер со македонската уметница Марија Ѓошевска на „Охридско лето“

понеделник, 24 август 2020

Врвни професионални перформанси, виртуозност и изразена индивидуалост донесе извонредната македонска пијанистка Марија Ѓошевска вчеравечер во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Настапот на Ѓошевска во црквата „Света Софија“ уште еднаш ги потврди заложбите на фестивалот да ги носи најреномираните светски уметници во Охрид, но, пред сѐ, да им отстапи простор на програмата и на врвните македонски музичари.


„Триесеттина години наназад сум дел од овој престижен фестивал и навистина ми е огромна чест и задоволство. Низ годините тоа беше преку семинарите на професорот Борис Романов, но и мои рецитали и камерни концерти, и секогаш со посебна магија и посебно уживање доаѓам на ’Охридско лето’“, изјави Ѓошевска.

Инспирацијата за годинашниот концерт на оваа уметница со богата меѓународна кариера беше танцот, за кој, како што вели самата, бил првиот талент забележан во нејзината најрана возраст, а потоа и музиката.

„И на овие мои средни години решив да се навратам на талентите од детството. Изборот го направив со валцерите од Шопен и исто така благородните и сентиментални валцери на Равел“, рече Ѓошевска.
На подиумот во црквата „Света Софија“ пијанистката со особено заволство ја изведе и Сонатата за пијано од композиторот Томе Манчев кој почина годинава. Оваа композиција е посветена на Снежана Анастасова-Чадиковска, академски музичар, пијанист, педагог, музички публицист, а своевремено и селектор на фестивалот „Охридско лето“ која синоќа беше во редовите на публиката и го проследи концертот на нејзината поранешна ученичка.

„Со изведбата на оваа Соната сакам да му оддадам почит на мојот ментор на докторските студии за сето она што го остави како музика и како знаење, зашто беше исклучителен професор кој низ еден холистички пристап во наставата ги обединуваше знаењата од сите природни феномени и науки. Такви професори навистина ни недостигаат и кога ќе ги загубиме празнината е навистина голема“, рече пијанистката Ѓошевска.

За крај на вечерта која беше прекрасно романтично патување во светот на класичната музика таа ја изведе „Херојската полонеза“ од Шопен.

„Одлучив да ја оставам ’Херојската полонеза’ за крај затоа што се наоѓаме во една состојба на светска пандемија и мислам дека е потребно да го одржиме духот на едно повисоко ниво, да бидеме храбри, да бидеме позитивни, со надеж дека оваа светска пандемија што побргу ќе заврши и повторно ќе се дружиме во полни сали со многубројна публика славејќи ја уметноста како што ѝ доликува“, порача пијанистката.

Изминатиот период, кога здравствената криза се одрази и врз уметноста, пијанистката Марија Ѓошевска, како што вели и самата, утеха нашла токму во музиката, посветувајќи се максимално на сопственото музицирање, но и на онлајн наставата со студентите на кои им предава на Факултетот за музичка уметност.
 
Содржината е прочитана 51 пати.